Зошто е толку бројна охридската медиумска сцена

Охридските портали. Колаж: СПФМ
Охридските портали. Колаж: СПФМ

Се поставува прашањето како опстојуваат, да речеме, мноштвото охридски портали? Како финансиски се издржуваат? Кој сѐ ги финансира и поддржува? Одговорот треба да се бара  во нивната едноставност. Најчесто се тоа човек – медиум појави. Содржините ги полнат, најчесто по „копи-пејст” систем, нешто продуцираат самостојно.

 

Пишува: Веле Митановски

 

Охрид ја има ако не најбројната, тогаш една од, квалитативно најдобрите медиумски заедници во земјата. Веројатно, истото може да се каже и за целината на охридската медиумска сцена, значи и за медиумите – во квантитативна и квалитативна смисла. Па, сепак, кога велиме дека Охрид ја има, после Скопје, најдобрата медиумска заедница, треба да бидеме правични и всушност да признеме: Не ја има Охрид, туку ние од медиумската заедница го имаме Охрид. Градот, како таков, може да не направи успешни, ама и да ни го изнесе на виделина лажниот сјај. Охрид, значи, ги поседува и инструментите за да го разобличи лажнотo од професионалното. Со амбиентот, со настаните што тука се случуваат. Не еднаш сум напишал дека настаните ги прават новинарите, а не обратно. Кога е обратно, кога новинарите прават настани, тогаш тоа завршува трагично. Има еден случај од Јужна Америка, кога телевизиски новинар убиваше за да пишува за тоа, односно сум сведочел за  така виканиот “Кичевскиот случај” (иако на суд недокажан како таков), за мојот драг колега и пријател  Владо Танески со кого, после Вевчани, заедно го прогрмевме “Случајот Студенчица” (исто така за води).

Сите ние од Охрид, посебно ние новинарите, треба да му се заблагодариме на градот што не создал, не изградил во тоа што сме. Не знам за другите, меѓутоа за себе знам дека, како новинар, ме создаде, или барем ме изгради амбиентот, градот Охрид, со настаните што се случуваат тука. Поради Охрид, а не поради самите нас, ние новинарите сме имале прилика да се сретнуваме и да разговараме со луѓе од светската политика, со претседателите од сите балкански држави, со крунисани глави, со оние од светскиот џет-сет…Тука треба да се бараат одговорите: Зошто Охрид регрутира бројна медиумска заедница, односно зошто тука се јавија бројни медиуми? Добар дел од охридската медиумска заедница (и сцена) и самиот сум ја создавал и негувал. Уште од старото, „државно”,  Радио Охрид, тогаш втора по влијание радиска куќа, после Радио Скопје. Тоа беше расадник на новинари. И денеска се врвни во професијата. Подоцна Супер радио, низ кое, исто така, минаа бројни колеги. Во најново време – Инпрес, пред тоа печатениот магазин Интервју, за жал со краток век. Ако останало нешто – некој печат, некое наследство, тогаш е вредно да се живее и работи во новинарската професија. Добар дел од денес најактивните, најпродуктивните и најобјективните посветеници на нашата тешка, но чесна професија,  ја минале таа школа, макар каква и да била.

 

ПОЧЕТОЦИ

Не случајно, во раните 90-ти години, на сега веќе минатиот век и во Охрид, се јавија првите независни медиуми во Македонија. Првенче беше Супер радио, што самиот го основав, временски паралелно со, да речеме, Канал 77 од Штип. Беше тоа оној период кога не постоеше никаква медиумска регулатива, кога медиуми формираше кој и каде ќе стигне, кога во земјата се намножија над стотина телевизии, главно локални и двојно повеќе радио станици. Колку Охрид бил атрактивен за медиуми, може да се заклучи и од фактот што во 90-тите години најпопуларните приватни или комерцијални радио станици од Скопје, сакаа да имаат свои охридски летни клонови. Или како посебни фреквенции, или како соработка со овдешните радиостаници. Охрид ја имаше среќата, на почетокот медиуми да формираат лица кои претходно веќе биле професионалци во занаетот, но, за жал, подоцна тоа се изроди во општа трка по медиумски дуќанчиња. Се формираа и по партиска и по „татина” линија, оние што малку ќе поднаучеа во првите медиуми кај професионалците, подоцна, по онаа позната семкарска логика, отвораа своја “семкарница”! На крајот тоа заврши во нов хаос со интернетот кога, во основа, позитивната медиумска сцена, ја прошараа и примери, односно сајтови без никаков професионализам, кои вријат од нечист јазик, конструкции, речиси простотилак. За среќа, не се бројни, лесно се препознатливи, така што јавноста брзо им го детектира лесниот сензационализам, односно ги игнорира.

Подоцнежната законска регулатива на медиумскиот простор во Македонија, го просеа бројот на електронските медиуми. Во Охрид  на три локални телевизии и три радиостаници. Имаше неколку обиди за печатени медиуми, главно неделни магазини, меѓутоа, тоа се покажа како скапа работа. Бргу, дури уште и пред транзицијата,  згасна некогашниот информативен месечник “Езерски глас”, така што сегашното шаренило се сведува главно на бројните портали. Добар дел од нив, се формирани од лица кои веќе работеле во првите приватни професионални медиуми или уште од постаро време – “Радио Охрид”.  Некои се формираа од чиста прагма  (дописници на национални телевизии најдоа за потребно истите информации да ги пласираат и во свој медиум), дел се партиски инспирирани, дел во функција на локалните власти.

 

ПОРТАЛИ

Се поставува прашањето како опстојуваат, да речеме, мноштвото портали? Како финансиски се издржуваат? Кој сѐ ги финансира и поддржува? Одговорот треба да се бара  во нивната едноставност. Најчесто се тоа човек – медиум појави. Содржините ги полнат, најчесто по „копи-пејст” систем, нешто продуцираат самостојно. Оние што ги водат се дописници на национални медиуми, потпрени се на постари и поискусни медиуми, односно новинари и, во основа, ги задоволуваат базичните професионални стандарди. Дел ги иницираше поранешната локална власт, дел се потпираат на актуелната, некритички глорификувајќи ја. Некои се појавија на крилјата на бизнисите со поранешните локални челници, кои подоцна се покажаа како криминални. Водени од непрофесионални лица, без личен и интелектуален кредибилитет, нивните портали, содржински, немаат ништо со професионалноста и етичноста, со јазикот, правописот, човештината, емпатијата.

Од политички аспект, повеќето од порталите се наклонети на актуелната централна, односно локална власт, некои во од се престројуваат, критичката дистанца и објективноста им зависат директно од професионалноста и материјалната (не)зависност. Охрид и покрај сета атрактивност, од аспект на пазар, е крајно ограничен. До реклами се доаѓа со голем напор, а и кога ќе ги добиете ставките се ниски  и речиси навредувачки.

Бројноста на медиумската заедница, односно богатата охридска медиумска сцена, се резултат и на интересот на националните телевизии, како и весниците кои држат до себе, а кои сакаат да имаат свои дописници. Поради атрактивноста на градот и случувањата тука, од политички, културен, туристички аспект и слично. Речиси сите национални телевизиски концесионери имаат свои дописници. Некои со професионално искуство, некои со неколку поминати години низ локалните телевизии, брзо пререгрутирани од спикери во новинари- дописници. Сепак, во основа, добро си ја извршуваат задачата, мораат брзо да учат – гонети од сериозноста на настаните. Се разбира, имало известувања и за рубриките од типот “Верувале или не”, но тоа се, сепак, ретки случаи. Дека Охрид е навистина атрактивен, покажува и односот на светските медиумски куќи, пред сѐ, оние кои емитуваат програми и на македонски јазик. Така, свои дописници овде имаат, односно имале:  Дојче Веле, ББС, Слободна Европа, се до Гласот на Америка (ВОА), од времето кога се коваше Охридскиот рамковен договор, кога и самиот известував за ВОА и Телма.

 

МЕДУМСКА (НЕ)ЗАВИСНОСТ

Македонија влезе во 25-та година, или четврт век политичката транзиција. Што донесе овој период, колку се постигнати целите, колку се одлепивме од политичкиот еднопартизам – од една, односно колку заживел медиумскиот плурализам – од друга страна? Потрошен ли е залудно овој период,  да речеме, на примерот на Охрид? Генерално, не е потрошен, иако многу години и очекувања ги изеле скакулци. На економски план живееме под стандардот од 1990 година, така што нема многу основа за триумфализам. Слабата економија, по правило, продуцира зависни медиуми. Сѐ уште сме земја во која царува криминал и корупција, но од тоа е полошо што заостануваме во демократизацијата на земјата. Од таму, клиентелизмот останува одлика на медиумите кои едвај чекаат изборни соочувања, особено на локален терен, за и тие да лапнат нешто од колачот што владејачките партии го распоредуваат на национално и локално ниво. Затоа, не е случајно што во корпусот на медиумските слободи, за жал, назадуваме  и на национално и на локално ниво. Тука Охрид не може посебно да се издвојува. Колку и да е развиена овдешната медиумска заедница, таа е, сепак, дел од еден заеднички систем. Личниот комодитет – од една, односно клиентелизмот – од друга страна, заедно со слабиот материјален статус, ги прават медиумите подложни на влијанија и ја намалуваат нивната реална моќ да влијаат на настаните и процесите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција