Заробени медиуми: Сакаат ли новинарите слобода
Или поудобна и поисплатлива им е позицијата да бидат во скутот на власта и на државни јасли
Пишува: Ерол Ризаов
Колку и да изгледа неверојатно, сепак има шанси медиумските слободи во Македонија да се вратат на ниво од 2008 година кога бевме на 34. место на светските ранг-листи. Оваа можност да се симне тешкиот и срамниот товар што го носат и власта и новинарството и целото општество, ја дава Централно европската иницијатива (ЦЕИ), која е најголемиот промотор на слободата на медиумите на Балканот. Од први јануари 2015 година, Македонија ќе претседава со оваа влијателна регионална организација, која им помага на балканските земји да влезат во ЕУ.
Би било реално и блиску до здравиот разум да се верува дека претседавачот на ваква значајна организација ќе го почувствува товарот на одговорноста да ги крене медиумските стандарди во својата земја на повисоко ниво. Ако веќе сме на чело на голема организација која се грижи за медиумските слободи, редно би било да не црвенееме од срам кога претседателот ќе става забелешки дека некаде на Балканот имало притисоци врз новинарите.
Преземањето на претседателската палка природно наметнува таква обврска, а, од друга страна, ова е добра можност за Владата да реши во односите со Брисел една од најголемите и најсериозни забелешки за ограничените медиумски слободи во Македонија. Премиерот Груевски веќе најави дека ова е извонредна шанса за промоција на Македонија и ги кажа приоритетите во водењето на ЦЕИ. Тоа ќе биде првенствено економскиот пораст, изградбата на инфраструктура, зголемување на вработеноста и промоција на различноста, на толеранцијата и на плурализмот.
Дали може да се очекува премиерот Никола Груевски да ја прифати оваа реалност и да повлече неколку значајни потези пред првата конференција на ЦЕИ во 2015 година. Прво и најактуелно е веднаш да се преиспита законот пред неговото стапување на сила за драматичното зголемување на давачките на хонорарите за цели 30 до 40 отсто. Практично, оваа „казнена“ политика ќе го задуши и онака сиромашното новинарство. Тоа се открива во фактот дека редакциите на весниците, телевизиите и на интернет-порталите, голем број невладини организации кои го помагаат новинарството се потпираат во повеќе од 70 проценти на хонорарни соработници, чии месечни примања се на работ на гола егзистенција. Зголемувањето на давачките за цели 30 и повеќе отсто, работодавците и поголем број донатори нема да го прифатат како своја обврска. Високиот скок на трошоците веднаш ќе повлече и вообичаени контрамерки, со намалување и на хонорарната соработка и на бројот на ангажирани новинари со договори на дело. Ќе останат без работа голем број луѓе без кои тешко ќе функционираат медиумите со еднаков квалитет.
МОЖЕН ЛИ Е ПОМИРЛИВ ГЕСТ
Втората работа е дали е можно Владата да направи помирлив гест кон новинарските здруженија и да ги прифати сите забелешки на новинарите на медиумските закони и на регулаторни тела кои се во согласност со европските практики и законодавство. Тоа ќе го отвори патот за враќање на довербата на граѓаните во медиумите, а ќе ги врати и повисоките новинарски и редакциски стандарди. Третата работа е рамноправна распределба на владините кампањи и еднаков пристап на сите медиуми до парите од буџетот што се делат повеќе години најчесто како коруптивни средства на највлијателните комерцијални телевизии и на МРТ како јавен сервис. Така, на голема врата, повторно би се воспоставила самостојноста на уредувачките политики и улогата на главните уредници и на редакциските колегиуми. Во значајна мера тоа би ги амортизирало односите на газдите кон уредништвото и би го означило враќањето на јавната сцена на дијалогот и на демократските дебати, каде би дошла до израз различноста, толеранцијата, со еден збор, би се вратил плурализмот таму кај што беше, на самиот почеток. Деблокадата на пристапот на опозицијата до јавниот сервис и до комерцијалните телевизии и весници, би го ставил неминовно во функција и повеќепартискиот парламент кој сега е нелегитимен, бидејќи повеќе од шест месеци функционира без релевантна опозиција.
И, можеби најважниот чекор на една влада со самодоверба при преземањето на претседателската позиција во ЦЕИ, би била сериозната понуда до новинарските здруженија за заеднички проект за субвенции во медиумите и за неопходна финансиска поддршка која нема да се одрази негативно на квалитетот на информирање и на независноста на медиумите и на новинарите. Можеби некои луѓе ќе бидат изненадени, но во Европа и во светот најголемиот број медиуми добиваат солидна помош од државната каса и од голем број други фондови и фондации. Македонија е една од ретките земји каде во медиумската сфера важат најригидните либерални закономерности. Тоа, за мали сиромашни земји со неразвиен медиумски и маркетиншки пазар и со недоволна комуникациска култура, е смртна пресуда и за квалитетот на информирање и за медиумските слободи.
ОТВОРЕНИ ВРАТИ ЗА КОРУПЦИЈА
Во Македонија повеќе од десет години се укинати сите субвенции на медиумите што широко ги отвори вратите на коруптивен пристап и економски притисок врз јавните гласила. Примерите на различен пристап на субвенции и на медиумска финансиска поддршка во сите земји на ЕУ се применливи и во Македонија. Разните форми на буџетска и на друга поддршка на медиумите во Австрија и во скандинавските земји, во Франција и во Германија, можат да бидат голем чекор во подобрување на квалитетот на информирање на граѓаните во Македонија, а можат и да ги намалат тензиите меѓу новинарскиот еснаф, делби полни со омраза на кои им кумуваше политиката, најмногу со селективната штедрост на државната каса само кон поддржувачите на владините политики.
Има уште многу работи кои треба да ги направат и самите редакции, уредниците, менаџментот, медиумските сопственици, но кога би се почнало со овие неколку потези во првите месеци на 2015 година, Македонија би испратила навистина сериозен сигнал и кон ЕУ и кон НАТО, особено кон балканските соседи, дека одлучно се определува за парламентарна демократија и за сè што оди заедно со тоа.
Е, сега, доаѓаме на клучното прашање, дали македонската влада и новинарите, во добар дел, сакаат да имаат слободни медиуми или многу поудобна и поисплатлива им е позицијата ако останат во скутот на власта и во државните јасли каде мерилата за успешност се спротивни на новинарскиот професионализам. Кога овие обврски првенствено кон сопствената јавност би ги исполниле Владата и новинарите, тоа би бил веројатно најзначајниот чекор кон враќање на демократијата и на слободата, на загрозените човекови права.
Тешко е да се поверува дека премиерот Никола Груевски по речиси девет години владеење и уште три години мандат во џебот ќе направи државнички потег и ќе се одлучи на отворање голем демократски пакет и исчекор кон Европа. Иако ова би бил негов најголем влог во иднината на Македонија, колку и да е задоцнет.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар