ДУИ: Капитални инвестиции во патната инфраструктура

Ќе нудиме реални и разумни економски проекти со цел да се реализираат капитални  инвестиции, особено за оние од патната инфраструктура (коридор 8 и 10). Ќе иницираме еден проект за да почне реализацијата на мултимодалниот терминал (клучка на патен, железнички и воден транспорт) во Струга, можна концесија на патната инфраструктура од Коридорот 8, реализација на оската на т.н. “Патот на Арбер”.

Образложение:

Изминатите години се работеше на довршувањето на Коридорот 10. На 16.06.2010. министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски ја посетил локацијата кај клучката „Речица“  на која беа во тек градежни активности со цел изградба на патната делница Табановце – Куманово , која е на транспортниот Коридор 10. Оттаму ветил дека најдоцна до ноември 2010, комплетно ќе заврши изградбата на овој пат.

Но, и после речиси година дена се уште се гради. Министерот на 27.04.2011 г. на прес-конференција, изјавил дека се гради автопатска делница Куманово-Табановце.

Владата на 13.04.2011 објави дека обезбедила дополнителни 107 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР за изградба на автопатската делница Демир Капија-Смоквица од Кориодорот 10, во должина од 28,2 километри.

Сепак, недопрен е коридорот 8, нема подобрувања во патниот транспорт, а ни во железничкиот! Не е почнат ниту еден проект за реализацијата на мултимодалниот терминал (клучка на патен, железнички и воден транспорт) во Струга. Нема интерес за можна концесија на патната инфраструктура од Коридорот 8, а реализацијата на оската на т.н. „Патот на Арбер“ не е почната. При претставувањето на економската програма пред албанските бизнисмени на 04.05.2011, ДУИ повторно ветува дека ќе ја изгради.

Според Форум, „Македонија е една од ретките земји во светот која нема железничко поврзување со две соседни земји (Албанија и Бугарија), во изминативе дваесетина години ниту една владејачка гарнитура не најде сили за изградба на пругите…“ Дневник потврдува за недоградената пруга кон Бугарија.

Утрински весник известува дека до сега се уште не е почната концесионирањето на патиштата од Коридор 8 (трае 3 години), а според Време, Коридорот 8 е во ќор-сокак.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција