Убиството на Шинзо Абе не е поврзано со лекувањето на ковид-19, ниту со вакцинацијата

Фото: commons.wikimedia.org

Јапонија почна да ги администрира вакцините против ковид-19 откако во февруари 2021 година беше одобрена вакцината на „Фајзер“. Неколку месеци претходно, на 28 август 2020 година Абе соопшти дека се повлекува од функцијата премиер поради болест. „Ивермектин“, пак, воопшто не е на листата на јапонската влада како одобрен лек за ковид-19, според јапонската агенција за лекови и медицински средства

Јапонија почна да ги администрира вакцините против ковид-19 откако во февруари 2021 година беше одобрена вакцината на „Фајзер“. Неколку месеци претходно, на 28 август 2020 година Абе соопшти дека се повлекува од функцијата премиер поради болест. „Ивермектин“, пак, воопшто не е на листата на јапонската влада како одобрен лек за ковид-19, според јапонската агенција за лекови и медицински средства

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека јапонскиот премиер Шинзо Абе бил убиен поради тоа што не ги следел наредбите на лидерите на Светскиот економски форум за коронавирусот.

Јасно ли вие е зошто јапонскиот премиер беше убиен? Не ги следеше наредбите на лидерите од позадина, Светскиот економски форум и други. Значи тој не ја потчини Јапонија на насилно вакцинирање и врати 1.6 милиони вакцини и им даде Ивермектин на своите граѓани, се тврди во постот што го рецензираме.

Ова тврдење не е вистинито. Абе не беше веќе премиер кога почна вакцинацијата против ковид-19 во Јапонија во 2021 година. Вакцинацијата во Јапонија не е присилна и не е точно дека на граѓаните на оваа земја им се нуди Ивермектин наместо вакцина. Поради контаминација, повеќе од 1 милион дози од вакцината на „Модерна“ против коронавирусот беа откажани во септември, но Јапонија продолжи да ги вакцинира своите граѓани против коронавирусот.

После убиството на Абе на 8 јули, на социјалната мрежа Фејсбук почна да се шири тврдење, кое непоткрепено и невистинито го поврзува убиството на Абе со вакциналните политики на Јапонија. Таков е и постот што го рецензираме. Мотивите на човекот што со огнено оружје го уби Абе не се познати. Полицијата и медиумските написи сугерираат дека убиството не е со политички мотив.

 

Над 80 отсто од Јапонците се целосно вакцинирани

Јапонија почна да ги администрира вакцините против ковид-19 откако во февруари 2021 година беше одобрена вакцината на „Фајзер“. Тоа се случи по неколку месеци откако на 28 август 2020 година Абе соопшти дека се повлекува од функцијата премиер поради болест.

Иако Јапонија не ја направи вакцината против ковид задолжителна, сепак, до 13 јули 2022 г.  се администрирани повеќе од 288 милиони дози. Досега  81 процент од Јапонците се целосно вакцинирани со вакцините на „Модерна“ „Фајзер“ и „АстраЗенека“ .

Повеќе од 1.63 милиони вакцини против ковид-19 од „Модерна“ беа повлечени во Јапонија поради контаминација. „Модерна“ и нејзиниот партнер во Јапонија ги повлекоа вакцините во август, откако мали честички на не’рѓосувачки челик беа пронајдени во некои од вијалите. Истрагата покажа дека контаминацијата се случила во шпанската фабрика која ги произведувала тие дози.

 

„Ивермектин“ не е одобрен за лекување ковид-19 во Јапонија

Со месеци на социјалните мрежи кружи невистинито тврдење дека Јапонија ја повлекла вакцината против ковид-19 и авторизирала „ивермектин“, медикамент што се користи за третирање на инфекции со паразити кај луѓе и животни. „Ивермектин“ не е на листата на јапонската влада како одобрен лек за да се третира ковид-19, според јапонската агенција за лекови и медицински средства.

Тврдењето дека Јапонија додека Абе бил премиер го напуштила вакцинирањето и почнала да го третира ковид-19 со „ивермектин“, стана вирално во октомври 2021 годна, благодарение на невистинит блог пост од крајниот десничар и водител на радио Хал Турнер, кој има историја на промовирање на теории на заговор.

Невистинитите тврдења дека Јапонија го авторизирала и „ивермектин“ за третирање на ковид-19 почнаа да циркулираат онлајн откако Харуо Озаки, претседател на Медицинската асоцијација на Токио, препорачал „ивермектин“ за ковид пациенти за време на прес-конференција на 13 август минатата година.

Медицинската асоцијација на Осаки не е поврзана со јапонската влада и членовите на организацијата може само да дадат препорака или совет

Светската здравствена организација предупредува „ивермектин“ да не се користи за третман на ковид-19 освен во клинички студии.

 

Сè уште се истражува убиството на премиерот Абе

Полицијата уште го истражува убиството на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе. Човекот што истрелал со огнено оружје, им кажал на органите на прогонот дека не е политички мотивиран и сакал да го убие Абе зашто верувал дека тој е поврзан со организација која напаѓачот ја мразел.

Полицијата уште ја нема идентификувано организацијата, но јапонските медиуми известија дека се работи за религиозна група на која мајката на напаѓачот донирала пари, по што доживеала банкрот. Лидерот на јапонскиот оддел на Јунификејшн Чрч (Unification Church), која важи за култ, обзнанила дека мајката на напаѓачот била нивен член.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Убиството на премиерот на Јапонија Шинзо Абе, не е поврзано со политики за справување со коронавирусот и со вакцинацијата, а „ивермектин“ не е на листата на јапонската влада како одобрен лек за да се третира ковид-19.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција