На страницата на Црвен крст на САД, сепак, се кажува дека тие што се вакцинирале против ковид не можат да донираат крвна плазма. 

 

Каква е состојбата во Македонија?

Како што за „Вистиномер“ тврдат од Институтот за трансфузиона медицина, на 8 април 2021 година на стручен состанок биле прифатени ажурираните критериуми за избор на дарители на крв, тромбоцитен концентрат и конвалесцентна плазма после вакцинација против ковид-19 од страна на стручниот колегиум на ИТМ-Скопје.

Ако вакцините се базираат на mRNA технологија (Pfizer/BioNTech, Moderna, CureVac): Се одложува дарувањето за 48 часа по вакцинирањето поради можна појава на локални симптоми на местото на аплицирање на вакцината (болка, црвенило, чешање, оток). Одложување на дарувањето за 7 дена од прекин на симптомите во случај на несакани ефекти од вакцината (замор, главоболка, болки во мускулите, треска, болки во зглобовите, треска, гадење, лимфаденопатија). Ако вакцините се базираат на технологија на аденовирусен вектор (AstraZeneca/ Oxford, Johnson и Johnson/Јansen, Sputnik V): одложувањето на дарувањето е 4 недели по вакцинацијата. Ако лицата не знаат со која вакцина биле вакцинирани: дарувањето се одлага за 4 недели по вакцинацијата.

Критериуми за избор на дарители на конвалесцентна плазма после вакцинација против КОВИД-19: Лица кои примиле вакцина ковид-19 и немале ковид-19 не можат да даруваат конвалесцентна плазма. Лица кои имале ковид-19 и примиле вакцина ковид-19 можат да даруваат конвалесцентна плазма (со валидно задоцнување, во зависност од видот на вакцината). Дарителите на конвалесцентна плазма, кои во текот на лекувањето од ковид-19 примиле трансфузија на конвалесцентна плазма, мора да ги исполнуваат сите критериуми за дарување на полна крв и тромбоцитен концентрат, вклучувајќи одлагање од 6 месеци од датумот на трансфузија (примање на трансфузија на конвалесцентна плазма), објаснуваат од Институтот за „Вистиномер“.

Оттука, нашата проверка на факти, покажа дека не е вистина оти оние кои се имунизирале, не смеат да донираат крв. Во Македонија дефинитивно не е забрането  оној кој се вакцинирал и кој прележал ковид, да донира крв. Не е забрането ниту да дарува крвна плазма, ако прележал ковид и се вакцинирал. Тој што се вакцинирал, а не прележал ковид, не може да дарува конвалесцентна плазма. Во САД, исто така, не е забрането тој што се вакцинирал да донира крв. Во Јапонија, пак, само оние кои го зборуваат јапонскиот јазик смеат да донираат крв.