Смртта на младиот италијански фудбалер Матија Џани нема никаква врска со вакцини

Фото: Kelvin Stuttard auf Pixabay

Младиот италијански фудбалер починал од срцев удар и нема докази оти причината за неговата смрт има каква било врска со некоја вакцина, како што тоа го тврди оваа објава. Таткото на Матија Џани, Сандро, во изјава за медиумите реагирал дека немало лекар на теренот кога неговиот син доживеал срцев удар и дека брзата помош стигнала доцна. Ситуации во кои фудбалери имале срцеви проблеми или кои колабирале на терен, не е ни новост ни реткост. Тие се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали

Младиот италијански фудбалер починал од срцев удар и нема докази оти причината за неговата смрт има каква било врска со некоја вакцина, како што тоа го тврди оваа објава. Таткото на Матија Џани, Сандро, во изјава за медиумите реагирал дека немало лекар на теренот кога неговиот син доживеал срцев удар и дека брзата помош стигнала доцна. Ситуации во кои фудбалери имале срцеви проблеми или кои колабирале на терен, не е ни новост ни реткост. Тие се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека младиот италијански фудбалер Матија Џани починал ненадејно, бидејќи бил вакциниран.

Нов случај,фудбалер почина од “нормална смрт” под 30 години….

Ама ка викте,Господ така сакал?!

Не бе не сакал Господ,тие шо ни “мислат арно”,сакале! Тие гратис шо боцкат,ДА ВА СПАСАТ!

Уште не сум чујал да бидиш болен од леукемија,рак (пример) и да ојш во болница,ГРАТИС ДА ТА ЛЕЧАТ!, стои во објавата.

Објавата споделува и напис кој ја пренесува веста за смртта на фудбалерот. Во неа се наведува дека Џани починал од срцев удар за време на натпревар од петтата италијанска лига, но никаде не се спомнува дека причината за тоа била некаква вакцина.

Како што објави италијанскиот портал Ла Национе, Џани закрепнувал од повреда и дента кога се вратил на фудбалското игралиште, доживеал срцев удар, но не е наведено каква повреда имал.

Сепак, написот на Ла Национе никаде не спомнува вакцини.

Такво нешто нема ниту во објавата на порталот Лунионе Сарда. Овој напис ја пренесува изјавата на таткото на младиот фудбалер, Сандро Џани, кој реагира дека брзата помош доцна пристигнала, а на теренот немало лекар.

Знам само дека докторот не беше таму на тој терен. И дека првата брза помош, без лекар, пристигна после 15 минути. Пред да пристигне брзата помош масерот се обиде да го реанимира мојот син, а потоа еден од гледачите кој работи како медицинска сестра слезе од трибините да помогне. Дефибрилаторот беше таму, но го користеше само лекарот што го превезуваше втората брза помош. Може ли вака да се умре?, коментира Сандро Џани за Ла Национе.

Значи, и таткото на младиот фудбалер никаде не спомнал дека причината за смртта на неговиот син е некаква вакцина.

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформации дека се зголемил бројот на фудбалери што колабирале од срцеви проблеми и дека спортисти умирале поради вакцината против ковид-19. Вистиномер на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.

Ситуации во кои млади фудбалери ненадејно починале или колабирале имало во минатото и пред појавата на коронавирусот и вакцините за заштита од вирусот. Ситуации во кои фудбалери имале срцеви проблеми или кои колабирале на терен не е ни новост. Тие се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали.

Во британскиот журнал за спортска медицина пишува дека ненадејно престанување на срцето со работа (cardiac arrest, commotio cordis – lat.) меѓу фудбалерите, не може точно да се каже колку често се случува, но може да се предвиди дека 1 од 65 илјади спортисти до 1 во 200 илјади спортисти ќе го доживее ова.

Заклучокот на овој журнал е дека ненадејно престанување на срцето со работа е катастрофален настан кој може да доведе до смрт кај млад, здрав фудбалер. За да се превенираат вакви настани се прават скрининзи пред натпревар, но овој скрининг има свои недостатоци поради кои вакви настани ќе се случуваат и во иднина во фудбалот.

На оваа тема има пишувано и Ројтерс, кој, исто така, дебанкирал вести кои тврделе дека млади спортисти починале од срцев удар како резултат на ковид вакцините.

Ројтерс разговарал со Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), британскиот регулатор за лекови и вакцини, од каде рекле дека нема докази за поддршка на таквите тврдења.

Главниот извршен директор на MHRA, д-р Џун Рејн изјавил за Ројтерс:

MHRA внимателно ја следи безбедноста и ефективноста на вакцините ковид-19, вклучително и извештаи за сомнително воспаление на срцето, миокардитис или перикардитис. Миокардитисот или перикардитисот останува многу редок потенцијален ризик од вакцините Фајзер и Модерна, а пријавените настани се типично благи, со поединци кои обично закрепнуваат за кратко време со стандарден третман и одмор. Тековните докази не сугерираат дека спортското вежбање е ризик кој придонесува за овие многу ретки настани.

Од организацијата Cardiac Risk in the Young (CRY), британска добротворна организација која финансира медицински истражувања и поддржува семејства на млади луѓе погодени од срцеви заболувања, за Ројтерс изјавиле дека „не биле свесни“ за какви било објавени или рецензирани истражувања за наводни врски помеѓу ненадејните застои на срцето кај спортистите и вакцините против ковид-19.

Важно е да се разбере дека младата ненадејна срцева смрт (и кај спортистите и кај општата популација) трагично не е нов феномен, рекле оттаму за Ројтерс.

Cardiac Risk in the Young (CRY), исто така, му ги посочиле на Ројтерс податоците објавени во 2008 година, кои покажале дека 12 „очигледно способни и здрави“ млади луѓе (на возраст од 35 години и помлади) умираат секоја недела во Обединетото Кралство од претходно недијагностицирани срцеви заболувања (www.c-r-y.org.uk/statistics/ и тука).

Кардиолозите во изјава за АП рекле дека има случаи на спортисти кои доживеале ненадејна срцева смрт и срцев удар долго пред пандемијата на ковид-19 и дека тие не забележале драматичното зголемување на вакви случаи, како што се сугерира на социјалните мрежи.

Вакви фабрикувани објави кои се дел од поширока антиваксерска кампања, имаат за цел да ја убедат јавноста дека вакцините се штетни и да предизвикаат страв и недоверба кон нив, притоа користејќи неточни информации. Затоа, овие сензационалистички објави на социјалните мрежи треба да се читаат со голема резерва и информациите споделени во нив да се проверат од неколку извори, а не веднаш да се верува во напишаното.

Од сето погоре напишано, можеме да заклучиме дека младиот италијански фудбалер починал од срецв удар и дека нема докази оти причината за неговата смрт има каква било врска со некоја вакцина, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме. Таткото на Матија Џани, Сандро, во изјава за медиумите реагирал дека немало лекар на теренот кога неговиот син доживеал срцев удар и дека брзата помош стигнала доцна. Ситуации во кои фудбалери имале срцеви проблеми или кои колабирале на терен, не е ни новост ни реткост. Тие се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали. Поради  сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција