Вакцината на Фајзер дојде во Македонија во пакет, ама според протокол

Поради погрешното толкување на тоа како се чуваат вакцините според протоколот пропишан од производителот Фајзер, погрешно е претставен и контекстот во постот  што го рецензираме. На граничниот премин Табановце, вакцините пристигнаа во комбе од Институтот за вирусологија вакцини и серуми Торлак од Србија, каде што фајзеровата вакцина се чува на минус 70 степени

Поради погрешното толкување на тоа како се чуваат вакцините според протоколот пропишан од производителот Фајзер, погрешно е претставен и контекстот во постот  што го рецензираме. На граничниот премин Табановце, вакцините пристигнаа во комбе од Институтот за вирусологија вакцини и серуми Торлак од Србија, каде што фајзеровата вакцина се чува на минус 70 степени

 

 

На Фејсбук се споделува пост кој води до вест со наслов: „Зошто српските вакцини дојдоа во пакет а не во ладилник куфер?“, во којашто се тврди дека постојат дилеми за протоколот, според кој во Србија се чувале вакцините на Фајзер пред да ѝ бидат предадени на Македонија на 14 февруари годинава.

Во текстот се тврди дека Фајзер изработиле специјална кутија за транспорт на вакцините со големина на куфер, спакувана во сув мраз со инсталирани „џи-пи-ес“ следачи. Но, се проблематизира тоа што во ваква кутија не стигнале вакцините во Македонија, туку во друга.

За тоа како вакцините дошле од Србија до Македонија, очигледно била задолжена друга фирма, ако се земе предвид фотографијата од пакетот вакцини што земјава го прими како донација на 14 февруари 2021 година.

Извор за оваа фотографија е Фејсбук профилот на претседателката на Комитетот за имунизација, професор Александра Грозданова. Од фотографијата е очигледно дека на кутијата има налепница со веб-страница www.asvbeograd.com, која води до официјалната веб-страница на компанија за шпедитерски и логистички услуги во фармацевтската и медицинската индустрија од Белград со назив „АСВ Београд“.

Оваа компанија во нивна кутија ги има препакувано вакцините на Фајзер за да бидат предадени во Македонија. Но, начинот на кој се пакувани, многу наликува на оној на Фајзер, затоа што е користен сув мраз, следачи на температурата. Претходно, Македонија, Србија и Фајзер потпишале трипартитен договор, што бил услов за да се изведе донацијата.

Фирмата „АСВ Београд“ во описот на своите услуги наведува дека е опремена за транспорт на температурно осетливи пратки, кои бараат посебен начин на пакување и режим на транспорт со одржување на студениот синџир од моментот на преземање на производот до моментот на испораката за примачот.

АСВ Београд има можност за транспорт на сите видови температурно осетливи произовди, во земјата и во странство во секој температурен опсег, вклучително и со длабоко замрзнување на минус 80 степени, во сув мраз, опишува фирмата.

Уште се додава дека располага со материјали за пакување кои одговараат за пакување и одржување на температурата, термални кутии и контејнери, сув мраз за сите температурни опсези, стационарни и мобилни фрижидери. Видот и начинот на пакување се бира за секоја пратка поединечно во согласност со количината на произоводот, бараната температура на која тој треба да се чува, должината на траењето на транспортот и очекуваната надворешна температура во подрачјето каде се врши транспортот, пишува на веб страницата на фирмата.

За температурно осетливите производи постои можност за мониторинг на температурата со помош на електронски дата логери кои бележат детални податоци за температурата од моментот на преземање до моментот на нејзината испорака до примачот, стои во описот на фирмата.

Од оваа фотографија се гледа дека навистина таков следач и мерач на температура е вклучен во пакетот, со што студениот синџир не е прекинат, како што за „Вистиномер“ потврдија и од Министерството за здравство, опишувајќи ни дека протоколите вклучувале и детални листи за прибележување на температурата.

Исклучително важно е да се напомене и она што го кажува претстедателот на Србија, Александар Вучиќ во својата изјава при предавањето на вакцината, а што може да се слушне од 7 минута на видеото во продолжение.

Среќен сум што успеавме ова да го направивме. Можевме и пред 10 дена, но имавме, и сакам сите тоа да го знаете, многу проблеми за добивање дозвола за извоз. Тоа се многу стриктни и строги процедури. На крајот сум им благодарен на луѓето од Фајзер, кои тоа ни го дозволија. Тоа буквално по неверојатно сложени и комплексни процедури моравме да го направиме, да не би трпеле санкции. Среќен сум што граѓаните на Северна Македонија ќе можат да почнат со имунизација, вели Вучиќ. (од 7 минута од видеото)

Од ова произлегува дека Фајзер имале услови за да се предадат вакцините од Србија за Македонија и дека предавањето не се прави зад нивен грб. Доколку Србија не ги предала вакцините според процедурите, би следеле санкции.

Во текстот што го рецензираме се тврди и дека ,,се отвора прашањето дали во Србија вакцините од Фајзер дошле во термички транспортери“.

Како што може да се види на ова видео (од 10 секунда во видеото), очигледно е дека вакцините пристигнале во Србија во термички транспортери и тоа во пратка на 22 декември .

Не се знае точно кога вакцините, кои Македонија ги доби како донација од Србија, дошле во Србија, ама се знае дека Србија има договор со Фајзер и директно ги добива вакцините од неа. Се знае и дека на 22 декември во Србија вакцините дошле во термални транспортери, па оттука многу веројатно е дека Фајзер продолжила да го користи истиот систем како и првиот пат.

На следното видео е објаснето и како излгеда кутијата во којашто дошле вакцините во Србија.

На оваа фотографија, што ја објави „Гардијан“, се гледа дека вакцините, кои пристигнале во странство од Фајзер, изгледаат идентично со оние кои пристигнаа во Македонија од аспект на пакувањето. 

Во текстот што го рецензираме уште се тврди дека:

„Термички транспортер“ одржува температура до -8С за пет дена што го отвара прашањето дали во Србија вакцините од Фајзер дошле во вакви пакети, кога точно пристигнале, каде и како се чувеле пред да бидат предадени на Македонија, 

Ова не е точно.

Упатството објавено на веб страницата на Фајзер, открива дека Фајзер изработиле термални транспортери (termal shippers) кои одржуваат температура од минус 70 степени во текот на 10 дена ако не се отворат. Значи, не температура од минус 8 степени, туку температура од минус 70 степени!

Откако во овие термални транспортери вакцината ќе стаса до саканата дестинација (во случајот Србија, н.з.), има три опции за чување.

  1. Ако вакцината се чува во фрижидери со ултра длабоко замрзнување тогаш може да има животен век и од шест месеци.
  2. Ако остане во самиот термален транспортер привремено, тогаш вакцината може да се чува внатре во транспортерот и до 30 дена ако секој петти ден се додава сув мраз! Откако ја чувале во овој транспортер до 30 дена, медицинските лица може да ја префрлат вакцината во обичен фрижидер на температура од 2 до 8 степени и таму да ја чуваат уште 5 дена. Ако еднаш е одмрзната и ставена во фрижидер од 2 до 8 степени, фајзеровата вакцина не смее да се замрзне повторно.
  3. Третата опција за чување е во фрижидери кои се достапни во болниците ама тогаш животниот век на вакцината е пет дена, зашто тие фрижидери имаат температура од 2 до 8 степени.

Значи, ако Србија по примањето на иницијалната пратка од Фајзер ја чувала вакцината во фрижидери за длабоко замрзнување (ја префрлила директно од термалниот транспортер во фрижидер со можност да одржи температура од минус 70 степени), тогаш вакцината ќе има рок на траење, односно ќе може да се користи и во наредните ШЕСТ МЕСЕЦИ.

На граничниот премин Табановце, вакцините пристигнаа во комбе од Институтот за вирусологија вакцини и серуми Торлак од Србија. Тоа може да се види и од следната фотографија од настанот.

Таму, како што пишуваат српските медиуми, фајзеровата вакцина се чува на минус 70 степени. Од ова заклучуваме дека нејзиниот животен век е ШЕСТ МЕСЕЦИ.

Токму поради погрешното толкување на тоа како се чуваат вакцините според протоколот пропишан од производителот, погрешно е претставен и контекстот во веста што ја рецензираме.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција