Владата вети континуирано, а само еднаш даде субвенции на младите претприемачи
Проект: Финансиска поддршка за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи.
Со мерката ќе се субвенционираат новоосновани претпријатија чии основачи (над 50%) и управители се млади лица до 30 години, државјани на Република Македонија, преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари, направени за следниве намени:
-
Набавка на опрема, алати и инвентар;
-
Уредување на простор;
-
Изработка на визуелен идентитет на производот/услугата (веб-страница, дизајн на логотип, рекламен мате- ријал);
-
Дизајн на нов производ и амбалажа;
-
Стручно усовршување (учество на специјализирани обуки за потребите на претпријатието);
-
Кофинансирање на трошоците за станарина во бизнис-инкубатор, за времетраење од една година (само за претприемач кој сè уште нема сопствен деловен простор).
(Буџет: 900.000 денари годишно, рок: 2014 – континуирано)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за субвенционирање на новоосновани претпријатија во сопственост на млади претприемачи е дел од Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) година во делот –Мали и средни претпријатија (стр.40). Во програмата е наведено дека рок на реализација на проектот е 2014 година – континуирано, што укажува на тоа дека овој проект или мерка на субвенционирање на мали и средни претпријатија, би се спроведувал во континуитет секоја година додека трае мандатот на Владата. Досега оваа мерка е спроведена само еднаш во 2014 година, затоа ветувањето го оценуваме како делумно исполнето.
Oсвен во програмата, оваа мерка беше потенцирана и за време на предизборната кампања, особено од страна на носителот на листа во втората изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Јанкулоска, и носителот на листа во петтата изборна единица, Александар Николоски.
Мерката за финансиска поддршка за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи е во согласност со Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, усвоена од Владата на РМ на 08.01.2014 година и е идентификувана како Мерка 6. Целта е да се овозможи поддршка на малите и спредни претпријатија како носители на економскиот развој со што би се намалила невработеноста кај младите и би се зголемил процентот на БДП во земјата. Во програмата е наведено дека вкупниот износ за сите субвенционирани млади претприемачи би бил 900.000 денари, сума која соодветствува со буџетот за ветувањето наведено во изборната програма.
Согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 , објавен е еден јавен повик за субвенционирање на новоосновани претпријатија во сопственост на млади претприемачи, повикот е објавен на 21.01.2014 со рок на доставување на понуди до 15.10.2014. На 06.08.2014 година, Министерството за економија објави известување дека средствата на повикот се исцрпени. Во 2015 и 2016 година, овие повици не беа повторно објавени.
Програмите за конкурентност, иновации и претприемништво се донесуваат на годишно ниво. Во програмите за 2015 и 2016 година мерката за субвенционирање на новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи не е вклучена, што укажува на отсуство на континуитет во спроведување на оваа мерка.
Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во делот Бизнис клима и конкурентност (стр.33-40), каде, меѓу другото, се дава и детален осврт на поддршката за мали и средни претпријатија, оваа мерка не се споменува.
Со оглед на тоа што ветената субвенција за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи, беше овозможена само во 2014 година, а не во континуитет, како што беше најавено во програмата, ова ветување го оценуваме како делумно исполнето.
ИЗВОРИ:
- Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018), Мали и средни претпријатија (стр.40) (стр.148) [Пристапено: 07.06.2016]
- Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” (стр.33-40) [Пристапено: 07.06.2016]
- Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година [Пристапено: 07.06.2016]
- Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2015 година [Пристапено: 07.06.2016]
- Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2016 година [Пристапено: 07.06.2016]
- Лидер.мк (23.04.2014): Јанкулоска: Младите со масовна поддршка за проектите на ВМРО-ДПМНЕ [Пристапено: 07.06.2016]
- Ohridnews.mk (22.04.2014): Кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ презентираа мерки за развој на мали и средни претпријатија [Пристапено: 07.06.2016]
- www.konkurentnost.mk [Пристапено: 07.06.2016]
- Министерство за економија [Пристапено: 07.06.2016]
- Агенција за поддршка на претприемништвото [Пристапено: 07.06.2016]
Оценето од: Mилена Јосифовскa
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар