Руско бомбардирање на „руската“ Одеса

Од годишната прес-конференција на Путин, 14.12.2023 Фото: en.kremlin.ru

Рускиот претседател Владимир Путин и на маратонскиот медиумски спектакл по пауза од една година поради војната во Украина, не пропушти да каже дека „Русите и Украинците се еден народ“, дека „Одеса е руски град“. За цинизмот на Путин доволно говори тоа што ноќта пред интервјуто, а и денови потоа, „руската Одеса“, беше цел на крвав напад со дронови и со ракети од страна на руската војска, при што имаше и цивилни жртви. Руската дезинформациска машина почна да форсира наратив во стилот „ние сме мирољубиви во Украина, видете што прават во Газа“. Обединетите нации во изминатите недели излегоа со две пораки: рекорден број убиени во израелско-палестинските конфликти и рекорден број на загинати новинари

Рускиот претседател Владимир Путин и на маратонскиот медиумски спектакл по пауза од една година поради војната во Украина, не пропушти да каже дека „Русите и Украинците се еден народ“, дека „Одеса е руски град“. За цинизмот на Путин доволно говори тоа што ноќта пред интервјуто, а и денови потоа, „руската Одеса“, беше цел на крвав напад со дронови и со ракети од страна на руската војска, при што имаше и цивилни жртви. Руската дезинформациска машина почна да форсира наратив во стилот „ние сме мирољубиви во Украина, видете што прават во Газа“. Обединетите нации во изминатите недели излегоа со две пораки: рекорден број убиени во израелско-палестинските конфликти и рекорден број на загинати новинари

 

Дезинформациите за Украина и наративите врз кои почиваат беа сублимирани во обраќањето на рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на годината (14.12.2023), а доминираа оние дека Западот и Европа се виновни за сè што се случува, вклучувајќи ја и агресијата од 2022 г., но, овој пат, наративите ги засили со историската компонента за братски народи кои не сакајќи војуваат едни против други зашто биле принудени.

 

Прв медиумски спектакл на Путин по инвазијата врз Украина

Рускиот претседател во мега интервјуто, прво по инвазијата на Украина од 2022 г.,  рече дека настојува да го обезбеди суверенитетот на Русија и нејзините граници:

Постоењето на Русија без суверенитет е едноставно невозможно…, главната задача е да се зајакне суверенитетот на Русија.

Путин додаде дека покрај безбедноста на границите, една од неговите главни задачи како претседател е и зајакнување на одбранбената способност на Русија и правата и слободите на граѓаните.

Путин за време на интервјуто. Фото: Скриншот

Запрашан за тоа кога ќе заврши војната во Украина, која официјално се нарекува „специјална воена операција“, Путин ги повтори дезинфо наративите од 24.02.2022 г. кога започна инвазијата од големи размери:

Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели. Тие не се менуваат. Ќе ве потсетам за што разговаравме – денацификација и демилитаризација на Украина и нејзин неутрален статус. Што се однесува до демилитаризацијата, тие не сакаат да преговараат, па потоа сме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени мерки, изјави Путин, во интервјуто, а чии делови беа широко пренесени преку медиумите на македонски јазик.

Оценувајќи дека „не направиле ништо лошо“, Путин ја раскажа неговата верзија на поновата историја на Украина и на руско-украинските односи:

Русите и Украинците се во суштина еден народ, а она што сега го гледаме е голема трагедија која наликува на граѓанска војна меѓу браќа од спротивставени страни. И тоа не е ни нивна вина, целиот југоисток на Украина отсекогаш бил проруски, тврди Путин.

Сѐ започна со пучот во Украина во 2014 година. Со децении, децении дававме сѐ од себе за да воспоставиме нормални односи со Украина. Дури и по она што всушност беше државен удар, на Виктор Јанукович не му беше дозволено да ја преземе функцијата. Тој победи на изборите, но најавија трет круг, што е ова освен пуч?, запраша Путин.

Во исто време, по државниот удар во 2014 година во Русија, сфатија дека на Москва нема да ѝ биде дозволено да гради нормални односи со Украина. Западните земји беа гаранти на договорот меѓу владата на Јанукович и демонстрантите, но по кратко време организираа и рушење на легитимната власт. Сето ова доведе до трагедијата што сега ја доживуваме, а Европа немо стои и гледа, нагласи Путин.

Тој уште еднаш потсети дека Русите и Украинците се еден народ и преку примерот на Одеса:

Одеса е руски град, сите го знаат тоа, но тие измислија историски глупости, а ние по распадот на СССР се помиривме со тоа, објасни тој.

Цинизмот во овој дел од дезинфо наративот на Путин се гледа и по тоа што во текот на ноќта пред интервјуто, а и денови потоа, „руската Одеса“, беше цел на крвав напад со дронови и со ракети од страна на руската војска, при што имаше и цивилни жртви. Инаку станува збор за повторување на историскиот дезинфо наратив, кој последен пат беше употребен во есеј на Путин од 2021 година, а претходно во коментар на документарниот филм за него од познатиот режисер Оливер Стоун, нешто што било рецензирано од „Вистиномер“.

 

Руски поглед на настаните во Газа

Во над тричасовното интервју Путин зборуваше и за многу други аспекти од војната во Украина, повторувајќи дека западната помош еден ден ќе ја снема, за што многу му помогнаа примерите од почетокот на месецот од Словачка, Чешка, како и противењето во американскиот Конгрес да одобри нови транши на голема финансиска и помош во милијарди долари, а не заборави да го пофали и унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата политика.

Дезинфо наративите во говорот на Путин беа збогатени и со паралела со Газа:

Она што се случува во Газа е катастрофа. Погледнете ја специјалната воена операција и што се случува во Газа и почувствувајте ја разликата. Ништо слично не се случува во Украина.

Русија започна да го ползува конфликтот во Газа меѓу Израел и Хамас уште од 7 октомври 2023 г. и да го злоупотребува отсуството внимание на меѓународната јавност од военото поле и бомбардирањата на украинските населени мести, но, за прв пат од највисоко место руската дезинформациска машина многу прецизно го дефинираше новиот наратив кој би можел да се опише „ние сме мирољубиви во Украина, видете што прават во Газа“.

Од пречекот на Путин во ОАЕ. Фото: скриншот

Пред интервјуто, Путин ја искористи и ретката посета во странство на Обединетите Арапски Емирати за да го преплави светот со снимките и гламурозноста на пречекот преку провладината ТАСС, со цел да се испрати порака дека Русија и тој лично се уважувани и почитувани во земјите што не се дел од Европа и Северна Америка. Тоа, пак, поттикна дезинформации на социјалните мрежи при што „Вистиномер“ рецензираше една од нив.

 

Газа – хуманитарната состојба се влошува, бројот на жртвите го сруши рекордот

Хуманитарниот аспект на состојбата со Палестинците во Газа, со акцент повторно и на децата, останува во доменот на информациите и дезинформациите што доаѓаат од Израел, додека бројот на убиени Палестинци во Газа после 11-12 недели судири надмина 20 илјади.

Ова се должи на продолжувањето на борбите откако со крајот на ноември заврши едонеделното примирје во кое Израел и Хамас разменија притворени Палестинци и киднапирани заложници Израелци и странци по настаните од 7 октомври.

Обединетите нации во изминатите недели излегоа со две пораки: рекорден број убиени во израелско -палестинските конфликти и рекорден број на загинати новинари.

Специјалниот пратеник на Обединетите нации за блискоисточниот мировен процес, Тор Венесланд, пред Советот за безбедност изјави дека 2023 година завршува како една од најсмртоносните во историјата на палестинско-израелскиот конфликт и дека ситуацијата се влошува на речиси сите фронтови.

Акција на израелски војници во Газа. Фото: IDF.gov.il

Во исто време, Обединетите нации порачаа дека Газа станало најкобно место во светот за новинари и нивните семејства, зашто само од 7 октомври кога започна конфликтот, убиени се 64 новинари од кои 57 Палестинци. Истовремено, според Комитетот за заштита на новинарите, бројни се примерите на заплашување на новинарите и нивните семејства од страна на израелски безбедносни агенции.

Светската здравствена организација (СЗО) изрази неверување и огорченост дека се бомбардираат и преостанатите болници што работат, како што е болницата „Насер“ и дека таму умираат деца кои се донесени со ампутирани делови од тела и за да закрепнат. СЗО подоцна објави дека во Северна Газа нема функционална болница, додека во цела Газа од 36 функционални останале делумно само 9 здравствени установи. Во исто време, Хјуман Рајтс Воч соопшти дека Израел прави воено злосторство со тоа што намерно ги изгладнува жителите на Газа.

Сите овие оценки, вклучувајќи ја и британската оценка изречена преку премиерот Риши Сунак дека премногу цивили се убиени во Газа, уследија после Резолуцијата на ООН донесена на Генералното собрание со која се бара хуманитарен прекин на огнот и тоа после неколку обиди откако САД ја блокираше таквата резолуција на СБ за која се расправаше по барање на генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш. По ова, 20-тина земји од арапскиот блок поднесоа предлог резолуција на расправа во Генералното собрание. Притоа, 153 земји гласаа за оваа резолуција, во која стои и барањето за ослободување на заложниците што ги држи Хамас. Меѓу земјите што гласаа „ЗА“ беше и Северна Македонија. Само 10 земји беа против, меѓу кои САД и Израел, а од европските држави само Австрија и Чешка, додека другите 6 се помали, главно островски држави.

Фото: Колаж на WAFA.ps

Следниот ден, меѓутоа, со изјава на Нетанјаху дека ништо нема да го спречи Израел, беше објавено дека нивната армија започнала да ги поплавува подземните тунели што ги користи Хамас со вода која се пумпа од Средоземно море. Конфликтот продолжи до крајот на 2023 г. без посериозни изгледи да дојде до траен мир или да се наметне сериозно идејата за две држави на територијата на Израел како трајно решение, врз основа на првиот план на големите сили и ОН, од 1947 година.

Напротив, се најавува и можноста за нова интервенција на Израел во Либан.

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција