Вечните теми на македонското новинарство: Кој го уби Рацина?

Фото портрет на Кочо Рацин. Снимено во атеље во Велес како подарок од пријател. Фото: Д. Манушевиќ, 1927. Извор: Архив на МАНУ.
Фото портрет на Кочо Рацин. Снимено во атеље во Велес како подарок од пријател. Фото: Д. Манушевиќ, 1927. Извор: Архив на МАНУ.

 

Медиумите  во Македонија постојано се занимаваат со неколку теми кои никогаш нема да се разјаснат, осветлат или реализираат. Меѓутоа, за нив упорно се пишува

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Не е тешко да се присетите на „големите“ теми на македонското новинарство. Тоа се сите оние теми, настани или сеќавања кои се јавуваат сукцесивно, одвреме-навреме или кога  во редакциите навистина „немаат тема“, па првото што ќе им падне напамет ќе го возобноват како „ексклузива“.

На листата, секако, води темата за името на  нашата земја во спорот со Грција. Темата на нaсловните стрaници е присутна повеќе од две децении. И, што е најважно, во неа нема никакво помрднување, ништо ново. Читајте ги првите текстови од 1992 година, на пример, и споредете ги со последниве – сè е исто. Разликата е во небитни нијанси и во изгубената надеж. Но, темата секогаш е предмет за кавга, полемика, повод за напад од жестоките „бранители на каузата“. Некој, барем, да ни објаснеше зошто се Грците толку сомничави кон нас.

Втората тема која  близу две децении со иста страст се возобновува е атентатот на Глигоров. Во третирањето на оваа тема имаше малку повеќе инвенција, во смисла на тоа дека барем десеттина групации беа на листата на осомничените: од ВМРО, Бранко, Фрчко, до бугарската тајкунска мафија, Слободан Милошевиќ, секако „братиславската врска“ (што ни ја подметна некој Осмо Вареш, измамник од меѓународен калибар), албанските шверцери и екстремисти… Интересно е дека ниедна од овие траги не се покажа ни како приближно докажлива, иако сите нови гарнитури на власт си играа „спроведување истрага“. Една амбициозна новинарка имаше идеја дека, кај и да е, таа ќе ја открие тајната. И на тоа градеше кариера. А, загатката за тоа кој го изврши атентатот, трае речиси две децении, со сигурна перспектива дека и понатаму ќе биде така.

 

ИСТОРИСКО ИДЕОЛОШКО ТАЛКАЊЕ

Кога нема некоја „актуелна“ тема, тогаш медиумите посегнуваат по уште постари.

Ликвидацијата на струмичките студенти е дежурна тема, доколку во медиумите нема нешто поторжествено. А, за овој случај не дознавме повеќе отколку што се знаеше и во времето кога за оваа тема беше забрането да се пишува и зборува. За овој трагичен настан, откако се отвори за јавноста, не сум прочитал ништо што суштински би го продлабочило сознанието и би ја открило вистината. Исто како и за жртвите од крајот на војната во Велес, кога се стрелани педесетина наводни соработници на окупаторот.

Пренесување на посмртните останки на Кочо Рацин во Велес. Снимено во Гостивар, 1945 година. Фото извор: Архив на МАНУ
Пренесување на посмртните останки на Кочо Рацин во Велес. Снимено во Гостивар, 1945 година. Фото извор: Архив на МАНУ

Секако, „десертот“ во овие теми е вечното прашање: Кој го уби Рацина? Тоа е прашање на кое се знае одговорот ама…!? Иако Рацин е убиен  од партизански стражар, затоа што не го чул предупредувањето (бил наглув), со децении се провлекува сомнежот за тоа дека бил ликвидиран. Стражарот кој стрелал, до крајот на животот останал со грижа на совест од постојаното воскреснување на овој трагичен настан. Но, останува засекогаш сомнежот дека Рацин некому му пречел, па затоа бил ликвидиран. А, од тој сомнеж се прават триста комбинации.

Во овие теми кои и натаму остануваат непродуктивни, во смисла на тоа дека ниту се аргументирани во целост ниту, пак, добиле судска или историска разрешница, секако спаѓа и побуната на војниците на скопското Кале, нашите дејци на Голи оток, апсењето на Ченто… Никој не кажа јасно за тоа како се побуниле војниците, кој ја инспирирал паролата „Одиме на Солун“. Никој на младите генерации не им објаснил во што била суштинската причина за  апсењата и за депоратциите на Панко Брашнаров, Павел Шатев и на другите кои постардале во Информбирото. Се избегнува да се стават во контекст на комунистичките заговори и игри, туку засилено се изтакнува нивниот македонски патриотизам, што во овие случаи не била главната причина. И покрај сите обиди на македонскиот журнализам, не е дадено посеопфатно објаснување и вреднување на настаните и на личностите, иако има и доволно податоци и доволна историска дистанца за тоа.

Сè некако овие состојби заличуваат на времето на едноумието кога за настаните  и за личностите се судеше според подобноста на моментот и приврзаноста кон важечката идеологија. Така се постапува и сега, кога, на пример, се прават обиди за историска рехабилитација на одредени личности прокажани во минатото. Тодор Александров сега се бои со некои патриотски бои и се затскрива неговата крвничка улога кон сопствениот народ. Шарло сè се слика еднострано како патриот, иако пред сè бил човек на Коминтерната. Исто како и за Ченто, кој се идеализира иако најголемите злостори на комунизмот  во Македонија (некои и со негов потпис) се направени во времето кога тој бил на чело на државата.

 

БРОД ПЛОВИ ПО ВАРДАР

Овие недостатоци се провлекуваат дури и за теми кои не се толку историски и идеолошки деликатни, но, сепак, се вечни одредници на македонското новинарство.

Малку, малку, па ќе се потегне вековната тема: Вардар пловен! Сега овој сон доаѓа подгреан и од соседството. Сонот очигледно не е отсонуван. Не за џабе се изградија и галии и кораби, сè со пуста надеж дека еден ден можеби и ќе отпловат. (Патем, добро би било тоа и да се случи зашто оваа грдотија не се поднесува.)

Македонските медиуми редовно, со ударнички полет, се навраќаат и на откупот на јагнешкото месо пред Велигден. Иако во оваа дејност се вртат помалку пари отколку во скопските трговски центри во една поуспешена викенд-купувачка. Но, тоа не е причина да се ламентира дека, ете, и оваа година (како и повеќето досега), од не се знае кои причини (најчесто виновни се  Грците), пласманот пропаднал и дека сега единствена надеж се купувачите од арапските земји, кои сигурно ќе ги докупат јагнињата што веќе стануваат овци. Но, темата завршува тука и никогаш на крајот не дознаваме што се случило со јагнешкото.

Исто е и со виното. Неговата актуелност е во рамките на она што би го нарекле неправеден откуп, извоз во цистерни, со блага сугестија за вечната експлоатација на македонските винари. Така беше уште пред половина век кога виното ни го зедоа Словенците и, нели, бевме експлоатирани. Сега го земаат и Србите и Германците и  Бугарите и … повторно сме експлоатирани. А, темата останува да се „жвалави“ секоја година по неколкупати.

За резерва има и други теми. Пред сè, Алшар. Тоа фамозно наоѓалиште за кое сè уште не сум разбрал кои сè супстанци, метали и минерали ги содржи, освен дека биле неопходни и без нив не може да се освојува вселената!? Фамозниот Алшар за кој, нели, Американците ќе платат милијарди долари само да го имаат и дека со Алшар стануваме копецот на светот само ако решиме да го продадеме, ама не, ние тоа не го правиме зашто ќе ја изгубиме шансата да станеме  фактор во откривањето на постанокот на светот. Или така некако, на општо воодушевување на вистинските (!?) патриоти. Оваа тема оди заедно со наслагите од злато на Осогово, кои тукушто не се откриле, односно се откриле ама изгледа Ѕинго ја држи работата во тајност.

Пораката од овој текст (доколку воопшто ја има) е дека стеснетиот простор за истражувачко, но вистинско истражувачко новинарство, кое подразбира и документација и истражување и откривање значајни проблеми од сегашноста, во сегашиов лош статус на македонските медиуми е или поминато или, пак, конформизмот комплетно завладеал на наша медиумска сцена.

Дали и натаму ќе ги преџвакуваме на истиот начин вечните теми од историјата или ќе најдеме некоја нова. На пример: Кој го уби Рацина!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција