Темјанот не е семоќен и не лекува камења во бубрези

Фото: pixabay.com

Тврдењето во написот што се споделува на Фејсбук е произволно, нема научни медицински докази и факти дека темјанот лекува уринарна и бубрежна калкулоза (камен во бубрег), кое е сериозно заболување и бара медицински третман и лекарска помош. Урологот доктор Горан Балевски во изјава за „Вистиномер“ укажува дека темјанот во никој случај не е лек за бубрежни камења и може да нанесе штета врз здравјето на пациентите

Тврдењето во написот што се споделува на Фејсбук е произволно, нема научни медицински докази и факти дека темјанот лекува уринарна и бубрежна калкулоза (камен во бубрег), кое е сериозно заболување и бара медицински третман и лекарска помош. Урологот доктор Горан Балевски во изјава за „Вистиномер“ укажува дека темјанот во никој случај не е лек за бубрежни камења и може да нанесе штета врз здравјето на пациентите

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук (тука и тука) кој всушност пренесува медиумски напис, во којшто се тврди дека темјанот е семоќен и се користи за лекување на камења во бубрезите.

Во насловот на текстот стои:

СЕМОЌЕН ТЕМЈАН: Освен за религиозни ритуали, се користи за исфрлање на камења од бубрезите и против хркање (РЕЦЕПТ)

Но, тврдењето во насловот е произволно, нема научни медицински докази и факти дека темјанот лекува уринарна и бубрежна калкулоза (камен во бубрег).

Во текстот се споделува рецепт од народна традиција и алтернативни лекари за лекување на камења во бубрези:

Народната традиција го одржува верувањето дека темјанот за јадење е лек за полесно отстранување на камењата од бубрезите. За овој лек потребно е да се сварат три зрна темјан со една чаша вода.
Водата треба да врие толку колку да остави половина од количината на вода со која на почетокот се облеа темјанот. Ако вака подготвениот темјан се пие како лек за камен во бубрег, треба да се пие само неколку дена, по што камењата треба да се раздвижат и да почнат да се отстранат. По консумирањето на овој напиток, потребно е да се изеде еден лимон. Напитокот се препорачува и да се пие со сламка на празен стомак.

Уринарна – бубрежна калкулоза или камен во бубрези е сериозно заболување, кое бара медицински третман и лекарска помош. Тој медицински третман согласно упатството на Министерството за здравство  опфаќа:

  • Во примарната здравствена заштита, одлуката се базира на нативната урографија ако е каменот видлив. Неспецифичен наод, на пр. флеболити, се чести.
  • Ултрасонографијата е корисна, бидејќи покажува на пр. можна хидронефроза. Таа примарна метода на иследување за време на бременост и понекогаш по нативна урографија (секогаш треба да се мисли на можност од абдоминална анеуризма).
  • Ако дијаметарот на каменот е под 5 мм, пациентот нема хидронефроза и серумскиот креатинин е нормален, тогаш е потребно само следење.
  • Пациентот се упатува во болница ако горенаведените испитувања локално не се достапни, дијаметарот на каменот надминува 5 mm, болката не се смирува, ако пациентот има инфекција на уринарниот тракт, има само еден бубрег, ако станува збор за бремена жена или има рецидивна калкулоза.

Ниту во конзервативниот третман на Министерството за здравство не се сретнува употреба на темјан! Препораките на лекарите се:

  • Да се пие многу вода.
  • Да се избегнува храна богата со оксалати, како што е сушеното овошје, аспарагус, магдонос, грав, спанаќ, ореви, бадеми, лешници, коренки, чоколадо, какао и чај.
  • Храната со содржина на калциум може да се консумира нормално.

„Вистиномер“ за овој „рецепт“ кој масовно се споделува на социјалните мрежи консултираше специјалист уролог, кој апелира пациентите да не наседнуваат на такви рецепти.

Никако да не се употребуваат такви народни рецепти. Темјанот во никој случај не е лек за бубрежни камења, а може да нанесе штета врз здравјето на пациентите. Пациентите мора да се држат до науката и да применуваат медицински третман за лекување на болеста, апелира д-р Горан Балевски специјалист уролог.

Слични совети за лекување на камен на бубрези може да се најдат на веб-страницата на ПЗУ „Примариус доктор Самарџиски“.

Доктор Самарџиски советува:

  • Месо повеќе од 200 грама дневно (белковини) го зголемуваат нивото на калциум во мокрачата.
  • Сол потребно е да се внесува во помала количина бидејќи го намалува излачувањето на калциумот индиректно.
  • Потребно е да се исклучат и: сувомеснати производи, маслинки, конзервирани супи, конзервирана храна, кисела зелка, конзервирана или димена риба, храна со голема содржина на оксалати (спанаќот, кикиритки, чоколадо, чај, тиква ).
  • Дозволени се оксалати до 180 mg дневно.

Стар лек од Хипократ е внес на големи количини вода која ја разблажува концентрацијата на минералите кои градат камен. Исто важен фактор е внес на влакнеста храна која ги врзува оксалатите во цревата (два бисквити дневно), интегрално брашно, житарици (само не пченица), ориз, пченка, пишува на веб страницата на „Примариус д-р Самарџиски“.

И во упатствата за третман и лекување на уринарна калкулоза или бубрежни камења на Фондот за здравство не постои употреба на народни лекови со темјан.

Ако се покачени серумските урати, треба да се примени специфичната дијагностика за гихт (клиничка слика, анализа на синовијална течност кај пациенти со проблеми со зглобовите). Се лекува со многу течности, диета и алопуринол.

Ако пациентот има само покачени серумски урати (без клиничка манифестација на гихт), калкулите можат да бидат составени или од калциум или од урати. Лекување на избор е:

  • диета или алкализација на урината (ако нема успех со диета);
  • алопуринол при потешки случаи.

Ако се дијагностицира уринарна инфекција, треба да се лекува по антибиограм. Следење на уринокултурата и профилактична терапија секогаш е индицирана, пишува во упатството на Фондот за здравство.

И во советите за природен третман на бубрежни камења на д-р Александар Митов не се споменува употреба на темјан! Напротив се даваат упатства за диета и начин на исхрана, но со напомена задолжителна лекарска консултација.

Доколку веќе го имате проблемот, пред да се обидете да си помогнете самите во ,,домашни услови’’, важно е да се консултирате со лекар, особено ако покрај камчињата во бубрег имате проблем и со некоја друга здравствена состојба или земате одредена терапија, пишува д-р Митов.

Па наспроти тоа што го говорат медицинските експерти,  постот што го рецензираме содржи дезинформации и може да нанесе штета врз здравјето на пациентите. Ваквите „семоќни“ народни рецепти во никој случај не смеат да се земаат на своја рака без консултација на лекар специјалист, бидејќи можат да доведат до несакани последици по здравјето.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција