Содржината кон Запад, коментарите кон Исток: Што се објавува на Фејсбук за НАТО и ЕУ

Фото: Насловна страна на аналитичкиот извештај „Грешка 403: Забранет идентитет“ на Фондација Метаморфозис

Иако најпопуларните фејсбук постови во однос на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и НАТО се со позитивна конотација, коментарите најчесто се целосно негативни и проруски настроени. Во нив се тврди дека Македонците го губат својот идентитет, покажува истражувањето на Метаморфозис „Грешка 403: Забранет идентитет“

 

Прашањата околу интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и НАТО се меѓу најдоминантните политички теми во објавите на социјалните мрежи. Во своите Фејсбук постови, политичарите на власт постојано повторуваат дека ЕУ и НАТО се стратешки цели на државата од највисока важност, а од друга страна, се чини дека граѓаните сè повеќе се скептични во нивните зборови. Опозициските партии, пак, темите кои не им одговараат целосно ги избегнуваат. Истовремено, ја користат резигнираноста кај народот за свои цели и воедно ја зголемуваат скепсата кон двете институции.

Едно од клучните бојни полиња за дискурсот околу иднината на државата во ЕУ и НАТО несомнено се наоѓа на социјалните мрежи. Не само што политичарите и други пропагандисти преку нив можат директно да комуницираат со голем број луѓе, туку и граѓаните можат директно да си споделуваат содржини и мислења едни со други.

Последното истражување на Фондацијата Метаморфозис во рамки на проектот Бикон на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), насловено како „Грешка 403: Забранет идентитет“ покажува дека најголем дел од Фејсбук постовите околу НАТО и ЕУ се во позитивна конотација.

Но, целосната слика се добива ако се „скролне“ малку подолу и се погледнат коментарите на истите постови – речиси сите коментари на популарните објави поврзани со ЕУ и НАТО биле негативни во однос на членство во ЕУ и НАТО.

Повеќето коментари сугерираат дека со членството во ЕУ ќе се изгуби македонскиот идентитет, историја и јазик. Често се забележуваат и проруски ставови, а општиот наратив, стравот за загубата на идентитетот и јазикот, се совпаѓа со јазикот на проруската пропаганда, што укажува на влијанието на истата врз дел од народот.

Видовите на кориснички профили кои пишуваат негативни коментари варираат, но, според Метаморфозис, голем дел од коментарите се од анонимни акаунти или новокреирани акаунти со малку детали за својот личен живот. Ова укажува дека постои голема веројатност коментарите од таквите профили да се дел од организирана акција. Ова не е нечуено имајќи на ум дека поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ јавно открија уште во 2018 година дека партијата имала токму ваква „фарма на тролови“.

Ако повторно „скролнеме“, пак, нагоре, се гледа дека повеќето од најпопуларните објави поврзани со ЕУ и НАТО се објавени од профилите на јавните институции или од проминентни политичари од СДСМ.

Извештајот на Метаморфозис покажува дека политичарите и институциите на власт недоволно јасно објаснуваат што всушност претставува членство во ЕУ. Односно, ретко се образложува како членството во ЕУ би влијаело позитивно врз животите на просечниот граѓанин или пак какви точни последици би имале уставните промени кои Бугарија ги бара како предуслов за продолжување на преговори за членство во ЕУ.

Повеќето објави на функционерите на СДСМ промовираат средби, настани или потпишување на договори. Круцијално, истите ретко суштински објаснуваат како планираат да се справат со пошироките политички проблеми, како корупцијата и поделеното општество, што влева недоверба кај граѓаните.

Но, наративот против НАТО и ЕУ присутен во коментарите не се појавил од никаде – тој е поткрепен од разни актери.

ВМРО-ДПМНЕ во своите објави често креираат слика дека вредностите на ЕУ всушност не се демократски и ферски за потенцијалните земји-членки, имајќи ги на ум сите препреки со кои Северна Македонија се соочила на патот кон ЕУ. Дополнително, тие го шират наративот дека СДСМ, како и сите Македонци, се заложници на Албанците и албанските партии. Оваа партија и нејзините лидери речиси целосно избегнуваат да пишуваат на Фејсбук ништо колу членството на државата во НАТО.

Левица ги споделуваат ставовите со ВМРО-ДПМНЕ во однос на Европската Унија, но, за разлика од нив, тие во своите објави отворено стојат против НАТО. Лидерот на Левица Димитар Апасиев редовно го нарекува НАТО терористичка организација и ја обвинува владата што создава амбиент во којшто се чини оти нема друга алтернатива освен сојузништво со НАТО и ЕУ.

Левица, исто така, го шири рускиот наратив кој цели да сее страв околу загубата на идентитетот на помалите држави при западно влијание. Како доказ за ова, се повикуваат на тоа што во 2023 година молдавското собрание го прогласи романскиот, а не молдавскиот, за официјален јазик на државата. Од Левица тврдат дека до 2030 година истото ќе се случи во нашата држава, односно дека ќе се изгласа бугарскиот за официјален јазик.

Заедно со Молдавија, Левица ја користи и Украина како пример за држави кои се стигнати подалеку во преговорите за членство во ЕУ, иако наводно исполнуваат помалку услови за членство во однос на правата на малцинства и нивото на корупција.

Друг важен „сектор“ на социјалните мрежи кога станува збор за објави поврзани со НАТО и ЕУ, се националистичките фејсбук страници кои носат имиња како „По патот на македонската историја“ и „Sekula Vojvoda Fan Club“.

Иако овие фејсбук страници навидум имаат помалку следбеници во споредба со официјалните страници на политичките партии, според извештајот на Метаморфозис, тие имаат силно влијание поради тоа што нивните следбеници се органски. Односно, нивните фанови често коментираат на нивните објави и ги споделуваат нивните содржини, што е различно од профилите на политичарите, каде следбениците се „собрани“ преку спонзорирани содржини и истите немаат толку интеракција со нивните страници.

На националистичките фејсбук страници можат да се најдат популарни постови со провокативна и отворена поддршка за Русија и Кина и спротивставеност кон НАТО, ширејќи наративи како тоа дека НАТО ја води војната во Украина и ги принудува земјите-членки како Северна Македонија да платат за муницијата.

Ваквите страници се повикуваат на т.н. православно братство и сојузништво со Русија, често цитирајќи го амбасадорот на руската амбасада во Северна Македонија, Сергеј Баздникин.

Онлајн објавите на амбасадата, пак, ја претставуваат Русија како сојузник на Македонија, а себеси како жртва, ширејќи класични проруски аргументи како тоа дека НАТО ја држи Украина како заложник.

Низ сите овие испреплетени наративи присутни во јавноста, извештајот на Метаморфозис посочува дека медиумите недоволно адекватно ги покриваат истите теми. Се забележува отсуство на анализи и колумни во медиумите во однос на прашањата на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Имено, медиумите најчесто директно ги преземаат содржините на политичарите, кои, како што претходно беше наведено, ретко содржат суштинско објаснување за придобивките на членството во ЕУ и НАТО.

Оттаму, авторите на истражувањето им препорачуваат на медиумите да избегнуваат директно копирање на изјавите на политичарите при објавувањето за ЕУ и НАТО и да навлезат подлабински во истите теми, а на политичарите им препорачуваат да користат поконкретни примери во нивните објави и да избегнуваат премногу формален јазик.

Дополнително, се препорачува на власта во комуникацијата со јавноста да се дебанкираат одредени дезинформациски наративи во однос на интеграцијата на ЕУ и НАТО, користејќи ја совесно нивната голема присутност на социјалните мрежи.

Ова се само дел од работите кои можат да се преземат за да се стигне до поздрав и поинформиран онлајн простор. Целосниот извештај погледнете го на овој линк.

Како што посочуваат од Метаморфозис, главната алатка што се користела за добивање на податоците за овој извештај е Crowdtangle. Најпрво се дефинирани клучните зборови кои се користени за пребарување преку Фејсбук, од кои една група клучни зборови за мислења во кои е вклучена ЕУ, а друга за мислења во кои е вклучена НАТО.

Алатката Crowdtangle се користела за пребарување на објави на Фејсбук во првата половина од 2023 година кои ги содржат овие клучни зборови.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција