Видео со измислен превод манипулира дека Бил Гејтс зборува за чипирање со вакцини

Фото: скриншот

Редакцијата на Вистиномер е повеќе од свесна дека целта на ова видео, чиј превод е манипулиран, била тоа да биде сатирично, односно да се сфати како сатира. И најверојатно, голем дел од оние кои ќе го видат ова видео ќе го сфатат како такво – парче сатира, кое нема да го земат за сериозно. Со оглед на тоа што сметавме дека, сепак, ова видео има капацитет да доведе до несакана манипулација или недоразбирање, па макар и кај помал дел од публиката, сепак, тоа е оној дел кој е најподложен на двоумење или отфрлање на вакцините

 

Редакцијата на Вистиномер е повеќе од свесна дека целта на ова видео, чиј превод е манипулиран, била тоа да биде сатирично, односно да се сфати како сатира. И најверојатно голем дел од оние кои ќе го видат, ќе го сфатат како такво – парче сатира, кое нема да го земат за сериозно. Но, тоа нема да им биде веднаш јасно на сите. Во околните елементи нема ништо што би го навело корисникот веднаш да сфати дека станува збор за сатира и тоа особено ако не го познава англискиот јазик, ако не е доволно информиран и ако веќе бил подложен на измислиците и теориите на заговор кои се плетат околу името и ликот на Бил Гејтс. Со оглед на тоа што сметавме дека, сепак, ова видео има капацитет да доведе до несакана манипулација или недоразбирање, па макар и кај помал дел од публиката, сепак, тоа е оној дел кој е најподложен на двоумење или отфрлање на вакцините

 

Видео од американскиот милијардер Бил Гејтс, со лажен превод на неговиот говор, масовно се шири на социјалната мрежа Фејсбук. Во објавата на видеото стои текстот „Bil Gates за вакцините и БАЛКАНЦИТЕ“ и само еден ден по објавата веќе има над 150 споделувања и над 30 реакции.

Лажниот/невистинитиот „превод“ нема директна очигледна сатирична или забавна компонента во себе. Преведувачките измислици во титловите се однесуваат на теми поврзани со актуелни прашања за ковид-19, вакцинирањето и други. Така што, има простор да се смета оти со менувањето на суштината на оргиналното видео преку преводот, без за тоа да биде информирано, дел од публиката ќе стане предмет на манипулација на сатиричните „дезинформации“, односно ќе ги сфати буквално и сериозно. Токму за тој дел од публиката е наменета оваа рецензија.

На видеото е прикажан Бил Гејтс кога бил видливо помлад како дава изјава. Како што нагласивме, она што е невистина и има капацитет да манипулира дел од јавноста е преводот на на искажаните зборови од страна на Гејтс во видеото.

Преводот е на српски јазик и нема никаква врска со она што вистински го говори Гејтс на англиски јазик. Но, доколку некој нема познавања од англискиот јазик, а разбира српски, може да биде доведен во заблуда дека преводот е соодветен на говорот на Гејтс. И тоа особено ако мајчин јазик му е некој трет јазик (како македонскиот, на пример), па и познавањата на српскиот не му се доволно големи.

Според преводот, Гејтс во видеото зборува за вакцина во негова сопственост, за вакцинирање на Балканците, за чипови во вакцините, како и за руската вакцина.

Вистината е дека во овој говор Гејтс не спомнува ни „В“ од вакцина, ниту „Ч“ од чип.

Еве еден дел од изговорениот дијалог од видеото:

Прашање: Мајкрософт потпиша два договори со Real Networks. Дали е ова вистина, господине?

Гејст: Не знам. Мислев дека е еден (договор).

Прашање: Real Networks претходно се викаше Progfressive Networks. Дали е ова точно, господине?

А, еве како овие три реда се преведени во титловите:

Прашање: Тие никогаш немаа купено софтвер од Мајкрософт, зар не?

Гејтс: Не знам како тоа им успеало до ден денешен.

Прашање: Чиповите нема да функционираат во околината на Ртањ, зар не?

Сите титлови кажуваат измислена приказна со свој тек, но ништо од ова нема врска со дијалогот кој се води во видеото.

Еве ги манипулираното (горе) и оригиналното видео (долу) за споредба:

 

Оригиналното видео е, всушност, дел од сведочењето под заклетва на Бил Гејтс на 28 август 1998 година во случајот „САД против Мајкрософт“ за судски спор поднесен против Мајкрософт од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави. Владата на САД тогаш го обвини Мајкрософт за незаконско одржување на својата монополска позиција на пазарот на компјутери преку правните и техничките ограничувања што ги воведе за производителите на компјутери и корисниците да го деинсталираат софтверот за навигација на интернет со име Интернет Експлорер и да користат други програми како што се Нетскејп и Јава. Во овие три минути исечок од целото сведочење, Гејтс одговара на прашања поврзани со овој спор, а не со вакцинирањето на балканците и нивно чипирање.

Освен тоа, Гејтс на видеото е толку млад, односно видеото е толку старо, што нема допирна точка со коронавирусот кој е присутен една година.

Не сите корисници на социјални мрежи имаат високо познавање од англискиот јазик, се упатени и информирани за актуелните теми и се запознати со фактот дека неверојатните приказни кои се плетат за и околу Бил Гејтс се невистинити и класични примери на теории на заговор за да сфатат дека видеото и преводот не се комплементарни. Вака објавено, тоа може за дел од публиката да претставува уште една во низата дезинформации и манипулации за Бил Гејтс и неговото поврзување со коронавирусот, вакцинирањето и чипирањето.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција