Путин го негира украинскиот идентитет, а обвинувањата за наводен геноцид се изговор за нападот на Украина 

Фото: kremlin.ru

Постот дезинформира и манипулира кога тврди дека Русија не го негира украинскиот идентитет, дека Русија го бранела руското малцинство врз кое се вршело геноцид од страна на некакви инсталирани власти. Сето ова е погрешно и во согласност со руската интерпретација на работите со кои Путин го оправда својот напад врз Украина

Постот дезинформира и манипулира кога тврди дека Русија не го негира украинскиот идентитет, дека Русија го бранела руското малцинство врз кое се вршело геноцид од страна на некакви инсталирани власти. Сето ова е погрешно и во согласност со руската интерпретација на работите со кои Путин го оправда својот напад врз Украина

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој изнесува манипулативни тврдења во врска со војната во Украина. Постот, меѓу другото, го тврди следното:

Прво, Русија не го негира украински идентитет ниту самобитност, туку едноставно со воената операција го заштитува руското малцинство во Украина од репресијата и геноцидот што го спроведуваа неолибералините квинслизи инсталирани во Украина. Ако воопшто се прави паралела на нашата ситуација со украинската, тогаш ние Македонците ја имаме улогата на руското малцинство во Украина, а Бугарите улогата на Укронацистите.

Прво, невистина е дека Русија не го негира украинскиот идентитет и самобитност, а тоа може да се види и од изјавите на рускиот претседател Владимир Путин.

Откако Путин нареди војници во двата региона под контрола на бунтовниците во источна Украина, Донецк и Луганск,  признавајќи ги регионите како независни, тој се врати на познатиот аргумент што Кремљ го турка со години дека тврдењето на Украина за државност е целосно неосновано. Во телевизиско обраќање до нацијата (21.02.2022), Путин експлицитно негираше дека Украина некогаш имала „вистинска државност“ и рече дека земјата е составен дел од „сопствената историја, култура и духовен простор на Русија“.

Говорот на Путин, кој траеше речиси еден час, беше нов пресврт во долготрајната битка за дефинирање на местото на Украина во светот. Во него, Путин го изрази своето верување посилно од кога било досега дека Украина е суштински руска, дека нејзините три децении како нација-држава се некохерентни и дека земјата го должи своето постоење на низа грешки што ги напаѓа советските лидери.

Во телевизискиот говор, Путин ја повтори својата загриженост за можното проширување на НАТО во Украина, опишувајќи го како „директна закана“ за националната безбедност на Русија и направи провокативни толкувања на украинската историја.

Меѓу другото, рускиот претседател тврдеше дека „Украина никогаш немала традиција на вистинска државност“ и дека нацијата сега позната како Украина била креирана од советскиот лидер Владимир Илич Ленин кој ја „исклесал“ оваа советска република  од  руска земја.

Тој даде серија слични аргументи во есеј објавен 2021 година насловен „За историското единство на Русите и Украинците“.

Во него, тој елаборира за своето тврдење дека Украинците и Русите се „еден народ“. На пример, Путин тврди дека Украина не постоела како посебна држава и никогаш не била нација. Наместо тоа, тврди тој, украинската националност секогаш била составен дел на тројната националност: руска, белоруска и украинска. Путин, исто така, пишува дека Русите, Украинците и Белорусите имаат заедничко наследство – наследството на царството познато како Киевска Русија (862–1242), кое било лабава средновековна политичка федерација лоцирана во денешна Белорусија, Украина и дел од Русија.

Путин и во 2019 година рекол дека Русите и Украинците сочинуваат една нација и оти земјите треба да најдат начин да се интегрираат. Овие коментари рускиот претседател ги дал во интервју со американскиот филмски режисер Оливер Стоун на 19 јуни 2019 година. Материјалот од интервјуто беше искористен во филмот на Стоун за Украина, а целосниот транскрипт беше објавен од Кремљ.

Верувам дека Русите и Украинците се еден народ… една нација, всушност. Кога овие земји кои сега се јадрото на Украина и се приклучија на Русија… никој не се мислеше себеси како ништо друго освен Руси. Во светлината на оваа врска, можеме да го искористиме ова како наша конкурентска предност за време на некоја форма на интеграција, рече Путин.

Второ, не е точно дека во Украина се вршело репресија и геноцид врз руското малцинство, како што се тврди во постот и Вистиномер на оваа тема веќе има пишувано.

Со цел да го оправда својот напад врз Украина, Русија постојано нагласува дека треба да се запре „геноцидот“ врз Русите во Украина, којшто го спроведуваат украинските национални радикали. И рускиот амбасадор во Северна Македонија, Сергеј Баздникин, два дена по нападот на Русија врз Украина, во колумна објавена во весникот „Нова Македонија“, исто како и претседателот Путин, ги користи термините „демилитаризација“ и „денацификација на Украина.

Терминот „геноцид“ е дефиниран со Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година како „злосторство на намерно истребување на национална, етничка или религиозна група или припадник на раса“. Дури и мисиите на ОБСЕ, кои, со согласност на Москва, редовно вршат истраги во сепаратистичките области, не пронашле никаква основа за наводите за геноцид.

Според податоците на ОН од 2021 година, во конфликтите во источна Украина досега животот го загубиле околу 3.000 цивили. Според извештајот на ОБСЕ, најголем број цивилни жртви биле убиени во артилериски напади.

Употребата на терминот „денацификација“ во конотација со Украина е сосема погрешно, оценува политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд посочува дека во Украина има десничарски екстремни сили, кои сепак се слаби во споредба со другите европски земји.

На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите, посочува Умланд.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.

Трето, во Украина нема „инсталирани неолиберални квинслизи“. Претседател на Украина е Володимир Зеленски кој беше  избран на демократски избори спроведени во 2019 година.

Зеленски победи во вториот круг од претседателските избори. Според податоците, тој освои дури 73 проценти од гласовите. Тој победи и во првиот круг од гласањето три недели претходно, кога имаше 39 кандидати.

Зеленски го победи тогашниот претседател Петро Порошенко, кој освои 25 проценти од гласовите.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот дезинформира и манипулира кога тврди дека Русија не го негира украинскиот идентитет, дека Русија го бранела руското малцинство врз кое се вршело геноцид од страна на некакви инсталирани власти. Сето ова е погрешно и во согласност со руската интерпретација на работите со кои Путин го оправда својот напад врз Украина. Според тоа, постот кој го анализираме, го оценуваме како невистинит.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција