Вакцината против ковид не е генетска терапија, не ја менува човековата ДНК и не содржи луцифераза

Фото: commons.wikimedia.org

Зборот луцифераза има корен во латинскиот збор „Луцифер“, што значи осветлен. Иако ензимот луцифераза има слично име со „ѓаволот“- олицетворението на злото во многу религиозни приказни“, единствената конекција меѓу луцифераза и „Луцифер“ е во коренот на нивните имиња. Не е вистина дека вакцините се генетска терапија. Вакцините се испитани, имаат поминато драстични испитувања на репрезентативен примерок и се одобрени од многу медицински агенции и тела. Присуството на липидните наночестички во ковид вакцините не значи дека тие во себе може да содржат роботи или компјутери. Во случјот изразот „наночестички“ се однесува на многу ситни липидни капки коишто ја транспортираат вакцината и ги штитат вакциналните компоненти

Зборот луцифераза има корен во латинскиот збор „Луцифер“, што значи осветлен. Иако ензимот луцифераза има слично име со „ѓаволот“- олицетворението на злото во многу религиозни приказни, единствената конекција меѓу луцифераза и „Луцифер“ е во коренот на нивните имиња. Не е вистина дека вакцините се генетска терапија. Вакцините се испитани, имаат поминато сеопфатни испитувања на репрезентативен примерок и се одобрени од многу медицински агенции и тела. Присуството на липидните наночестички во ковид вакцините не значи дека тие во себе може да содржат роботи или компјутери. Во овој случај, изразот „наночестички“ се однесува на многу ситни липидни капки, коишто ја транспортираат вакцината и ги штитат вакциналните компоненти

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук, во којшто се изнесени низа дезинформации во врска со вакцинацијата против ковид, меѓу кои и тоа дека вакцината ја менува човековата ДНК, во неа се содржи ензим луцифераза кој, според она што се тврди во постот, е името на ,,ѓаволот” и слични тези.

Во постот, меѓу другото, се вели:

Никој нема право да ја менува нашата ДНК, која ни е од Бога дадена (особено кога знаеме дека во телата се вбризгува ензим, кој го има името на нашиот противник, ѓаволот – ензимот “luciferase” – што значи “расата на луцифер“!).

„Вистиномер“ веќе пишуваше дека во вакцините против ковид нема графен оксид, луцифераза или спајк протеин. Зборот луцифераза има корен во латинскиот збор „Луцифер“, што значи осветлен. Иако ензимот луцифераза има слично име со „ѓаволот- олицетворението на злото во многу религиозни приказни“, единствената конекција меѓу луцифераза и „Луцифер“ е во коренот на нивните имиња.

„Асошиејтед прес“ пишува дека луцифераза не може да се најде како состојка во вакцините против ковид-19, но дека ензимот се користи во некои истражувања за ковид-19, затоа што неговата карактеристика да ослободува светлина може да им помогне на научниците визуелно да следат како вакцините и вирусите ги афектираат клетките. На Универзитетот во Тексас, луциферазата помага да се забрза дијагностичкото тестирање за ковид-19, затоа што им дозволува на истражувачите да го видат присуството на антителата побрзо отколку кога би користеле други методи.

И Ројтерс пишува дека во ниедна вакцина која се администрира против ковид нема луцифераза.

Исто така, на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во С. Македонија, нема луцифераза како состојка во вакцините.

Понатаму, во постот неточно се тврди дека:
Нема пандемија од нови соеви на ковид, туку ваксидемија предизвикана од експерименталната генетска терапија преку вакцините.

Зошто не е вистина дека вакцините се генетска терапија веќе пишувавме овде. Вакцините се испитани, имаат поминато сеопфатни испитувања на репрезентативен примерок и се одобрени од многу медицински агенции и тела.

Во постот се тврди и дека во вакцините има:

Интелигентни наночестички и туѓа ДНК којашто ја менува онаа на примателот на вакцината.

Ништо од ова не е вистина.

Присуството на липидните наночестички во ковид вакцините не значи дека тие во себе може да содржат роботи или компјутери. Во случјот изразот „наночестички“ се однесува на многу ситни липидни капки коишто ја транспортираат вакцината и ги штитат вакциналните компоненти.

Липидите се супстанци кои не се растворливи во вода како мастите. Вакцината на „Фајзер“користи мРНК технологија односно хемиски гласник месенџер, за да им даде инструкција на клетките да направат протеини кои прават мимикрија на надворешната површина на новиот коронавирус, на таков начин создавајќи имунитет.

Липидните наночестички, всушност, се „возила за испорака“, кои ја штитат мРНК кога вакцината е инјектирана и ја транспортираат во вистинското место во клетките.

На официјалната веб-страница за вакцинација против ковид во земјава во делот за вистини и лаги за вакцините се вели дека мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на каков било начин.

Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, се вели на страницата во делот каде се разобличува оваа дезинформација, пишива на официјалната веб-страница на Министерството за здравство.

Во врска со тврдењето дека вакцината е генетска, од досега презентираните официјални факти, познато е дека вакцините против ковид не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени.

Американската национална библиотека за медицина терминот генетска терапија го дефинира како техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување на ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген кој не функционира на соодветен начин, или да стават нов ген во телото којшто ќе направи нешто за да се бори против болест.

Поради сите горенаведени аргументи, оценуваме дека не е вистина дека вакцините против ковид ја менуваат човековата ДНК, содржат ензим луцифераза, или пак дека вакцината е експериментална генска терапија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција