Сахарската прашина е природен феномен, а не намерно труење од воздух

Фото: Принтскрин видео ФБ пост

Сахарската прашина е природен феномен се јавува кога над Сахара се наоѓа циклон, односно вртложно движење, кое го крева песокот во повисоките слоеви на атмосферата. Ова е честа појава во пролетните месеци. Најголемата концентрација на пустински песок кај нас е во април и мај

Сахарската прашина е природен феномен се јавува кога над Сахара се наоѓа циклон, односно вртложно движење, кое го крева песокот во повисоките слоеви на атмосферата. Ова е честа појава во пролетните месеци. Најголемата концентрација на пустински песок кај нас е во април и мај

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека сахарската прашина која пред неколку дена ја зафати Европа, е јасен знак дека некој намерно не труе. Ова е невистина, сахарската прашина е природен феномен.

Песочна Сахара над Киев… Овие ќе не истроват сите.. Копилиња на ѓаволот…, пишува во објавата.

Поголемиот дел од Европа во текот на претходните денови беше под влијание на силен антициклон кој не дозволуваше облачноста и дождот да пристигне до нас. Силната јужна струја ни донесе пустински песок од Африка. На Фејсбук објавата што е предмет на оваа рецензија, споделено е видео кое е снимено во главниот град на Украина, Киев, на коешто се гледа како небото е кафеаво поради пустинскиот песок. Притоа, невистинито се тврди дека некој сака на овој начин да нè труе.

Но, ова нема никаква врска со труење, ниту пак, е можно на ваков начин да се трујат луѓето. Овој феномен се јавува кога над Сахара се наоѓа циклон, односно вртложно движење, кое го крева песокот во повисоките слоеви на атмосферата. Ова е честа појава во пролетните месеци. Најголемата концентрација на пустински песок кај нас е во април и мај.

Според веб-страницата на Met Office, сахарската прашина е мешавина од песок и прашина од Сахара, огромна пустинска област која го покрива поголемиот дел од Северна Африка. Силните ветрови креваат песок и прашина високо до небото, а кога ќе се подигнат од земјата, облаците од прашина можат да достигнат големи височини и да се пренесат низ светот.

За да падне прашината од небото на земјата, потребен е дожд. Како што паѓаат капките дожд, тие собираат честички од прашина и кога ќе паднат на нешто и испаруваат, оставаат зад себе слој прашина. Ова значи дека сахарската прашина доаѓа на тлото на Европа поради ветрот и е природна, а не вештачка појава.

Овој феномен се случува стотици, можеби илјадници години, вели Џејсон Данион, истражувач на урагани од Универзитетот во Мајами кој работи со Атлантската океанографска и метеоролошка лабораторија на Националната океанска и атмосферска администрација.

Лабораторијата користи сателити за да го следи она што го нарекува Сахарски воздушен слој. Тие го опишуваат како „маса од многу сув, правлив воздух што се формира над пустината Сахара во текот на доцната пролет, летото и раната есен“.

Топлиот, сув воздух и ветровите поврзани со воздушниот слој на Сахара може да го потиснат формирањето на урагани и бавното затоплување на океаните. Бидејќи облаците од прашина можат да ги потиснат бурите со грмотевици, земјата подолу може да забележи потопли температури. Прашината може да влијае и на квалитетот на воздухот, што може да биде опасност за луѓето со астма или други респираторни состојби.

Иако сахарската прашина може да има некои негативни ефекти, нема никакви докази дека некој намерно „нè труе“ со прашина од пустината, ниту пак, е јасно како таков потфат воопшто би бил возможен да се испланира и реализира.

Тврдењата за намерно труење на населението преку воздухот е дел од теоријата на заговор чија популарност не опаѓа со децении. Наводите дека нè „прскаат секој ден“ припаѓаат на децениската теорија на заговор за таканаречените кемтрејлс (скратено од „хемиски патеки“), која се споделува на нашите простори со години, а особено зачести за време на пандемијата. Вистиномер во повеќе наврати ги дебанкираше тврдењата дека некој нè труе од небото.

Според фактите, тврдењето дека некој нè „труе со пустински песок“, го оценуваме како невистина и теорија на заговор.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција