Заврши Школата на политики 2023, Фондација Метаморфозис со предавања за дезинформациите и говорот на омраза

Фото: Ванчо Џамбаски.

Фондацијата Метаморфозис беше дел од петтиот модул со низа предавања за справувањето со дезинформации, проверката на факти и говорот на омраза

 

Со одржување на петтиот модул насловен „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите“ викендов во Охрид беше заокружена Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование.

Фондацијата Метаморфозис беше дел од петтиот модул со низа предавања за справувањето со дезинформации, проверката на факти и говорот на омраза, споделувајќи и повеќегодишни искуства и свежи сознанија од тековната иницијатива Центар против дезинформации за Западен Балкан, поддржан од Кралството на Холандија, како и од соработката со меѓународната мрежа за слобода на изразување ИФЕКС (IFEX).

Модулот започна со предавања на Владимир Петрески, главен и одговорен уредник на Вистиномер, на темите „Современиот феномен на дезинформациите – како и зошто дезинформациите влегоа во глобалниот јавен дискурс на голема врата“ и „Пропагандата на странското малигно влијание и неговата улога во ширењето на дезинформациите“.

На отворањето воведни обраќања имаа и проф. д-р Александар Љ. Спасов и директорот за партнерство и развој на ресурси во Фондација Метаморфозис, Филип Стојановски.

Главната уредничка на Порталб.мк, Елида Зилбеари, говореше на тема „Методологија на проверката на факти – постапки и чекори на аналитичкиот процес“, додека Петрески зборуваше и за креативните начини за справување со дезинформациите.

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Миле Бошњаковски, одржа предавање на тема „Кризен менаџмент во политичка комуникација“, а професорот Спасов, кој е претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и советник на претседателот на надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања предаваше за „Политички говор: структура, содржина и изведба“.

Деспина Ковачевска, Филип Стојановски и Владимир Петрески од Фондација Метаморфозис зборуваа на темите „Најчести дезинформациски теми во македонскиот јавен дискурс“, „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ и „Проверка на факти на Фејсбук – како најголемата социјална мрежа на светот се справува со дезинформациите“.

 

Петтиот модул на Школата за политики за 2023 година заврши со предавањата на тема „Говор на омраза – дефиниција и историјат; говорот на омраза во Северна Македонија, што вели законската регулатива“ од страна на Горан Ризаов и Деспина Ковачевска од Метаморфозис; на темата „Спречување на дезинформациски напади за организации и поединци“ зборуваше Владимир Петрески, додека за „Градење општествена отпорност на штетните влијанија на дезинформациите преку развој на јавни политики; медиумска писменост – како медиумската програма на Фондацијата Метаморфозис се справува со дезинформациите“, говореа Стојановски, Ризаов и Петрески.

Школата за политики се одржа трета година по ред, во соработка со партнерските фондации и организации кои се дел од Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција