Студија на Универзитетот Јејл нема развиено технологија на вакцинација без согласност

Фото: pixabay.com

Студијата на Универзитетот Јејл за достава на мРНК преку интраназална вакцинација кај глувци, не покажува и не ја тестира можноста за користење на оваа технологија кај луѓе без нивна јасна согласност. Водечката авторка на студијата Александра Субери, за Ројтерс вели дека тврдењата во постовите на интернет се погрешни

Студијата на Универзитетот Јејл за достава на мРНК преку интраназална вакцинација кај глувци не покажува и не ја тестира можноста за користење на оваа технологија кај луѓе без нивна јасна согласност. Водечката авторка на студијата Александра Субери, за Ројтерс вели дека тврдењата во постовите на интернет се погрешни

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува таканаречена застрашувачка вест и се вели дека научниците од САД развиле метод на вакцинација преку воздух, кој набрзо може радикално да го промени начинот на вакцинација на луѓето и да се користи за брзо вакцинирање на масите без нивно знаење или согласност.

Во краткиот преглед на оваа загрижувачка вест, како што пишува во објавата, се додава дека истражувачите од Универзитетот Јејл, развиле метод на воздушно аплицирање на мРНК вакцините директно до белите дробови.
Во еден експеримент со глувци, научниците создадоа полимерни наночестички инкапсулирани во mRNA, правејќи ја вдишлива за да може лесно да стигне до белите дробови!
Истражувачите велат дека овој „нов метод на испорака би можел радикално да го промени начинот на кој луѓето се вакцинираат, односно ќе го олесни начинот на вакцинација на луѓето во оддалечените области или оние кои се плашат од игли. 
Овој метод може да се користи и за брзо вакцинирање на масите, без нивно знаење или согласност. 
Во САД веќе постои академска поддршка за употреба на задолжителни, тајни био-“подобрувања”, вклучувајќи лекови и вакцини во јавноста. 
Американската влада исто така има историја на тајни експерименти со биооружје, што е загрижувачко во контекст на можноста за незаконско применување на овој метод без дозвола и знаење на луѓето!, пишува во објавата.
Потоа во неа се споделуваат библиски цитати.
Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, студија на Универзитетот Јејл нема развиено технологија на вакцинација без согласност. Студијата на Универзитетот Јејл за достава на мРНК преку интраназална вакцинација кај глувци не покажува и не ја тестира можноста за користење на оваа технологија кај луѓе без нивна јасна согласност и покрај распространетото вакво тврдење кое се споделува во објави на социјалните мрежи.

Формулацијата користена во студијата е дизајнирана да се користи во носот, слично на веќе постоечките интраназални вакцини и нема докази дека дури и би функционирала ако се администрира преку воздух, или во распрскувачка форма, изјави за Ројтерс авторот на студијата.

Студијата е објавена во медицинското списание Science Translational Medicine и е насловена: „Полимерни наночестички доставуваат мРНК во белите дробови за муконазална вакцинација“. Во неа се тестира експериментална платформа за достава на мРНК кај глувци.

Интраназалните верзии на вакцините против грип и против ковид-19 се истражуваат, бидејќи тие генерираат заштитни имунолошки одговори во респираторните ткива кои не се такви кога вакцината се инјектира во мускулите. Истражувачите на Јејл тестирале начин на интраназално доставување на мРНК до белите дробови на глувците и покажале дека тоа создава имунолошки одговор кај животните. Но, ова не е правено за да се вакцинираат луѓето без согласност преку воздухот, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Водечката авторка на студијата, Александра Субери, за Ројтерс вели дека тврдењата во постовите на интернет се погрешни по повеќе основи.

Прво, студијата беше спроведена врз глувци и не е спроведено тестирање на големи животни или на луѓе, за да се покаже дека формулацијата ќе делува кај луѓето. Течноста во студијата била насочена во носот и не била едноставно прскана, како што се вели во објавите на социјалните мрежи.

Нашата формулација беше испорачана со директна интраназална аспирација и нашата работа ниту тврди, ниту демонстрира дека оваа формулација е компатибилна со испорака базирана на аеросол или распрскување, вели таа за Ројтерс. .

Субери, исто така, вели дека се развиени неколку други интраназално администрирани вакцини и тие „ниту практично ниту етички не можат масовно да се администрираат во толпа луѓе преку воздух“.

Мајкл Хидл, професор на универзитетот за фармација Вирџинија, кој ја води групата за аеросолно истражување, за Ројтерс додава дека да се создаде вакцина која е ефективна и назална, е предизвик и  сосема е неверојатно дека таква формулација дури и теоретски би функционирала од далеку.

Администрирањето на вакцина и лекови преку носот е предизвик благодарение на анатомијата на нашите носни патишта. Фармацевтската индустрија има потрошено децении за да создаде назални спрејови кои можат да се справат со одбранбените механизми на нашите тела. Како и да е, дури и со најдобрите наши назални спрејови, само дел од дозата може да навлезе длабоко во носот. За вакцинацијата да биде ефикасна, треба да ја испорачаме вистинската доза до вистинската област на носните дишни патишта, и ова останува значаен предизвик, вели тој за Ројтерс.

Во други верзии на сличната дезинформација пласирана онлајн, се додава и дека Бил Гејтс е тој што добил дозвола за ваквото наводно администрирање на мРНК вакцини преку носот и преку воздух, без знаење и согласност од луѓето. Проверувачите на Асошиејтед Прес за ова пишуваат дека е комплетна невистина.

Оваа основна научна студија покажа дека молекулите на мРНК доставени интраназално до белите дробови на истражувачките животни, можат да се користи за ефикасно вакцинирање против вирусот ковид. Оваа техника не е испитувана врз луѓе. Луѓето мора да примат контролна доза администрирана директно во носот, ијзави за Асошиејтед Прес, Марк Салцман, професор на факултетот за инженерство и применети науки на Универзитетот Јејл.

Агенцијата за храна и лекови на САД мора да одобри вакцини пред тие да станат јавно достапни. Интраназалната вакцина не е една од вакцините за ковид-19 за кои има одобрение. Портпаролот на Агенцијата за храна и лекови на САД, за Асошиејтед Прес вели дека во овие правила за добивање на одобрение влегува и информираната согласност за секое клиничко истражување кај луѓе,  што би било невозможно во сценариото опишано во објавата што ја рецензираме.

Поради сите горенаведени факти, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција