Руската амбасада по урнекот на Лавров „го одбележа“ признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на РПЦ

Фото: Мета.мк

Амбасадата на Руската Федерација во Скопје денеска се приклучи на значителниот број профили на социјалните мрежи и македонски медиуми и извести за вчера донесената одлука на Руската Православна Црква – Московска Патријаршија за признавање на автокефалноста на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Со двата твита, руската амбасада, иако навидум суво фактографски се занимава со ова случување битно за православните верници, всушност во некоја рака ја продолжува политиката на првиот човек на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој црковните теми и проблемот на непризнавањето на МПЦ-ОА опширно ги споменуваше во своето интервју пред малку повеќе од еден месец, користејќи ги како адути за промовирање на руската позиција среде актуелната криза поврзана со агресијата врз Украина.

 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервјуто за Асоцијацијата „Наше Кино“ кое беше објавено на официјалната веб-страница на руското МНР, тогаш говореше за наводни активности на Западот на антируска линија, наспроти расположението „на Црногорците и Македонците“, односно дека постои впечатлива разлика помеѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствувале кон Русија и она што Брисел, ЕУ и НАТО ги принудувале нивните политичари да го прават.

Во овој свој одбранбен наратив за Русија, тој потегот на СПЦ да додели автокефалност, односно враќањето на заедништвото на СПЦ и МПЦ-ОА го поставува како добредојден чекор за воспоставување единство со РПЦ, користејќи ги притоа црковните релации како „потврда“ за своите тврдења дека и македонскиот народ, внесен во една анти-руска акција водена од Западот, всушност мисли поинаку.

На тоа интервју на Лавров, реагираше македонското министерство за надворешни работи (МНР), кое порача дека рускиот министер за надворешни работи манипулира со чувствата на православните верници во обид за промоција на своите геополитички ставови.

„Во интервјуто се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ- ОА за промовирање на своите геополитички ставови“, се вели во реакцијата на македонското МНР.

Инаку, на вчерашното заседание на Светиот Синод на Руската Православна Црква бил ислушан извештајот на Патријархот Московски и на цела Русија Кирил за давањето автокефалија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на СПЦ. Потоа е донесена одлуката РПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да го внесе нејзиниот поглавар Г.г. Стефан во светите диптиси.

Синодот реши да Му заблагодари на Господ Бог за оствареното на канонски основи решение на проблемот со статусот на Православната Црква во Северна Македонија и да ја признае Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија за автокефална Црква-Сестра, и го впиша името на нејзиниот Претстојател, Блажењејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан во светите диптиси, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на РПЦ – Московска Патријаршија.

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција