Вакцината против пертусис е во редовниот календар за имунизација не само кај нас, туку и во сите земји на ЕУ

Фото: Cyber-Meta on DeviantArt, 2016

Целата објава изобилува со тврдења за кои не се понудени никакви докази. Наспроти нив, фактите говорат поинаку. Факт е дека пертусисот е заразна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и единствена превенција против неа е вакцината која е безбедна. Факт е дека оваа вакцина е во редовниот календар за имунизација, не само во Северна Македонија туку и во сите држави членки на ЕУ

 

Целата објава изобилува со тврдења за кои не се понудени никакви докази. Наспроти нив, фактите говорат поинаку. Факт е дека пертусисот е заразна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и единствена превенција против неа е вакцината која е безбедна. Факт е дека оваа вакцина е во редовниот календар за имунизација, не само во Северна Македонија туку и во сите држави членки на ЕУ

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува низа дезинформации поврзани со вакцините и конкретно со вакцината против пертусис или големата кашлица. Објавата на почетокот тврди дека државата прави стратегија за да го плаши народот за намерно да се вакцинира и дека националниот координатор за имунизација назначен од Владата не бил од фелата, ниту пак, бил експерт и лекар. Понатаму, објавата без никакви медицински факти и докази тврди дека вакцината против пертусис не штити од болеста и дека била штетна, како и дека не била предвидена во календарот за имунизација.

Стратегијата им е: Aјде сега ќе го плашиме народот и нека се вакцинира. Се додека имаме национален координатор кој е назначен од владата а не од фелата, не е експерт, проф. Грозданова НЕ Е НИ ЛЕКАР, незнам дали знае јавноста, се додека не се вклучат експерти ќе имаме вакви проблеми. Грозданов и Петличковски се однесуваат како СЛОН ВО СТАКЛАРСКА РАБОТИЛНИЦА… Пертусисот е бактериска инфекција и се лекува со антибиотици… Самиот производител на оваа петтовалентна вакцина против Пертусис кажува дека после примањето настануваат многу несакани дејства. Со календарот овие вакцини не се предвидени. Некои од колегите сигурно ќе се соочат и со кривични процеси, бидејќи без промена на закон не смее да се менува календарот за вакцинација. Се работи за кривично дело!, стои во објавата што ја анализираме.

Поради зголемениот број заразени со голема кашлица, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија во Скопје, информираа од Министерството за здравство за Вистиномер.

Претходно, Комисијата за заразни болести препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките. Согласно правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија, градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ди-те-пер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје.

Од понеделник (11.03.2024) невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца со вакцината ди-те-пер нема да се примаат во градинките, информираа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 8 март.

Откако Комисијата го предложи ова, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења.

Па во таквиот дух и оваа објава тврди дека државата намерно ги плаши луѓето за да ги натера да се вакцинираат. Според последните информации на Сител (во моментот кога е пишувана оваа рецензија, 24.03.2023), бројот на заболени од голема кашлица достигна до 251 случај во државата. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 14.03.2023 г. во државата се регистрирани вкупно 216 случаи на голема кашлица. Најмногу заразени има во Скопје – 190 (88 отсто), 8 лица се од Тетово, 5 лица живеат во Куманово, во Гостивар три и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани. Од заболените, регистрирани се 36 лица со хоспитализација (16,7 отсто) и тоа 31 (86,1 отсто) од нив на возраст до 4 години.

Ваквите бројки покажуваат дека големата кашлица е реална, а не измислена и дека не постои никаква стратегија за плашење на народот.

Понатаму, објавата тврди дека националниот координатор за имунизација немал никаква врска со фелата и дека не бил лекар. Ова е уште една лага. Национален координатор за имунизација е Александра Грозданова. Нејзината биографија е јавно достапна на веб-страницата на Владата. Грозданова дипломирала на Фармацевтскиот факултет во Скопје, а потоа станала и магистер по молекуларна фармација. Во 2003 год., во рамки на двомесечен студиски престој, поминала обука во областа на инфективните заболувања во тренинг центарот на СЗО во Лозана, Швајцаријa (EU WHO training center, Special programme for research and training in infection disease, Lauzanne, Swicerland). Во период од 2003 до 2006 година ги завршила здравствените специјалистичките студии по испитување и контрола на квалитет на лекови на Фармацевтскиот факултет во Скопје и во 2006 година со одбрана на специјалистички испит се стекнува со звање специјалист по испитување и контрола на квалитет лекови. Во 2006 година во траење од шест месеци остварува студиски истражувачки престој на Одделот за Имунологија при Универзитетот во Стокхолм, Шведска (Department of Immunology, Stockholm University, Stockholm, Sweden). Во рамки на овој престој започнува со дел од истражувањата за докторските студии во областа на имунохемијата и вакцините. Во 2012 година со успешна одбрана на докторскиот труд се стекнува со звање доктор на фармацевтски науки и истата година е избрана во звање доцент. Биографијата на Грозданова е доста богата, а во неа меѓу другото се вели:

Во рамки на своите активности како сертифициран тренер во делот на имунизацијата заедно со Министерството за здравство, реализира повеќе обуки годишно за превентивните тимови, матичните и семејните лекари и фармацевтите во делот на квалитетот и безбедноста на вакцините. Од 2016 година е дел од Стручната комисија за имунизација при Министерсвото за здравство, а во 2018 година е избрана за претседател на оваа комисија. Од 2020 година е член на Национална техничка група за ковид-19 вакцинација, при Министерство за здравство.

Од нејзината биографија може да се види дека Грозданова и тоа како има врска со фелата и особено со вакцините и имунизацијата, спротивно на тврдењата изнесени во објавата.

Понатаму, објавата вели дека пертусисот или големата кашлица е бактериска инфекција и се лекува со антибиотици и дека таа не се спречува со вакцини, како и дека вакцината против пертусис е штетна и не е во редовниот календар за имунизација.

Големата кашлица или пертусис е акутна заразна болест предизвикана од бактеријата „Бордетела пертусис“. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи, но најопасна е за новороденчињата и бебињата во првите два месеца после раѓањето до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година. 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето, пишува Дојче веле.

Најдобрата превенција против пертусис е вакцинација против ова високо заразно заболување. Тоа го потврдуваат и лекарите кај нас. Вакцинацијата започнува со навршени 2 месец кај бебињата, а продолжува со вакцини на 4 и 6 месеци, по што следуваат ревакцини на 15-18 месеци и 6-7 години со цел да се одржи заштитата.

Вакцините против пертусис се ефективни, но не се совршени. Вакцинираните индивидуи може да се заразат и да добијат клиничка слика на болеста, но истата поминува лесно, за неколку дена и ретко се појавуваат напади на кашлица.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји и се многу безбедни.

Тврдењето во објавата дека вакцината против пертусис не е во редовниот календар на имунизација е лажно. Оваа вакцина се наоѓа во националниот календар за имунизација , а вакцинацијата започнува со навршени 2 месеца кај бебињата, па продолжува со вакцини на 4 и 6 месеци, по што следуваат ревакцини на 15-18 месеци и 6-7 години со цел да се одржи заштитата.

Вториот дел од објавата, исто така, изнесува неколку тврдења за кои не нуди никакви докази, иако фактите го говорат спротивното.

Зошто се прави жестока кампања за вакцинирање на деца од 5,6 и 7 години?

Зошто не ги видат вакциналните календари во нивната ЕУ каде од 32 држави во 21 се препорачливи овие вакцини но НЕ СЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ!??

Дали се свесни дека од ова непотребно оптеретување на организмот постои опасност од Хиперимунизација?

Зошто во МК сеуште се даваат непотребно вакцините Бе-Се-Же и Полио кои веќе никаде повеќе не се употребуваат?

Зошто вакцинираме од Полио кога нема Полио?

Во овој дел од објавата се тврди дека вакцината против пертусис во 21 од 32 држави во ЕУ е препорачлива, но не и задолжителна.

Прво, ЕУ има 27 држави членки, а не 32 како што тврди објавата. Во сите земји на ЕУ задолжителни вакцини за децата се следните:

  • сипаници
  • заушки
  • рубеола
  • дифтерија
  • тетанус
  • голема кашлица (пертусис)
  • полиомиелитис
  • Хемофилус инфлуенца тип Б
  • хуман папиломавирус (ХПВ)

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува вакцинација против хепатитис Б како дел од универзалниот распоред за детска вакцинација, но некои земји од ЕУ ги вакцинираат само децата кои се изложени на поголем ризик од инфекција и возрасните во клучните ризични групи, стои на веб-страницата vaccination-info.europa.eu.

Занчи, вакцината против пертусис е задолжителна во сите земји-члнеки на Унијата, а тоа може да се види и од следната табела.

Објавата, исто така, тврди дека вакцините Бе-се-же (против туберкулоза) и полио никаде не се давале. И ова не е точно. Вакцината полио е задолжителна во сите земји на ЕУ, како што спомнавме и погоре, а вакцината Бе-се-же против туберкулоза е задолжителна во Бугарија, Хрватска, Естонија, Унгарија, Летонија, Латвија, Полска и Романија. Во другите држави е препорачлива за одредени групи луѓе, а не се користи во Австрија, Белгија, Данска, Германија, Ирска, Италија, Исланд и Шпанија.

Точно е дека детската парализа или полио е искоренета во светот благодарение на вакцините, но оваа болест сè уште постои и се јавуваат случаи на заразени. Вирусот е истребен во голем број земји. Имало мал број случаи на детска парализа во западната полутопка од крајот на 1970-тите. Епидемии уште се случуваат во развиениот свет, обично во групи луѓе кои не биле вакцинирани. Благодарение на една голема, глобална кампања за вакцинација во текот на изминатите 20 години, детската парализа постои само во неколку земји во Африка и Азија.

Целата објава изобилува со тврдења за кои не се понудени никакви докази. Наспроти нив, фактите говорат поинаку. Факт е дека пертусисот е заразна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и единствена превенција против неа е вакцината која е безбедна. Факт е дека оваа вакцина е во редовниот календар за имунизација, не само во Северна Македонија туку и во сите држави членки на ЕУ. Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како неточна.

 

Овој напис е дел од заеднички проект на над 50 организации под водство на Европската мрежа за стандари при проверката на факти за справување со дезинформациите околу европските избори во 2024 година. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција