SCADA системот на скопски „Водовод“ стои во место
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, во изборната програма „Мојот избор“ (стр.61), со која тој излезе на локалните избори во 2013 година, меѓу другото, вети и ПРОЕКТ: СИСТЕМ ЗА ДАЛЕЧИНСКО УПРАВУВАЊЕ И НАБЉУДУВАЊЕ (SCADA):
Со почнување со проектот за SCADA во скопскиот систем за снабдување со вода, односно воведувањето SCADA во скопскиот водовод, значително ќе се подобри економичното работење на претпријатието. (Рок: 2014-2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
SCADA (Supervisory Control and Data Acquisition) е систем за мониторинг кој овозможува автоматско следење и управување на целиот водоводен систем, лоцирање на дефектите и нивно брзо отстранување односно автоматска регулација и управување на системот. Според проверката што ја направи Вистиномер, овој проект стои во место и го оценуваме како неисполнет.
Медиумите уште во јануари 2013 година (три месеци пред локалните избори) информираа дека ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе воведе SCADA систем. Според тоа што беше тогаш соопштено, SCADA системот веќе беше имплементиран:
во локалитетот Бутел – Радишани – Шуто Оризари, а постојат планови за негово проширување на целиот водоснабдителен систем на Градот.
Сепак, досега (27.04.2016) нема информации дека овој систем е проширен. Ваков податок нема на веб-страницата на претпријатието, ниту пак, може да се најде со пребарување на интернет.
На веб-страницата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје стои:
Во дел од објектите за водоснабдување е имплементиран систем за мониторинг и автоматско управување – SCADA (Supervisory Control and Data Acquisition). Овој систем им овозможува на операторите и контролорите во секој момент да имаат увид за состојбата на објектите, работните параметри и евентуални проблеми во работењето. Со тоа се овозможува брза реакција во случај на дефект на инсталираната опрема, рана детекција на аномалии во водоводниот систем (преголема потрошувачка, неконтролирано истекување и слично), како и можност за анализа на историски податоци за работните параметри на системите.
SCADA системот е имплементиран во локалитетот Бутел – Радишани – Шуто Оризари, а постојат планови за негово проширување на целиот водоснабдителен систем на градот.
Со оглед на тоа што овој проект сè уште го има само во локалитетот Бутел – Радишани – Шуто Оризари ( каде што беше имплеметиран и пред три години кога Трајановски го даде ветувањето), може да се заклучи дека ова изборно ветвање е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Мојот избор – Изборна програма на Коце Трајановски (стр.61) [Пристапено на 27.04.2016]
- Засе (23.01.2013, 14:23) Нови проекти на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје за 2013 година [Пристапено на 27.04.2016]
- Веб-страница на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје [Пристапено на 27.04.2016]
Оценето од: Владе Ѓорчев
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар