Сите вакцини против ковид се високо ефективни во спречувањето смртен исход

Фото: МОН

Анализата за ефикасноста на вакцините против ковид-19 во нашата држава, покажува дека вакцините од различните производители немаат голема разлика во нивната ефективност во спречувањето смрт од ковид-19, но има одредена разлика во спречувањето на хоспитализација од ковид-19. Анализата укажува дека една доза вакцина против ковид-19 не е дволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат барем две дози вакцина

Анализата за ефикасноста на вакцините против ковид-19 во нашата држава, покажува дека вакцините од различните производители немаат голема разлика во нивната ефективност во спречувањето смрт од ковид-19, но има одредена разлика во спречувањето на хоспитализација од ковид-19. Анализата укажува дека една доза вакцина против ковид-19 не е дволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат барем две дози вакцина

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

За првпат во Република Северна Македонија е спроведено официјално истражување за ефикасноста на вакцините врз популацијата во земјава, предводено од доктор Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд – истражувач на Институтот Каролинска, Стокхолм, Шведска,  во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

Почетокот на вакцинирањето во државата бил на 17 февруари 2021 година, додека во системот се регистрирани 190 граѓани кои биле вакцинирани надвор од државата во периодот од 15 јануари до 17 февруари 2021 година. Најмладите граѓани кои примиле вакцина биле на возраст од 11 години и затоа анализата на вакцинална ефективност на популационо ниво е ограничена на популација од 11 години и нагоре, изјави авторот на анализата, доктор Бабачиќ за „Вистиномер“.

Резултатите се охрабрувачки, исто како и финалните заклучоци од анализата. Во неа се потврдува дека вакцините против ковид-19 се високо ефективни и кај македонската популација во спречувањето на тешка болест и смрт од ковид-19. Вакцините од различните производители немаат голема разлика во нивната ефективност во спречувањето смрт од ковид-19, но имаат разлики во спречувањето на хоспитализацијата од ковид-19. Анализата укажува дека една доза вакцина против ковид-19 не е дволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат барем две дози вакцина.

Сите вакцини покажале висока ефективност, над 91 отсто, во спречување смрт од ковид- 19.
Во анализа на 66.942 лица кои примиле само една доза вакцина од кој било производител, се покажала значително пониска ефективност во спречување смрт од ковид-19, која коригирана за пол и возрасни групи изнесува 39.140 отсто.

Како што е посочено, истражувањето е на доброволна основа, истражувачите немаат конфликт на интереси и немаат примено финансиски надомест за истражувањето.

Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината на „Фајзер“ и вакцината на „Синовак“. Како што може да се види од табелата подолу, две дози вакцина од Фајзер примиле 265,374 лица, а две дози од Синовак примиле 221.121 лице. 

Фајзер, Синовак и Астра Зенека се најефективни во спречување хоспитализација

Од крајот на февруари до крајот на септември годинава, вкупно 30.136 лица биле хоспитализирани од ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјава. Од нив 6.542 починале (21.708 отсто од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците починале во рок од 8 дена по хоспитализација.

Од 15.01.2021 до 30.09.2021 г., од вкупно 16.691 хоспитализации, 1.114 биле регистрирани по вакцинација кај 701.148 целосно вакцинирани (0.159 отсто), додека 15.577 хоспитализации биле регистрирани кај 1.119.139 невакцинирани (1.391 отсто).  Грубата процена на ефективноста на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 88.727 отсто, се наведува во истражувањето.

Интересно е дека постарата возраст и машкиот пол значително ја намалуваат ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаат околу 76 отсто поголем ризик да бидат хоспитализирани, од оние под 65 години, а мажите имаа околу 23 отсто поголем ризик од хоспитализација од жените.

Највисока ефективност во спречувањето на хоспитализациja се постигнува со две дози од ковид-19 вакцината на „Фајзер“, потоа таа на „АстраЗенека“ и на Коронавак од „Синовак“, сите со ефективност над 92 проценти.
Вакцините на „Синофарм“ и Gam-COVID-Vac – (Спутник В – производител Gamaleya Institute) покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но сè уште имаа висока ефективност, над 80 отсто.
Во анализа на 65.837 лица кои примиле само една доза вакцина од кој било производител, се покажало дека се добива значително пониска ефективност во спречување хоспитализација од  ковид-19 и по корекција за пол и возрасни групи, таа изнесувала 40.918 отсто.

 

Постарата возраст и машкиот пол се зголемен ризик за смрт од ковид 19

Вкупно 17.823 смртни случаи се регистрирани во периодот на следење на студијата, од кои 3.947 биле смрт од регистрирана ковид-19 (22.145 отсто). Просечната возраст на умрените од ковид-19 изнесувала 70 години, половина од умрените биле под 71 година, најмладиот починат бил на 15 години а најстариот на 99 години.
Од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи на ковид-19 во периодот од 15 јануари 2021 до 30 септември 2021, само 179 смртни случаи беа регистрирани кај 712.587 индивидуи кои биле целосно вакцинирани (0.0251 отсто), додека 3.642 смртни случаи беа регистрирани кај 1.106.574 индивидуи кои биле невакцинирани (0.329 отсто). Со тоа, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесуваше 92.39 отсто, се вели во истражувањето.
Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеа и врз ризикот од смрт од  ковид-19, при што оние на возраст од 65 години и нагоре имале речиси двојно поголем ризик од смрт од ковид-19, а мажите имале околу 28 отсто поголем ризик од жените да починат од ковид-19. По коригирањето за пол и возраст, ефективноста на примени две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од ковид-19, изнесуваше 94.064 отсто.
Засебната коригирана ефективност на вакцините од различен производител е дадена во  следната табела.

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција