Се шират невистини дека Вања била жртва на трговија со органи

Фото: Принтскрин

Според официјалните информации добиени од истрагата на МВР и ОЈО и исказите на осомничените во врска со убиството на малолетничката од Скопје, Вања Ѓорчевска била грабната и убиена со огнено оружје, а со цел да се изнудат пари за откуп од член на нејзиното потесно семејство. Нема никаква трговија со органи, ниту пак, некој криел такво нешто, како што тврди оваа објава

Според официјалните информации добиени од истрагата на МВР и ОЈО и исказите на осомничените во врска со убиството на малолетничката од Скопје, Вања Ѓорчевска била грабната и убиена со огнено оружје, а со цел да се изнудат пари за откуп од член на нејзиното потесно семејство. Нема никаква трговија со органи, ниту пак, некој криел такво нешто, како што тврди оваа објава

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која, објавувајќи фотографија од 14-годишната Вања Ѓорчевска, тврди дека таа била жртва на трговци со органи.

БРЗИТЕ УБИСТВА СЕ ОДЛИКА НА ТРГОВЦИТЕ СО ЧОВЕЧКИ ОРГАНИ.
НА МУШТЕРИЈАТА МУ СЕ БРЗА ТОЈ НЕМОЖЕ ДА ЧЕКА..
МИНИСЕРОТ ДА ПРЕСТАНЕ ДА НЕ ЛАЖЕ, стои во објавата која ја анализираме.

Профилот кој ги шири ваквите информации, не застанува тука. Тој понатаму во друга објава повикува на вооружен отпор против трговците со органи.

С.В.О.З.
СИТЕ ВО ОДБРАНА И ЗАШТИТА НА НАШИТЕ ДЕЦА.
РОДИТЕЛИ МОРАМЕ ИТНО ДА СЕ ОРГАНИЗИРАМЕ ВО ВООРУЖЕНИ ТИМОВИ ЗА ОДБРАНА И ЗАШТИТА НА НАШИТЕ ДЕЦА.
МОРА ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ДЕЦА ОД ТРГОВЦИТЕ СО ОРГАНИ.
МВР Е БЕСПОЛЕЗНО.
ПРЕМНОГУ КРИМИНАЛЦИ ВРАБОТИ ОЛИВЕР ВО МВР.
ИЗГЛЕДА И ТИЕ ШУРУВААТ СО КИДНАПЕРСКИТЕ ГРУПИ.
На крајот, следи и трета објава во која се посочува дека киднаперите на Вања наводно признале дека ги продале нејзините органи и дека тоа наводно го покажала и обдукцијата, но министерот за внатрешни работи на прес-конференција лажел.

 

ДАЛИ КИДНАПЕРИТЕ НА СОСЛУШУВАЊЕ ЕДНО КАЖАЛЕ А ОБИЏУКО НА ПРЕС ДРУГО НАС НЕ ЛАЖЕ.
ДАЛИ СНИМКИТЕ ОД КАМЕРИТЕ И ОБДУКЦИЈАТА НА ДЕВОЈЧЕТО ПРЕМНОГУ СЕ ОПАСНИ ЗА ОФИЦИЈАЛНИТЕ ЛАГИ ОД ПРЕСОТ НА ОБИЏУКО.
ДАЛИ ДЕВОЈЧЕТО Е ЖРТВА НА ТРГОВЦИ СО ОРГАНИ?

Тврдењата дека киднапираната па убиена 14-годишна тинејџерка од Скопје била жртва на трговија со органи, не се точни.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски, на 04 декември одржаа заедничка прес-конференција на која соопштија дека е расчистен случајот со убиството на Вања.

Случајот го расветлиле со помош на исказите од тројцата соучесници поткрепени со материјални докази.

Главниот мотив, како што соопштија Спасовски и Бубевски за убиството на Вања, бил – користољубие. Велешанецот Панче бил убиен поради долг од 500 евра, а девојчето заради обид да се изнудат пари од нејзината мајка. Како што рече Бубевски, според сознанијата, од страна на мајката имало продаден стан и средствата од тој стан биле мотив на изнудата. Според Бубебвски, сите овие работи ќе бидат проверени во текот на постапката. Во ниту еден момент Спасовски и Бубевски не спомнаа трговија со органи.

Исчезнувањето на Вања Ѓорчевска, според полицијата, прво го пријавила нејзината мајка, набргу по грабнувањето во 8.30 часот, а нешто подоцна, околу 11 часот истото го сторил таткото во полициска станица. Вања била убиена дента околу 10 часот, соопшти МВР.

На 5 декември, Основното јавно обвинителство Скопје информираше дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин, (едно на малолетно лице и едно од користољубие), заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.

Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените. На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на  нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот цитроен, соопшти ОЈО Скопје.

Значи, во соопштението јасно се наведува дека осомничените ја грабнале Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Повторно никаде како мотив не се спомнува трговија со органи.

Министерот Спасовски на синоќешната прес-конференција  , одговарајќи на новинарско прашање од што починала Вања, потврди дека тинејџерката била застрелана. И повторно, Спасовски во ниту еден момент не спомна дека станува збор за трговија со органи.

Како што информираа медиумите на 6 декември, била завршена обдукцијата на Вања, а нејзиното тело било предадено на семејството и таа беше погребана. Доколку имаше такво нешто како трговија на органи, како што се посочува во објавите што ги анализираме, очигледно е дека би имало некаква реакција од семејството во јавноста. Но, такво нешто немаше.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека, според официјалните информации добиени од истрагата на МВР и ОЈО и исказите на осомничените во врска со убиството на малолетничката од Скопје, Вања Ѓорчевска била грабната и убиена со огнено оружје, а со цел да се изнудат пари за откуп од член на нејзиното потесно семејство. Нема никаква трговија со органи, ниту, пак, некој криел такво нешто, како што тврди објавата што ја анализираме. Поради тоа, истата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција