Се гради потпорниот ѕид во кумановско Гладно Поле
Изградба на потпорен ѕид во „Гладно поле” – стар дел
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во точката „Перо Чичо“ од делот „Моето маало“(стр. 30) од изборната програма со која бараше гласови од граѓаните на локалните избори во 2013 година, Зоран Дамјановски, тогашен градоначалник на општина Куманово и кандидат на СДСМ за нов мандат, вети и изградба на потпорен ѕид во месноста „Гладно Поле“ – стар дел, до крајот на мандатот, односно 2017 година.
Ситуацијата во моментов е таква што на изградбата на ѕидот се работи, односно исполнувањето на ова ветување на Зоран Дамјановски е во тек.
Пребарувањето на интернет за вести за реализацијата на ветеното доведе до неколку работи. Кумановскиот градоначалник го актуелизира прашањето на седница на Советот на општина Куманово на 17 февруари 2016 година, кога одговарајќи на прашање од советник, најавува дека наскоро ќе почне реализација на проектот, заедно со други проекти.
Завршена е постапка за реконструкција и тековно одржување на 30.000 метри квадратни и 7000-8000 метри квадратни се асфалтни површини, дупки, платна. Околу 10.000 метри квадратни е за бекатон во улички, тротоари. Опфатена ќе биде „Перо Стојмановски“ и распишана е „Црнотравска“, поголем зафат е. Потоа потпорен ѕид во Гладно поле, исто така е многу актуелен – кажа градоначалникот.
На 11 март годинава, одговарајќи на прозивка од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дамјановски вели дека наскоро ќе почне изградбата на потпорниот ѕид во Гладно Поле.
Градоначалникот најави дека ќе започнат и активности за потпорен ѕид во Гладно поле, а ќе бидат опфатени уште проекти како 26 километри канализациона мрежа. Обвинувањата се од политички причини рече првиот човек на градот.
Активностите почнуваат на крајот на август годинава, дознаваме од веста објавена на 26 август. Во неа се известува дека Општина Куманово продолжува со реализација на проектите, односно тампонирање на улици во атарот на село Тромеѓа, поставување на бекатон плочки во центарот на градот како и започнување со изградба на потпорен ѕид во населбата Перо Чичо (Гладно Поле).
Понови информации прелистувајќи го веб-сајтот на Општина Куманово не пронајдовме, па, според утврденото, исполнувањето на ова ветување е во тек.
ИЗВОРИ
- (2013) Зоран Дамјановски – Изборна програма за локалните избори 2013 година (стр. 30) [Пристапено на 04.10.2016]
- (17.02.2016) Куманово Њус – Ќе се реализираат повеќе инфраструктурни проекти [Пристапено на 04.10.2016]
- (11.03.2016) Бум Радио – ВМРО ДПМНЕ Бара асфалтирање на Крушевска република [Пристапено на 04.10.2016]
- (26.08.2016) иПОРТАЛ – (Фото) Општина Куманово со активности: Потпорен ѕид во Перо Чичо, тампонирање на улици во село Тромеѓа [Пристапено на 04.10.2016]
- Веб-сајт на Општина Куманово – Новости [Пристапено на 04.10.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар