Нема докази дека причина за прекумерната смртност во Австралија е ковид вакцината

Сиднеј Фото: Simon auf Pixabay

Досега воопшто не е докажано причините за прекумерната смртност во Австралија се поврзани со вакцините против ковид-19. Напротив, бројни медицински лица, научници, претставници на владини тела, истражувачи, сугерираат дека причините се покомплексни и во најголем дел се поврзани со самата болест ковид-19, како и со непристапноста до медицинска нега за други болести во текот на пандемијата. Удел има и тоа што делта варијантата се појави во Австралија и почна да коси

Досега воопшто не е докажано причините за прекумерната смртност во Австралија се поврзани со вакцините против ковид-19. Напротив, бројни медицински лица, научници, претставници на владини тела, истражувачи, сугерираат дека причините се покомплексни и во најголем дел се поврзани со самата болест ковид-19, како и со непристапноста до медицинска нега за други болести во текот на пандемијата. Удел има и тоа што делта варијантата се појави во Австралија и почна да коси

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Најголема смртност до сега…

Причината за најголема смртност во Австралија после масовната ковид вакцинација ќе биде истражувана од Сенатот.

Иако причината е сосема јасна, сепак се користат избрани зборови за нејзиното објаснување без да се посочи директно на форсираната масовна вакцинација како најголем фактор за најголемата смртност во Австралија.

Ова е прва официјална истрага во светот од овој тип.

Потоа се споделува напис во кој се вели дека комитет во Сенатот на Австралија ја почнува првата истрага во светот за да се откријат причините за прекумерната смртност, а првиот извештај со наодите треба да им биде готов во август. Според изнесеното во текстот, 30 илјади луѓе над очекуваното според историските трендови починале во Австралија меѓу 2021 и 2023 година.

Но, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, нема докази дека „најголемата причина за прекумерната смртност во Австралија е ковид вакцинацијата“. Вакцинацијата против ковид во Австралија почна на 22 февруари 2021 година.

Како што пишува „Асошиејтед прес“, и покрај тоа што во Австралија има прекумерна смртност, сепак вакцинацијата против ковид не е причинителот за тоа. Владини претставници и експерти во Австралија велат дека зголемувањето на смртноста во Австралија е резултат на инфекциите од ковид-19.

Истражување на Институт од Австралија, кој констатираше дека прекумерната смртност во Австралија расте, нотира дека ова не е благодарение на вакцините против ковид ,туку пишува дека „вакцината има незначителен удел во ова“.

Институтот атрибуира две третини од вкупно 20 илјади случаи на прекумерна смртност на самата ковид пандемија!

Во извештајот се наведува дека 10.300 смртни случаи од 20 илјади, биле директно поврзани со болеста ковид-19. Во 2.900 други случаи вирусот бил дополнителен фактор кој имал удел во смртта, но не бил примарен причинител. Задоцнетата медицинска помош и рутинска грижа за болести кои не се поврзани со ковид-19, исто така биле битни фактори во зголемувањето на смртните случаи. Притисокот врз здравствениот систем на Австралија најверојатно водел до тоа пациентите да не ја добијат грижата која им била потребна, пишува во извештајот.

Истрагата за прекумерната смртност во Австралија е во тек, крајните резултати ќе бидат сумирани во извештај. Но, бројни научници веќе сугерираат дека други се причините поради кои и во светски рамки доаѓа до прекумерна смртност.

Да беа вакцините причината за прекумерната смртност во Австралија, тогаш требаше во 2021 година да има најголем раст на случаите со прекумерна смртност, што не беше случај. Таа година имаше администрирано најголем број на вакцини, а имаше релативно малку ковид. Но, очигледно е дека тоа не е образецот односно трендот во Австралија, изјави за Асошиејтед Прес Џејмс Трауер професор на Монаш Универзитетот по биостатистика. 

Портпаролот на Австралискиот оддел за здравје, Џејсон Донхоу за Асошиејтед прес изјави дека сите извештаи за безбедноста на вакцините досега се позитивни и дека само во исклучително ретки случаи тие може да доведат до фатален исход. Најголемиот број на смртни случаи после вакцинација против ковид, се предизвикани од коморбидитет, односно пропратна состојба која ја имал пациентот.

Нема кредибилен доказ за да се каже дека вакцините против ковид-19 придонеле за прекумерната смртност, вели Донхоу.

Даниел Демант, предавач по јавно здравје на Универзитетот за технологија во Сиднеј, забележува дека смртните случаи предизвикани од инфлуенца и пневмонија, во 2020 година биле невообичаено малку поради тоа што имаше локдаун и други мерки кои Австралија ги воведе за да го забави ширењето на коронавирусот.

Но, како што забраните беа олабавувани, на крајот на 2021 година, смртните случаи од ковид-19 почнаа да растат бидејќи Австралија беше соочена со нова варијанта на коронавирусот, односно делта варијантата.

Тоа се нарекува „дефицит на смртноста” (mortality deficit), односно тоа е идејата дека некои од неодамнешните смртни случаи се луѓе кои поради рестрикциите и локдаунот во 2020 не починале, односно биле заштитени, а потоа во 2021 и 2022 кога рестрикциите повеќе ги нема, починале тогаш, вели Демант.

Во извештајот се забележува дека Агенцијата за терапевтски добра на Австралија (владино тело слично на македонската Агенција за лекови и медицински средства), која е задолжена да ги регулира вакцините, потврдила дека имало 14 случаи во Австралија, во кои смртта на лицата е поврзана со вакцинација, од вкупно илјада случаи кои се пријавени во агенцијата, пишува Асошиејтед прес. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција