Сè уште се реконструира патот Битола – Ресен – Буково
ПРОЕКТ: РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ БИТОЛА-РЕСЕН–БУКОВО
Рехабилитацијата на делницата во должина од 27 км опфаќа комплетно вадење на стариот асфалт и поставување на нов асфалтен слој по целата должина на делницата. Исто така, ќе се постават нови банкини и заштитници и нова современа хоризонтална и вертикална сигнализација заради зголемување на безбедноста при патување и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Средствата за реализација на проектот ќе бидат обезбедени од Светската банка. (Буџет: проценета вредност околу 8 милиони евра. Рок: 2015-2016)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот „Рехабилитација на магистралниот пат Битола – Ресен – Буково“, е ветен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, „Проверено“ (2014-2018) во делот„Инфраструктура“ (Патна инфраструктура стр.53) и неговата реализација е во тек.
Во мај 2016 година медиумите информираа дека реконструкцијата на првата делница од магистралниот пат Битола- Ресен- Буково, во должина од седум километри, е во завршна фаза и дека е во тек асфалтирање на коловозот. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски тогаш рече дека до крајот на годината (2016) треба да бидат завршени активностите за обнова на овој регионален патен правец. Тој изрази надеж дека првите седум километри ќе бидат завршени за месец – два (јули 2016) и дел од патот од Битола кон Ресен да биде пуштен во употреба
Исто така, паралелно се работи на патот од Ресен кон Битола со што ќе се исполнат моите очекувања до крајот на годината комплетни да бидат рехабилитирани и санирани овие 27 километри. (Мисајловски)
На крајот на јули беше пуштена за сообраќај реконструираната делница (седум километри) од патниот правец Битола – Ресен.
Минатиот месец во медиумите имаше информација дека привршува реконструкцијата на патот Буково- Ресен – Битола и дека поголемиот дел од делницата веќе е послан со нов асфалт.
Нашите информации од теренот говорат дека сè уште се одвиваат активности за обнова на овој регионален патен правец, па според методологијата на „Вистиномер“ ова изборно ветување добива оценка „во тек“.
ИЗВОРИ:
- Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) „Инфраструктура“ (Патна инфраструктура стр.53) [Пристапено: 18.11.2016]
- Тајм.мк (06.05.2016): Делницата Битола – Ресен – Буково готова до крајот на годината [Пристапено: 18.11.2016]
- Билд (06. 05.2016): Патот Битола –Ресен – Буково ќе биде саниран до крајот на годината [Пристапено: 18.11.2016]
- Лидер (06.05.2016): Шест милиони евра за обнова на регионалниот пат Битола –Ресен – Буково [Пристапено: 18.11.2016]
- Пелагонија.мк (27.07.2016): Пуштен за сообраќај реконструираниот па Битола – Ресен [Пристапено: 18.11.2016]
- Сдк.мк (27.07.2016): Битола башка држава, никој не сече лента на новиот пат за Ресен [Пристапено: 18.11.2016]
- ОхридНет (14.10.2016): Привршува реконструкцијата на патот Буково -Битола [Пристапено: 18.11.2016]
- Спектра (15.10.2016): Привршува реконструкцијата на патот Буково -Битола [Пристапено: 18.11.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар