ВМРО-ДПМНЕ: Проект: „Возачка дозвола на 16 години“

Во новиот мандат ќе предложиме измена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со која: на младите луѓе со наполнети 16 години возраст ќе им се овозможи да стекнат право да полагаат за возачка дозвола од Б-категорија; ќе се зголеми бројот на задолжителни часови за практична обука за управување со моторно возило за 30%; возачот-почетник на возраст од 16-18 години нема да може да управува моторно возило надвор од границите на општината во која има место на живеење. Со овие измени ќе се зголеми безбедноста на патиштата како резултат на поквалитетната обука и поголемото искуство на возачите, ќе се овозможи поголема мобилност и подобра комуникација на младите и ќе се намали бројот на сообраќајни прекршоци заради управување на моторно возило без возачка дозвола.

Образложение:

Предложени се измени во Законот за безбедност во патниот сообраќај, според кои се предвидува можност за добивање на возачка дозвола, односно за стекнување на право за управување со моторно возило со навршени 16 години возраст. [Ажурирано на: 07.11.2011]

Во Отчетот за сработеното на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „Земја на мирот, сигурноста, правдата и безбедноста,  е наведено:

Со измените  и дополнувања на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата реализиран е проектот „Возачка дозвола на 16 години“, со кој се овозможи започнување на процесот на оспособување на кандидатите за возачи на 16-годишна возраст (согласно со искуствата на Велика Британија, Северна Ирска, Германија, Австрија, Унгарија, Исланд), под јасно дефинирани строги критериуми кои гарантираат психофизичка зрелост и теоретска и практична подготвеност на кандидатот. [Ажурирано на: 14.04.2014]

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата член 235 став 1, право на управување со моторно возило може да стекне лице кое наполнило 18 години. [Ажурирано на: 14.04.2014]

Со оглед на тоа што според Законот,  младите луѓе  на возраст од 16 години може да го почнат процесот на обука за возачи, но за возачка дозвола може да полагаат кога ќе имаат 18 години,  ветувањето: „Возачка дозвола на 16 години“ е неисполнето

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција