Вишинска: Склони сме да веруваме во теории на заговор, а Русија тоа го користи за ширење дезинформации
Фото: Мета.мк
Во регионот на Западен Балкан населението е склоно да верува во теории на заговор, без разлика дали темата е пандемијата на ковид-19, руската агресија врз Украина или нешто трето, вели во интервју за Мета.мк геополитичката аналитичарка Ирена Вишинска, авторка на анализата „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ објавена од Фондацијата „Метаморфозис“
Ирена Вишинска е геополитички аналитичар, чија специјалност е проучување на хибридните закани кон современото општество и геополитичките трендови во регионот на западен Балкан. Вниманието ѝ е насочено кон проучување на дезинформациските текови и странската пропаганда, како и нивните последици во регионот на Балканот. Мета.мк разговараше со Вишинска по повод нејзината најнова анализа „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ објавена од Фондацијата „Метаморфозис“. Во интервјуто, таа ги опишува клучните откритија до кои дошла во објавеното истражување, а дава и препораки како земјите од Западен Балкан да се справат со напливот од дезинформации.
Како авторка на анализата „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“, би можеле ли да ни ги посочите клучните откритија до кои успеавте да дојдете во текот на истражувањето?
Ирена Вишинска: Геополитичката анализа уште еднаш потврди дека во 21 век светот не само што не станува отпорен на дезинформации, туку современата технологија се злоупотребува за уште побрза и поширока дисеминација на дезинформации, лажни вести и пропаганда, што ги успорува, па дури и оневозможува демократските процеси. Ова е особено видливо во регионот на Западен Балкан, каде населението е склоно да верува во теории на заговор, без разлика дали темата е пандемијата на ковид-19, руската агресија врз Украина или нешто трето.
Иако навидум објавувањето дезинформации изгледа како случајна и спорадична појава, таа воопшто не е случајна, туку е дел од воени доктрини на автократски режими чии интереси се спротивни на зацртаните стратешки цели на земјите од регионот. Таквите странски влијанија, кои се дел од т.н. хибридна војна, се исклучително штетни затоа што немаат интерес нашиот регион да се стабилизира и просперира, да ги надмине проблемите и да стане дел од Европската Унија и од НАТО. Напротив, целта на таквите малигни влијанија е да ги продлабочат поделбите и разликите, да се манипулира со јавното мислење, па дури и да се креираат услови за нови војни на Балканот.
Појавата на разни видови дезинформации е многу комплексна, а нејзините последици се далекусежни, па затоа ЕУ, САД и НАТО ја третираат со голема сериозност. Токму затоа, анализата има за цел да укаже на оваа закана кон релативно младите демократии на Балканот и да ја нагласи потребата од преземање итни мерки.
Вашата геополитичка анализа содржи препораки адресирани до земјите од Западен Балкан, а во функција на справување со дезинформациите. Кои се вашите препораки?
Ирена Вишинска: Прва препорака е иницирање широка јавна дебата за ваквата закана заради создавање свесност за нејзиното постоење и нејзините последици. Следна препорака е континуирана реформа на образовниот процес, затоа што образованието во земјите на Западен Балкан не го следи брзиот технолошки развој и тоа резултира со ниска медиумска писменост и отсуство на критичко размислување. И секако, количеството и видот на дезинформации стануваат толку големи што наметнуваат потреба за многу побрзо и посеопфатно разобличување од страна на сертифицирани сервиси, како што е Вистиномер кај нас.
Заради сето ова, анализата упатува повик до целото општество (владата, државните институции, академската заедница, граѓанскиот сектор, медиумите и медиумските работници) за преземање координирани и систематски мерки за справување. Итно е потребна законска регулатива која ќе наложи транспарентност на сопственоста и финансирањето на интернет порталите, но и ќе санкционира пласирање лажни содржини. Во ера на интернетот, изречениот збор или споделената содржина кои содржат лажни и малициозни пораки имаат многу поголемо влијание и треба да повлекуваат многу поголема одговорност.
Анализата укажува дека секоја земја има свои специфики кои бараат конкретни, специфични мерки. Но, за успешно справување со дезинформациите потребна е регионална соработка, размена на искуства меѓу балканските земји, како и придружување кон успешните иницијативи на ЕУ и НАТО.
Кои сличности во дезинформациските наративи што ги анализиравте може да се забележат кај земјите од Западен Балкан?
Ирена Вишинска: Земјите на Западен Балкан го немаат решено својот статус во однос на евро-атлантските интеграции и се наоѓаат на различни точки на тој пат. Таквата состојба остава простор за пласирање наративи кои нудат божемни алтернативи на членството во Европската Унија и НАТО.
Понатаму, домашните проблеми во земјите на регионот се прикажуваат како граѓанска непослушност, па често се пласира пропаганда која ги велича автократските системи како успешни заради постоењето на „цврста рака“ на владетелот, а не „хаотични“ заради демократијата која му била дадена на народот, а тој наводно не ја заслужува.
Уште една заедничка карактеристика на дезинформациските наративи во регионов, освен во Албанија и Косово, е тенденцијата Русија да се прикаже како голем пријател, а „злиот Запад“ да се посочува како виновник за распадот на некогашна Југославија.
И во случајот со руската агресија врз Украина, дезинформациите се пласираат за да се прикаже руската агресија како „специјална операција“ која морала да биде преземена за спас на Руската Федерација од фашизам.
Многу често, медиумите кои служат како генератори на лажни вести ја величаат медицинската помош или кредитите добиени од Русија, Кина, земјите од Заливот итн., а намерно се изостава фактот дека Европската Унија и САД се најголемите донатори на финансиска и друга помош во сите земји во регионот.
Анализата укажува на тоа дека од една страна главниот извор на ваквите дезинформации се руските државни агенции, како Спутник и РИА новости, кои на малите интернет портали во регионот им нудат бесплатни содржини со што ги одржуваат во живот. Од друга страна, локалните интернет портали следат светски тренд за користење различни видови дезинформации во форма на текстови, слики и видео записи за да привлечат читатели и со тоа да остварат финансиска добивка. Истовремено, дезинформациски наративи се промовираат од страна на домашни политички структури кои во услови на информациски хаос добиваат на важност и сопствената желба за власт успешно ја маскираат како висока моралност и патриотизам.
Колку штетното геополитичко влијание кое го утврдивте во рамките на анализата влијае врз секојдневниот живот на граѓаните од регионов?
Ирена Вишинска: За жал, последиците од дезинформациите и штетната пропаганда не се веднаш видливи. Тоа е суптилен процес кој не се поврзува веднаш со отсуство на политички напредок, економски просперитет, решавање на проблемите и искоренување на корупцијата. Токму затоа, ова е полето каде организациите на граѓанскиот сектор можат најмногу да придонесат, да алармираат за постоењето и развојот на ваквите појави кои прераснуваат во безбедносни закани и активно да придонесат за нивно искоренување. Проектот „Центар за дезинформации на Западен Балкан“, имплементиран од страна на Фондацијата Метаморфозис и нејзините партнери во регионот, е многу позитивен исчекор во вистинската насока.
На кои малициозни геополитички аспекти треба да бидеме најпретпазливи како регион кога говориме за нивното промовирање преку дезинформациите?
Ирена Вишинска: Регионот има многу отворени прашања и нерешени проблеми, но тоа не е нешто невообичаено или специфично во однос на светот. Тенденција на дезинформациските наративи е состојбите да се прикажат како исклучително тешки, дури нерешливи, да се прикажат земјите од регионот како жртви на некакви мрачни западни сили кои сакаат да ни го одземат идентитетот или да нè уништат. Сè додека бегаме од одговорноста со тоа што ќе прифатиме наративи во кои некој друг е виновен, а не ние самите, нема да се поместиме од место. Може дури како регион да назадуваме или повторно да се соочиме со војни и почнување од почеток.
Она што мора да го направиме е преземање полна одговорност: искрена и отворена комуникација со цел решавање на проблемите, креирање политички, економски, граѓански проекти кои ќе промовираат помирување и соживот, и забрзани чекори кон полноправно членство во Европската Унија. Само така ќе можеме да обезбедиме опстанок и достоен живот за идните генерации.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар