Полувистина: Груевски: ветеното во програмата, се исполнува

Фото: скриншот

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со неколку партиски функционери на 28.02.2016 година беа на средба со граѓаните од Чучер Сандево,  Бразда, Чучер Сандево, Мирковци и Кучевиште.  Груевски тогаш изјави:

Ми беше задоволство што можев директно од граѓаните да слушнам за овие проблеми. Интересно е тоа што сите бараат нивните барања да бидат внесени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од причина што знаат дека ако барањата ги ставиме во програмата, тогаш таа работа се исполнува. Задоволство ми е што дојдовме до тој степен луѓето да разберат дека кога нешто ќе влезе во програмата, тогаш тоа е речиси завршена работа, изјави Груевски

[Извор: Македонија24  (од 0,30 до 1,01 минута од видеото)  Датум:28.02.2016, ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Вистиномер  подолг период ги анализира програмите на политичките партии и ги оценува нивните изборни ветувања. Досега повеќе пати се анализирани  ветувања од програмите на ВМРО-ДПМНЕ за различни изборни циклуси. Некои  од овие ветувања се исполнети, некои се делумно исполнети, но  дел од ветените проекти на оваа партија не се исполнети.

Еве неколку примери:

1.

Меѓу исполнетите ветувања од оваа партија, што беше оценувано од Вистиномер е телефонската линија за медицински совети (Ало докторе). Проектот „Ало докторе“почна со работа  на 15. септември 2015 година.

 

2.

Делумно исполнето е ветувањето за Модернизација и електронска наплата на патарините.

На 08.01.2016 година со почеток на изградбата на новата електронска наплатна станица кај Романовце,   стартуваше пороектот за модернизацијата на патарините.

Ветувањето е делумно исполнето затоа што  е малку  задоцнета реализацијата, која според изборните проекции требаше да заврши до крајот на 2015 година.

3. Изградба на нов клинички блок

Реновирање на хируршките клиники и интегрирање со новиот клинички блок; Поврзување на Гинекологија и акушерство и Онкологија и радиотерапија. (Рок 2014-2018. Буџет 70.000.000 милиони евра)

Клиничкиот центар – Скопје или префрлањето на најголемиот број на сегашните универзитетски клиники од Клиничкиот центар „мајка Тереза“ во нов објект , може да се прогласи метафорично за „клинички случај“ и станува збор за неисполнето ветување на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ и на Владата, т.е. на Министерството за здравство. Се разбира, ако работите не ги гледаме од формален, туку од суштински аспект, т.е. не од ископаната и оставената огромна дупка со која формално уште на почетокот на 2014 година беа означени почетокот на градежните работи.

4.

Долго најавуваниот проект за воспоставување на ЦЕРТ-тим во Македонија (CERT –Computer Emergency Readiness Team)  кој би работел на превентивни мерки при сајбер напади е предвиден во предизборната програма на ВМРО – ДПМНЕ 2014-2018 година со рок на реализација до 2015 година. Засега нема информација дека ова стручно тело е воспоставено, така што може да се заклучи дека изборното ветување „Управување со сајбер кризи-Cyber Crisis Management”, е неисполнето.

Имајќи го предвид сето ова може да се каже дека изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски  дека  ветеното во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се исполнува, е полувистина.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција