Витаминот „К“, кој им се дава на бебињата, не е токсин, туку спречува крварење

Фото: 1602904Pixabay

Со години, уште од 1961 година, на бебињата им се дава витаминот К, затоа што при раѓањето го немаат во доволни количини што може да доведе до крвавења кои може да се животозагрозувачки. Витаминот К сам по себе не содржи алуминиум, но алуминиумот може да се појави во мали количини при производството, па затоа Американската агенција за храна и лекови ги задолжува производителите тоа да го наведат на амбалажата. Количеството алуминиум кое би можело на ваков начин да му биде дадено на бебето, е незначително затоа што поголеми количества алуминиум бебињата добиваат преку бебешката формула (храна за новороденчиња)

Со години, уште од 1961 година, на бебињата им се дава витаминот К, затоа што при раѓањето го немаат во доволни количини што може да доведе до крвавења кои може да се животозагрозувачки. Витаминот К сам по себе не содржи алуминиум, но алуминиумот може да се појави во мали количини при производството, па затоа Американската агенција за храна и лекови ги задолжува производителите тоа да го наведат на амбалажата. Количеството алуминиум, кое би можело на ваков начин да му биде дадено на бебето, е незначително затоа што поголеми количества алуминиум бебињата добиваат преку бебешката формула (храна за новороденчиња)

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук на која пишува:

ДОКТОРИ

„Безопасен“ витамин К, кој им се дава на новородените бебиња еден час по раѓањето, е токсин кој нема врска со антикоагулантниот „проблем“ кај бебињата. 

На втората фотографија, што се споделува во објавата, пишува дека една инекција К1 витамин содржи не повеќе од 100 микрограми алуминиум на литар.

Како што наведуваат проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“, компонентите на инекциите на витаминот К, наменет за бебињата, се безбедни според медицински професионалци и истражувања. Инекциите превенираат илјадници неконтролирани епизоди на крвавење кај новороденчињата годишно.

Медицинските професионалци велат дека нема простор за грижа кога станува збор за алуминиумот и витаминот К. Витаминот К, кој им се администрира на бебињата, не содржи алуминиум, но мали количини на алуминиум може да бидат присутни при процесот на производство, бидејќи практично сите материјали што се користат за производство на контејнери за фармацевтски производи содржат алуминиум.

На фотографијата од објавата што ја рецензираме, за витаминот К пишува дека не содржи повеќе од 100 микрограми алуминиум на литар.

Но, колкава е дозата на витамин К за бебето? Бебињата не добиваат литар витамин К. Добиваат една инјекција од 0.5 милилитри. Така што, не добиваат 100 микрограми алуминиум. Со концентрација од 100 микрограми на литар или 100 микрограми на 1.000 милилитри, со оглед на тоа што добиваат 0.5 милилитри доза витамин К, најмногу може да добијат 0.05 микрограми алуминиум.

Алуминиумот не е состојка на витаминот К. Но, според правилата на Агенцијата за храна и лекови на САД, „производителите мора да користат валидни методи за да го наведат количеството на алуминиум во перинаталните медицински производи“

Новороденчињата рутински добиваат витамин К уште од 1961 година. Во извештај од 2013 година, објавен од страна на Журналот за мајчинско-фетална и неонатална медицина, идентификуван е првиот случај во историјата на алафилактички шок кај новороденче, предизвикан од интрамускулна инекција со витамин К. Авторите на извештајот не се запознаени за друг таков случај, односно реакција во текот на повеќе од 6 децении од овие инекции, кои се стандард во поголемиот дел од светот.

Според извадок од Wise Health System, кое било количество алуминиум кое завршува во инекциите со витамин К е инцидентно и се одржува на ниво не повисоко од 0.05 микрограми по доза.

Тоа е помалку од половина од концентрацијата на алуминиум која ја има во бебешката формула, пишуваат проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“.

Американската академија за педијатрија од 1961 година ги препорачува инекциите со витамин К, затоа што препознава дека овој витамин е исклучително важен за да се формираат факторите кои ја згуснуваат крвта. Кога бебето ќе се роди, има многу малку витамин К во себе и затоа е во зголемен ризик од неконтролирано крвавење, додека да наполни 6 месеци, кога веќе јаде доволно храна преку која нивото на витамин К е повисоко.

Според Центарот за контрола и превенција од болести, децата кои не ја примаат инекцијата имаат 81 пати поголем ризик да развијат крвавење од недостиг на витамин К.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Франс Прес“, педијатриските специјалисти во Канада и САД препорачуваат да се даде единечна доза на витамин К на новороденчињата веднаш по раѓањето, за да се заштитат од потенцијално смртоносно крвавење.

Бенефитите од инекцијата со витамин К се неспорни. Нема никаква загриженост за адитивите што се во вакцината, бидејќи тие се со функција да ја стабилизираат и ефективно да го достават овој животоспасувачки витамин до новороденчињата, изјави за „Франс Прес“ доктор Лена Клер Ван Дер Лист, педијатар од Универзитетот во Калифорнија – Дејвис.

Недостигот на витамин К може да предизвика крвавење кое е ретко, но животозагрозувачко. Состојбата на крварење може да се развие брзо во мозокот и во други витални органи. Ваквото крварење може да се превенира со витаминот К, кој е препорачан од Канадското педијатриско друштво и од Американската академија на педијатри.

Овие организации повторно и повторно застануваа зад својата препорака, истакнувајќи дека доказите сугерираат оти опасноста од крварењето е поголема од каков било несакан ефект од инекцијата со витамин К, пишува Франс Прес.

На својата веб-страница, Детската болница од Филаделфија истакнува дека одложувањето на вакцините со цел да се ограничи изложеноста на алуминиум, остава простор здрави деца да бидат изложени на ризици на потенцијално опасни патогени.

Иако новороденчињата примаат 4.4 милиграми алуминиум во првите 6 месеци од нивниот живот преку вакцините, тие примаат повеќе од тоа преку нивната исхрана. Доенчињата кои цицаат примаат 7 милиграми, тие на формула (храна за новороденчиња) 38 милиграми, а новороденчињата што се хранат со формула од соја – 117 милиграми алуминиум за време на првите 6 месеци од нивниот живот, посочува болницата.

Професорот по педијатрија на Тексас Тех Универзитетот Томас Хејл, вели дека витаминот К е една од најефективните работи што може да ги направиме за новороденчињата.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Витаминот К, кој им се дава на бебињата, е сигурен, безбеден и не е токсин, ниту пак, ги изложува новороденчињата на опасни количества алуминиум. Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, витаминот К е тесно поврзан со антикоагулантниот проблем кај бебињата и затоа овој витамин е администриран за оваа проблематика уште од 1961 година.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција