Велес не доби покриен градски пазар

По два неуспешни конкурси, Општина Велес самата ќе прави покриен пазар. Фото: Општина Велес

 

Проект: Изградба на затворен пазар и трговски центар
Опис: Изградба на затворен пазар и трговски центар на локација на постојниот  отворен  пазар.  Положбата  и  состојбата  на  постојниот  градски  пазар  овозможуваат, преку ЈПП, да се покрие дел од пазарот и на тој начин да се добие современ објект за потребите на фармерите, трговците и на граѓаните на Велес. По покривање на пазарот ќе се создадат услови за негова надградба, со изградба на трговски центар. (Извор на финансирање: Јавно-приватно партнерство; Рок: 2016-2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во својата изборна програма, на 33-та страница, Славчо Чадиев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Велес, пред локалните избори во 2013 година им вети на велешани дека во периодот  2016  – 2017 година, постојниот градски пазар во Велес ќе биде покриен, односно ќе стане дел од нов објект, кој ќе вклучува и трговски центар.

Сега веќе влезени во 2017 година, проверивме до каде е реализацијата на ова ветување, кое беше вброено во капиталните проекти. Излегува дека работите се прилично развлечени и допрва се најавува почеток на изградбата на пазарот ( април 2017), кога веќе завршува мандатот на Чадиев, па ветувањето го сметаме за неисполнето.

Првата работа на која наидовме пребарувајќи е вест од 31 октомври минатата година, објавена на „Дума“. Чадиев вели дека бидејќи на двата распишани конкурси не се јавила заинтересирана фирма за јавно-приватно партнерство (ЈПП), Општината самата ќе го гради затворениот пазар на местото на постоечкиот. Притоа велешкиот градоначалник вели дека работите би траеле можеби една година, а Општината за тоа ќе намени 300.000 евра.

 Цениме дека оваа работа ќе биде опсежна и ќе трае можеби во цела една година. Прво ќе почнеме со долниот дел на пазарот за да може непречено да се одвива функционирањето на постоечкиот простор, можеби во позбиени услови. Еден дел од пазарот ќе биде дислоциран на паркингот кој што се наоѓа од спротивната страна. По завршување на првиот дел ќе се пристапи кон изградба на вториот дел. Ќе се работи дел по дел, рече Чадиев.

На веб-сајтот на Општина Велес наоѓаме информација од 31 октомври 2016 година, за презентацијата на идејното решение за проектот „Покриен градски пазар“. Притоа се соопштува дека идејното решение наскоро ќе се доработи во финален проект.

Во Отчет на Општина Велес 2016 меѓу реализираните проекти на стр. 6 читаме и дека е изработен проектот за покриен градски пазар. При презентацијата токму на тој отчет на 26 декември 2016 година, Чадиев го повторува ветувањето дека годинава (2017) ќе се реализира проектот „Покриен градски пазар“.

Како прв проект предвиден за реализација е „ПОКРИЕН ГРАДСКИ ПАЗАР“. Тој воедно е 10 капитален проект ветен во изборната програма од локалните избори. Реализацијата чини 12 милиони денари. Средства кои Општина Велес ги издвои од сопствениот буџет. Ова воедно е 10-тиот капитален проект кој во ветивме во изборната програма. Останатите девет се веќе реализирани.

Според  изјавата на Чадиев којашто ја пренесе телевизијата „К1“ на 27 декември минатата година (2016), изградбата на пазарот би почнала најверојатно во април годинава. А тоа е веќе крајот на мандатот на Чадиев, така што,  ова негово изборно ветување  го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.