Реконструкцијата на Универзална сала се забрза предизборно

Фото: Фејсбук профил на градоначалникот Петре Шилегов - колаж

Обновата на Универзална сала се најавува повеќе од една деценија, поточно 13 години, и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
Во изминативе четири години од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов  имаше повеќе најави за реконструкција на Универзална сала, но имаше и идеи да се изгради нова сала на нова локација, а постојниот објект да се урне и на тоа место да се направи парк. По реакциите во јавноста  беше одлучено дека Универзална нема да се руши, туку ќе се реновира во сегашниот облик и големина. Реконструкцијата конечно започна на почетокот на летото и случјано или намерно се поклопи со предизборието. Изминатиот период на терен се работеше на изведба на идната метална конструкција, чии носечки столбови треба да бидат основа за изработка на надворешниот изглед на објектот. Пред десет дена почна уривањето на дел од постојниот објект на Универзална – влезот во салата и некогашната мала сцена на која се одигруваа претстави и други културно-уметнички активности од помал обем

Обновата на Универзална сала се најавува повеќе од една деценија, поточно 13 години, и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во изминативе четири години од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов имаше повеќе најави за реконструкција на Универзална сала, но имаше и идеи да се изгради нова сала на нова локација, а постојниот објект да се урне и на тоа место да се направи парк. По реакциите во јавноста беше одлучено дека Универзална нема да се руши, туку ќе се реновира во сегашниот облик и големина. Реконструкцијата конечно започна на почетокот на летото и случјано или намерно се поклопи со предизборието. Изминатиот период на терен се работеше на изведба на идната метална конструкција, чии носечки столбови треба да бидат основа за изработка на надворешниот изглед на објектот. Пред десет дена почна уривањето на дел од постојниот објект на Универзална – влезот во салата и некогашната мала сцена на која се одигруваа претстави и други културно-уметнички активности од помал обем 

 

 

Ветување: Универзалната сала се враќа во градот Скопје младост ти ќе бидеш!

Универзалната сала беше омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан. Денес, Универзална е запоставено и безживотно место, наспроти нејзиниот сјај во минатото. Иако најавувана во повеќе наврати, нејзиното ревитализирање не се случи. Се сеќаваме на времето кога Универзалната сала беше дом на фестивалот „Златно славејче“.

 Веднаш го почнуваме процесот за изградба на салата, според најсовремените стандарди за безбедност, техника, за удобност на гледалиштето и за пристап до салата

 [Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  (стр.28) – датум: октомври 2017 г. ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во пресрет на локалните избори Универзална сала во Скопје забрзано се реновира. Се урива старата конструкција и се поставува нова, по што ќе почне изведбата на надворешноста и куполата. Во втората фаза од иведбата ќе се уредува ентериерот, а комплетната реконструкција на Универзална сала треба да заврши наредната година.

Ова е делумно исполнето ветување на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов дадено  во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.), кога како кандидат на СДСМ за челната позиција во главниот град, на скопјани им вети дека веднаш по добивањето на градоначалничкиот мандат ќе стартува процесот за изградба на Универзална сала. Проектот е дел од неговата изборна програма„Живот во Скопје за сите!“, стр.28, а истото ветување Шилегов го даде и две недели пред локалните избори, на јавна трибина пред Универзална сала (01.10.2017), од каде што порача дека ќе ја врати во живот и  ја запеа песната „Скопје, радост ти ќе бидеш“.

 

РЕКОНСТРУКЦИЈАТА СЕ ПОКЛОПИ СО ПРЕДИЗБОРИЕТО

Во март оваа година беше промовиран проектот за реконструкција на Универзалната сала, според кој објектот ќе го задржи постојниот изглед и габарит, а капцитетот на салата ќе биде 1.100 до 1.200 седишта. Проектот е донација од архитектот Бујар Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон инженеринг“.

На 4 јуни Град Скопје го потпиша Договорот за реконструкција на фасадата и покривот на Универзална сала  во вредност од  речиси 1,9 милиони евра, а изведувач на градежните работи е скопската фирма „Универзал-Балкан“.

По многу најави реконструкцијата на Универзална сала конечно започна на почетокот на летото и случјано или намерно се поклопи со предизборието. Почна да се оградува просторот околу објектот, а за стартот на градежните работи градоначалникот Шилегов  објави на Фејсбук:

Со гордост можам да најавам дека Универзалната сала конечно се враќа на скопјани во својот препознатлив сјај! Почнавме со реконструкција на култниот објект кој ќе биде со современ архитектонски изглед, а ќе се гради по сите светски стандарди. Особено важно е задржување на автентичноста на Универзалната сала, по што сите ние ја паметиме.

А најважно од сѐ е да го вратиме духот на Скопје и сите оние фестивали и настани таму каде што припаѓаат! напиша тој.

Новиот лик на Универзална сала
Фото: Принтскрин видео

Изминативе два-три месеци на терен се работеше на изведба на идната метална конструкција на Универзална сала, чии носечки столбови треба да бидат основа за изработка на надворешниот изглед на објектот. Пред десетина дена почна уривањето на дел од постојниот објект на Универзална – влезот во салата и некогашната мала сцена на која се одигруваа претстави и други културно-уметнички активности од помал обем. Градоначалникот Шилегов на својот Фејсбук профил сподели фотографии за текот на реконструкцијата и напиша:

Универзална сала започнува да го добива своето ново лице !!!

Скопје, една поинаква приказна !

Фото: meta.mk

ОБНОВАТА НА УНИВЕРЗАЛНА СЕ НАЈАВУВА ОД 2008 ГОДИНА

Универзална сала започнала со работа  во 1966 година, а е затворена веќе шест години – од март 2015, (во време на претходната власт предводна од ВМРО-ДПМНЕ), кога по завршувањето на партиската трибина на СДСМ на која беше објавена бомбата за изборни измами, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата.

Инаку, обновата на Универзална сала се најавува повеќе од една деценија, поточно 13 години, и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

Ветувањето за реконструкција на Универзална со извесни модификации се повторува во повеќе изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од 2008 година. За првпат се споменува во програмата: Преродба во 100 чекори надградена и проширена (стр. 179), каде се предвидува „Реновирање на Универзалната сала во Скопје“ , со рок на реализација 2012 година.

Во 2013 година во време на поранешниот скопски градоначалник, Коце Трајановски,  беше најавено дека објектот ќе се урива за да се гради нова сала, во форма на стаклено јајце.  На почетокот на 2015 година Универзална беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“. Сепак, идејата за „јајцето“ пропадна, по што следеа најави за нејзина обнова со можност за зголемување на капацитетот. (Изборните ветување за обнова на Универзална сала дадени од ВМРО-ДПМНЕ „Вистиномер“ ги анализираше во мај 2011, во април 2014  и во февруари 2016 година.)

По доаѓањето на градоначалникот Шилегов, во првата година од неговиот мандат беше вратено името Универзална сала. Во изминативе четири години од мандатот на Шилегов  имаше повеќе најави за реконструкција на Универзална, но имаше и идеи да се изгради нова сала на нова локација, а постојниот објект да се урне и на тоа место да се направи парк. По реакциите во јавноста  беше одлучено дека Универзална сала нема да се руши, туку ќе се реновира во сегашниот облик и големина.

Со тековната реконструкција , која стартуваше неколку месеци пред крајот на мандатот на Шилегов, треба да се задржи автентичниот изглед на Универзална сала како симбол на меѓународната солидарност искажана кон Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Реконструкцијата вклучува обнова на внатрешноста, фоајето и влезниот дел, обнова на надворешноста и имплементирање на мерки за енергетска ефикасност. Исто така, ќе се интервенира во машинскиот дел, во сценскиот дел и во делот на техниката.

Универзална сала била проектирана од бугарските архитекти Станкови (Јарослав, Љубомир и Владимир) и нивната сестра К. Станкова-Мутафов, по урнек на објектот на Софискиот циркус, којшто настрадал во катастрофален пожар во 80-тите години на минатиот век. Таа е симбол на меѓународната солидарност, бидејќи во обезбедувањето средства за нејзината изградба учествувале дури 35 земји од целиот свет. Со свои донации во финансиски средства во изградбата на Универзалната сала учествувале: Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Гвинеја, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Шри Ланка, Турција, Тунис, Уругвај, Чиле и странски туристи кои ја посетиле тогашна Југославија.

Па, имајќи ја предвид горенаведената аргументација, вклучително и тоа дека реконструкцијата на Универзална сала е во тек и се прават конкретни активности во насока на реализација на ветувањето – на терен се одвиваат градежни работи од првата фаза на изведбата и се поставува нова метална конструкција, според методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување на Шилегов добива оценка делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција