ВМРО-ДПМНЕ: Интероперабилност

Со овој проект се воспоставува рбетниот систем на комуникација на државните институции. Со ова решение институциите нема повеќе да собираат информации од граѓаните, коишто ги поседуваат веќе други институции, со што ќе се редуцира дуплирањето на податоците и повеќекратното патување на граѓаните и фирмите од шалтер на шалтер. Оваа инфраструктура ќе биде основа за упростување на административните постапки и воведувањето на електронски административни услуги.

Само со релизацијата на првата пилот-фаза и поврзувањето на првите четири институции во текот на оваа година (Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар и Царинската управа), се елиминираат 150.000 патувања на граѓаните и бизнисмените од шалтер на шалтер. Сите потребни информации на поврзаните институции можат електронски да ги добијат на секој шалтер и на секој компјутер. Во наредните години, сите државни институции коишто нудат услуги за граѓаните ќе се поврзат на овој систем, со што институциите ќе станат ефикасни и услужно ориентирани.

Носител: Министерството за информатичко општество и администрација. Буџет: 2 милиони евра. [Рок: 2012 – мај 2015*]

Образложение:

Првата фаза од проектот е спроведена во февруари 2011 година и во неа е извршено поврзување на Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар и Царинската управа. Дополнително е поврзано и Министерство за внатрешни работи. Оваа фаза е изведена надвор од периодот на следење на спроведување на дадени предизбодни ветувања (2011-2015). Бидејќи дадениот рок за исполнување е мај 2015, ќе се продолжи со следење на прогресот на ова ветување.

Заклучно со март 2013 година, во овој систем сè уште се приклучени само првичните 4 институции. Според најавите, се очекува во текот на 2013 година во системот да бидат приклучени и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, а за наредните години планирано е приклучување и на останатите државни институции. [Ажурирано на: 04.05.2013]

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „Реформа на администрацијата “, за проектот „Интероперабилност“ е наведено:

„Во тек се активности за поврзување на уште 25 државни институции во системот за интероперабилност“. [Ажурирано на: 08.04.2014]

На осми април 2014 министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ја претстави Владината оптичка ИТ мрежа. Успешната реализација на овој проект треба да доведе до намалување на финансиските трошоци кои се издвојуваат за поврзување кон интернет и фиксна телефонија кај сите органи на државната управа. Притоа ќе се овозможи простор за реализирање на нови ИТ проекти, како на пример воведување на Интернет телефонија (Voice over Internet Protocol), централизиран систем за управување со документи (Document Management System) во сите институции, интероперабилност помеѓу сите институции кои земаат учество во издавање на соодветни документи или на било каков начин нудат услуги кон граѓаните или пак компаниите.

Во изминатиот период направени  се повеќе  активности  поврзани со проектот „Интероперабилност“ , сепак тој не е во целост реализиран, така што ова ветување  е неисполнето.

Забелешка*: Како краен рок за исполнување на ветувањето е земен април 2014 година, бидејќи тој месец истекува мандатот на владата.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција