Со монтирани фотографии се обвинуваат светски лидери дека се сатанисти

Фото: Принтскрин видео

Оригиналните фотографии се од настанот кој го приреди шпанскиот премиер Педро Санчез на 29 јуни, како дел од дводневниот самит на НАТО лидерите во главниот град на Шпанија. „Ројтерс“ во живо го емитуваше настанот и тој пренос може да го погледнете на следниот линк

Фотографиите во постот што го рецензираме се видоизменети (altered content) односно фотомонтирани за да прикажат сосема поинаква уметност со черепи и скелети, со цел да се претстави дека лидерите на НАТО поддржуваат сатанистичка уметност. Оригиналните фотографии се од настанот кој го приреди шпанскиот премиер Педро Санчез на 29 јуни, како дел од дводневниот самит на НАТО лидерите во главниот град на Шпанија

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделени фотографии од лидери на повеќе држави, направени во музеј пред повеќе уметнички дела за кои се инсинуира дека се сатанистички, односно содржат черепи и скелети. Во постот се вели:

Челниците на Г7 во Мадрид, после ритуалите си шеткаат на изложба кај нивниот ,,татко”. За овие ли сатанисти име сменивте? За оваа ли ЕУ нацијата македонска треба да се избрише? Зар овие ги избирате наместо живиот Христос и Бог наш? О луѓе, не сте ни свесни дека во ЕУ нација, народ, култура и вера нема – туку што ќе ти наметнат содомитите тоа ќе сркаш! Чувај не Господи од вакви отпадоци и чувај не подалеку од овие демонски сојузи (ЕУ,Нато,ООН…).

Ументичките дела пред кои се фотографирани лидерите на повеќе европски држави, се видоизменети, односно станува збор за фотомонтажа. Фотографиите од лидерите на НАТО се од музејот Прадо во Мадрид, Шпанија, но се дигитално изменети за потоа со нив да се тврди дека уметничките дела на кои има скелети и фигури со гас маски, се сатанистичка уметност.

Во постот што го рецензираме на фотографиите се претставени канадскиот премиер Џастин Трудо, британскиот премиер Борис Џонсон, а има и групна фотографија од посетителите на настанот. На друга фотографија фотомонтирана е сликата од францускиот претседател Емануел Макрон.

Фотографиите се визуелно изманипулирани. Оригиналните фотографии се од настанот кој го приреди шпанскиот премиер Педро Санчез на 29 јуни, како дел од дводневниот самит на НАТО лидерите во главниот град на Шпанија. „Ројтерс“ во живо го емитуваше настанот и тој пренос може да го погледнете на следниот линк.

Фотографијата од Трудо е на „Асошиејтед Прес“. Тој стои пред уметничко дело на Педро Рубенс.

Фотографијата на Џонсон оригинално покажува дека тој стои во близина на портрет на Титан, а двете слики од Макрон се оригинално направени од шпанската новинска агенција ЕФЕ. Тие се објавени во локалните медиуми и веб-страници.

Групната фотографија на присутните на настанот ги прикажува пред Лас Менинас на Диего Веласкес. Оригиналната фотографија може да се најде на Гети Имиџис.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека фотографиите во постот што го рецензираме се видоизменети (altered content) односно фотомонтирани за да прикажат сосема поинаква уметност со черепи и скелети, со цел да се претстави дека лидерите на НАТО поддржуваат сатанистичка уметност.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција