Видео дезинформира за состојбата во Израел после вакцинацијата против ковид-19

Договорот е потпишан во 2021 година, на 2 февруари. Израелското министерство за здравство го објави Договорот со фармацевтскиот гигант „Фајзер“, каде е дефинирано на каков начин ќе ги споделува информациите за своите вакцинирани граѓани, а со цел да се анализираат епидемиолошките податоци од вакцинацијата и да се утврди дали е постигнат колективен имунитет во Израел.

Тврдењата изнесени во видеото, дека Договорот на Израел со „Фајзер“е стар 2 години пред да почне пандемијата, се неточни. Договорот е потпишан во 2021 година, на 2 февруари и  израелското министерство за здравство  јавно го објави. Исто така,  не е вистина дека фармацевтскиот гигант добива информации за  луѓето кои ја примаат вакцината,  дека во Израел луѓето умираат од вакцината и дека израелската влада ги принудува граѓаните да ја примат вакцината, напротив таа е на доброволна основа

 

 

Во видео материјал споделен преку Фејсбук пост, жена која се претставува како Израелка, се жали дека оние кои се вакцинирани против ковид-19 во оваа земја, инаку шампион по бројот на администрирани вакцини, имаат привилегиран живот, споредено со оние кои одбиваат да се вакцинираат. Со изразен антивакцинален наратив, во видеото се изнесени низа дезинформации и чудни тврдења, дека  ,,нивото на свесност кај оние кои одбиваат вакцина е подигнато и тие се тврдокорните кои нема да ја продадат душата и телото на ѓаволот“, понатаму таа тврди дека „пандемијата е лажна“ (6 минута и 18 секунда од видеото), дека „властите лажат за бројот на починати и сите ги пишуваат како да починале од корона“ (6 минута и 30 секунда од видеото), како и дека болниците во Израел, наводно, добиле по 22 илјади шекели за секој починат. За последното тврдење, дека болниците добиле пари за секој починат, не постои ниту една официјална информација на интернет,  што ќе го потврди тоа, иако таа самата по себе е штура ,односно не се кажува кој ги дал наводните пари и за што.

Во 9 минута и 15 секунда жената вели дека има луѓе кои се тврдокорни, меѓу кои се вбројува и себеси, и дека „за нив е смешно она што на другите им е сериозно во поглед на пандемијата, нив не можат да ги хипнотизираат зашто се поврзани со природата и не се плашат од смртта, знаејќи дека има живот после животот“. Оваа метафизичка теорија завршува и со констатацијата дека „тие луѓе нема да си ја продадат душата на ѓаволот, за чинија супа од леќа, дека тие нема да им ги продадат информациите за своите тела на корпорациите“.

Во 3 минута и 13 секунда таа лажно тврди дека договорот со „Фајзер“ и израелската влада бил потпишан наводно 2 години пред да почне пандемијата со коронавирусот.

Меѓутоа, фактите се поинакви. Договорот е потпишан во 2021 година, на 2 февруари. Израелското министерство за здравство го објави Договорот со фармацевтскиот гигант „Фајзер“, каде е дефинирано на каков начин ќе ги споделува информациите за своите вакцинирани граѓани, а со цел да се анализираат епидемиолошките податоци од вакцинацијата и да се утврди дали е постигнат колективен имунитет во Израел. Овој договор беше објавен поради критики кон израелските власти дека наводно ќе ги откриваат личните податоци на своите вакцинирани, како што кажува и жената во видеото. Меѓутоа, од објавениот Договор произлегува комплетна заштита на личните податоци, а „Фајзер“ во него се обврзал и да не ги користи информациите на каков било дискриминаторски или коруптивен начин, односно само да ги користи за потребите на јавното здравје. Договорот може да се пронајде овде и наспроти лажното тврдење во видеото дека бил потпишан две години пред да почне пандемијата, тој е потпишан во 2021 година на 2 февруари.

Како што може да се види во самиот Договор, линкуван погоре, во точката 7.8 пишува дека „Фајзер“ нема да ги користи информациите на ниеден начин кој нема да служи за подобрување на здравствената заштита и јавното здравје, или за да се дискриминира при вработување, осигурување или било кој друг начин. Во точката 7.5 пак е наведен антикорупциски член, односно член кој ќе осигура дека „Фајзер“ нема поради овие информации да си обезбеди поголем или сигурен бизнис, или на каков било друг начин да ги искроисти информациите за нефер бизнис практики.

Фактот што Израел, нација од 9 милиони луѓе, успеа да обезбеди голема количина вакцини има врска со тоа што Израел направи Договор со „Фајзер“,  кој што јавно го објави и според кој, вакцините ги плаќа многу поскапо од европските земји, односно 23 евра за една доза.

Но, израелската влада се согласи на производителите на вакцните да им дава неделни извештаи од вакцинацијата. Ова вклучува број на инфицирани и вакцинирани, демографски податоци како возраст и пол, но не и лични податоци за секој имунизиран! Оттука тврдењето на жената во видеото што го рецензираме, дека луѓето се социјален експеримент, односно дека ,,податоците за нивните души и тела се продаваат на корпорациите” не е издржан. На „Фајзер“ му се дава само општа статистика без приватни информации за секој вакциниран и тоа е уредено во Договорот.

Договорот, пак, за добивање на првите дози вакцини беше потпишан во ноември минатата година, кога пандемијата беше во силен ек.

И Политико објавува, дека според Договорот кој Израел го има со „Фајзер“, ќе се даваат податоци за возраста, полот и медицинската историа на оние кои ги примаат вакцините заедно со нивните несакани дејства и ефикасноста од вакцините. Значи нема да се дава информација за идентитетот за да се зачува приватноста.

Вакцината на „Фајзер“ е испитана во трета фаза и ја намалува смртноста и штити од тешки последици од коронавирусот.

Во Израел Министерството за здравство има официјален формулар за секој да пријави несакани последици од вакцината. 

На 21 јануари израелската асоцијација за алергологија и клиничка имунологија кажа дека 20 милиони дози се администрирани од Фајзеровата вакцина, со само неколку несакани посаледици и без ниеден случај на смрт.

На 9 февруари, израелскиот премиер рече дека 97 проценти од смртните случаи како последица на ковид- 19 во изминатите месеци се кај луѓето што не се вакцинирале против болеста.

Во видеото што го рецензираме изнесено е тврдење дека пандемијата е лажна и дека израелските власти лажат за бројот на смртни случаи кои настанале од коронавирусот.

Премиерот на Израел изјави:

Сакам да ви дадам факт. Последниот месец, во последните 30 дена, 1.536 луѓе починаа од ковид-19 во Израел. Од нив повеќе од 97 проценти не беа вакцинирани. Помалку од 3 проценти беа вакцинирани.

Во 4 минута и 39 секунда од видеот се тврди дека владата ги принудува да се вакцинираат граѓаните, иако ВАКЦИНАТА Е КОМПЛЕТНО ДОБРОВОЛНА и ја прима само тој што сака.

Иако жената ја нарекува пандемијата лажна, досега во Израел има 833 илјади случаи на коронавирус и 6.193 смртни случаи, на земја со популација од 9 милиони луѓе.

Според премиерот на Израел, за оние кои ќе се вакцинираат против ковид со Фајзеровата вакцина, ризикот за хоспитализација се намалува за 98.9 проценти, а ризикот од болест се намалува за 98.5 проценти.

Во седмата минута од видеото говорничката тврди дека луѓе умираат од вакцината. Меѓутоа, на 11 февруари 2021 година, „Тајмс оф Израел“ објави дека од 523 илјади целосно вакцинирани Израелци не починал НИТУ ЕДЕН.

Во меѓувреме има и антивакцинална кампања во Израел која стигнува и до Македонија и која се труди да ги изврти фактите, односно да ја претстави вакцината како причина за смрт на вакцинираните, нешто што не се случува.

Оттука, тврдењата изнесени во видеото, дека Договорот на Израел  „Фајзер“ е стар 2 години пред да почне пандемијата, се лажни, исто како што не е вистина дека пандемијата е измислена, дека во болниците се даваат 22 илјади шекели за секој починат, како и дека фармацевтските гиганти добивале наводни информации за  луѓето кои ја примаат вакцината. Исто така, дезинформација е изнесеното тврдење дека луѓето умираат од вакцината во Израел и дека израелската влада ги принудува граѓаните да ја примат вакцината, напротив таа е на доброволна основа.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција