Постот дезинформира дека присуството на „Скопје прајд“ било за пари и храна

Фото: ФБ Скопје прајд

Организаторот на настанот на кој присуствуваа и македонски политичари и претставници на дипломатијата (присутна беше амбасадорката на САД), демантира дека испраќал  пораки со покани, а исто така, не ветувал ниту финансиски надоместок и оброци во замена за присуство на настанот „Скопје прајд“

Организаторот на настанот на кој присуствуваа и македонски политичари и претставници на дипломатијата (присутна беше амбасадорката на САД), демантира дека испраќал пораки со покани, а исто така, не ветувал ниту финансиски надоместок и оброци во замена за присуство на настанот „Скопје прајд“

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува наводна СМС комуникација меѓу непознати телефонски броеви (прекриени се на фотографијата). Во постот пишува:

Еве го оригиналот. Вака изгледа скапата пропаганда за воведување (не)морален апартхејд – владеење според (не)моралните норми на една малцинска заедница.

Во СМС пораките стои:

  • Мил Господине, Ве покануваме Скопје Прајд 2023 на 24 јуни сабота, 17 часот во паркот жена борец, сплотени, гласни и горди да маршираме за поддршка, еднаквост на ЛГБТ заедницата. Однапред ви благодариме на присуството
  • Море носете се мрднати
  • Ве молиме нема потреба да бидете вулгарни, ако сè уште не сте одлучни да дојдете Ве информираме дека за Вашето присуство следи паричен надомест оброк пијалаци, кондоми и лубриканти. Love is Love.

Оваа фабрикувана СМС комуникација се ширеше на социјалните мрежи во пресрет на одржувањето на Скопје прајд 2023 година, што се случи на 24 јуни, под мотото „Гласни и горди“, а организиран од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Скопје прајд започна во паркот жена борец во 17 часот, каде учесниците откако се собраа почнаа протестен марш по скопските улици, а настанот заврши со културно-забавна програма на стадионот на Армијата во Градскиот парк.

Организаторот на настанот на кој присуствуваа и македонски политичари и претставници на дипломатијата (присутна беше амбасадорката на САД), демантира дека испраќал пораки со покани, а исто така, не ветувал ниту финансиски надоместок и оброци во замена за присуство на настанот „Скопје прајд“.

Тимот на Скопје прајд никогаш не испраќал покани кои нудат исплата на средства или каков било надоместок во замена со присуство на настаните во наша организација, ниту пак, тоа некогаш ќе го прави. Оваа порака не е испратена од нас, се оградуваме од каква било поврзаност со истата. Демантираме сè што е поврзано со овој пост, велат од „Скопје прајд“ за Вистиномер.

Организаторот пред одржувањето на настанот на Фејсбук информираше дека е забрането внесување на остри и стаклени предмети, пиштоли на вода или  какви било предмети од сличен тип, балони, пиротехника и оружје. На посетителите им беше препорачано плаќањето на храната и пијалаците на Стадионот на АРМ да се врши со картичка или со точна сума на кеш. Поради безбедносни аспекти заминувањето од Прајдот беше препорачано да е во групи од по неколку луѓе и без видливи обележја како симболи или знамиња.

Од самата препорака храната и пијалаците да се плаќаат со картичка или со точна сума на пари во кеш, произлегува дека на настанот немало бесплатен оброк, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме.

Од пораките кои се споделени во постот, не може да се видат телефонските броеви на комуникацијата. Исто така, можно е пораката да е графички изменета, односно да станува збор за графички создадена содржина која никогаш не била вистинска порака, но можно е и некој со намера да ја манипулира јавноста со умисла да ја испратил пораката на друг број.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција