Емисиите на јаглерод диоксид не може да се решат само со пошумување

Фото: pixabay.com

Не е точно дека во светот не се садат дрвја за да се намали емисијата на јаглерод, но таа мерка не е единствената која е доволна. Не е точно ниту дека елити создаваат природни катастрофи со цел да го контролираат населението и потоа да нудат решенија со кои им се намалуваат слободите на граѓаните. Кога станува збор за намалување на емисиите на јаглерод во атмосферата нема едно единствено магично решение. Иако садењето дрвја е важно, мора да биде правено заедно со други решенија и заеднички напори. Според проектот на ЕУ, Реинфорест, една последица од климатските промени е тоа што се појавуваат сериозни суши, што е водечка причина што се намалуваат шумите во светот

Не е точно дека во светот не се садат дрвја за да се намали емисијата на јаглерод диоксид, но таа мерка не е единствената која е доволна. Не е точно ниту дека елити создаваат природни катастрофи со цел да го контролираат населението и потоа да нудат решенија со кои им се намалуваат слободите на граѓаните. Кога станува збор за намалување на емисиите на јаглерод во атмосферата нема едно единствено магично решение. Иако садењето дрвја е важно, мора да биде правено заедно со други решенија и заеднички напори. Според проектот на ЕУ, Реинфорест, една последица од климатските промени е тоа што се појавуваат сериозни суши, што е водечка причина што се намалуваат шумите во светот

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Размислете!
Ако ,,елитите” навистина беа загрижени за емисиите на јаглерод, зошто не спроведуваат масовна кампања за пошумување на планетата?!
Логично нели!?
Наместо тоа, тие палат пожари низ светот, сечат шуми, предизвикуваат постојани ,,случајни”катастрофи , ја запрашуваат атмосферата и тврдат дека ќе го решат проблемот со тоа што ќе ве натераат да платите за емисиите на јаглерод?!?!?
Сè е кристално јасно, потребна ви е само основна логика за да разберете дека сето ова е уште една долго подготвувана измама! Како и секогаш тие предизвикуваат проблеми а потоа наметнуваат решенија кои резултираат со нови ограничувања и зајакнување на контролата.

Во оваа објава се забележува наративот на теоријата на заговор Кју Анон, според кој одредена неименувана „елита“ со цел да воспостави контрола врз светот „предизвикува катастрофи, па предлага решенија за истите со вистинска цел зајакнување на контролата врз граѓаните“. Во објавата се обвинуваат „елитите” за предизвикување пожари во светот без да се понудат какви било докази или конкретни примери. Вистиномер веќе забележа еден таков пример, кога пожарот на Хаваи, лажно беше претставен дека бил предизвикан со ласерско оружје, иако станува збор за природна катастрофа непредизвикана од никого.

Потоа „елитите“, исто така, се обвинуваат за запрашување (многу пати докажано дека не постои запрашување со отрови од воздух, туку дека станува збор за дезинформација). И на крајот на веќе разработените дезинформации за пожарите и прскањето на отрови од воздух, се додава и дека емисиите за јаглерод диоксид ќе треба да ги платат граѓаните, а дека тоа е една голема измама, односно дека емисиите на јаглерод се намерно предизвикани од елитите, со цел да наплатат за емисиите на јаглерод диоксид.

Луѓето се барем делумно одговорни за ослободувањето огромни количества јаглерод диоксид и други стакленички гасови во атмосферата. За да се намали ова влијание на човековиот фактор, потребно е да се промени животниот стил и навиките на граѓаните и тие да станат посвесни колку јаглерод диоксид се ослободува со некои човекови активности. Тоа, наједноставно кажано, се нарекува јаглероден отпечаток и значи колку јаглерод диоксид произведуваме на дневна основа. Што повеќе енергија користи некој човек, толку поголем е неговиот јаглероден отпечаток. Граѓаните може да го намалат јаглеродниот отпечаток, на пример, ако тие да одберат да пешачат или да користат јавен превоз наместо автомобили, потоа со рециклирање, како и да пазарат локално произведена храна, да се пошумуваат средините со дрвја, да го направат домот енергетски ефикасен итн.

Не е точно дека не се спроведуваат акции за пошумување во земјите, како што се тврди во објавата. Во март 2023 година Европскиот парламент одобри нови амбициозни правила кои го регулираат секторот за користење на земјиштето, промена на користењето на земјиштето и шумарство. Шумите во ЕУ секоја година апсорбираат еквивалент на 7 проценти од вкупните емисии со стакленички гасови во ЕУ. ЕУ може да се пофали со 159 милиони хектари шума, покривајќи 43.5 проценти од нејзината површина.  Покриеноста со шуми може значително да варира од една до друга земја на ЕУ од нешто повеќе од 10 проценти во Малта до 70 проценти во Финска. Покрај тоа што го намалуваат нивото на јаглерод, шумите помагаат да се заштити почвата од ерозија, да се заштити биолошката разновидност преку обезбедување живеалишта за бројни видови и да се регулира локалната клима.

Во објавата се тврди дека садењето садници не се практикува за да се намали емисијата на јаглероден диоксид, но политиките на ЕУ кои се јавно достапни го покажуваат токму спротивното. Имено, новите правила усвоени во 2023 година како и досега, предвидуваат засадување нови шуми и запирање на уништувањето на шумите.

Ова треба да доведе до уште поголемо намалување на емисиите од 57 проценти до 2030 година, пишува на сајтот на Европскиот Парламент.

Како што е познато, во повеќе земји садењето дрвја е дел од програмите и иницијативите за да се намали јаглеродниот отпечаток кој ја загрозува целата планета, наспроти теориите на заговор кои што се обидуваат да го минимизираат овој горлив проблем.

Но, кога станува збор за намалување на емисиите на јаглерод во атмосферата, Кари Халгасон од проектот Карб Фикс вели дека нема едно единствено магично решение. Иако садењето дрвја е важно, мора да биде правено заедно со други решенија и заеднички напори. Во текст објавен на сајтот на Европарламентот се објаснува зошто садењето садници не може да биде единственото решение за намалување на стапките на јаглерод.
Не дојдовме во оваа климатска катастрофа со горење на дрвја, туку со мамење. Практично копавме во земјата и извлековме дрвја во вредност од стотици милиони години во форма на фосилни горива и потоа ги изгоревме за 100 години. Никогаш нема да може да има доволно дрвја на планетата за да се врати назад количеството на јаглерод диоксид кое веќе сме го произвеле во воздухот, таа точка е помината, изјави Хелгасон.

Потоа, во текстот се додава дека садењето дрвја е полесно да се каже отколку да се направи. Поради фактот што секоја година се сечат 15 милијарди дрвја, а 5 милијарди се надоместуваат. Со ова, некои научници сугерираат дека ќе биде потребно садење на 1 трилион дрвја и потоа да се чека целосно да пораснат, за да имаат ефект на промените во климата. Според овие истражувања, еден трилион дрвја би можеле да задржат 1.012 милијарди тони на јаглерод диоксид, што е една третина од емисиите на јаглерод диоксид на луѓето. Според проектот на ЕУ Реинфорест, една последица од климатските промени е тоа што се појавуваат сериозни суши, што е водечка причина што се намалуваат шумите во светот. Така што, колку повеќе се зголемува температурата, толку посува станува земјата и на крај ова води до тоа почвата да е толку сува што не е прилагодлива на многу видови дрвја. Климатските промени, исто така, ги прават дрвјата поподложни на штети од инсекти и болести, што може да влијае негативно на способноста на дрвјата да го примаат јаглеродот. Според една студија, шумите оштетени од суши и инсекти и болести, успеваат да примат меѓу 69 и 28 проценти помалку јаглерод.

Во 2015 година 175 земји од светот го потпишаа Парискиот климатски договор на Обединетите нации и се обврзаа да ја намалат емисијата на јаглерод диоксид. Големите компании во светот, исто така, развиваат политики за намалување на емисијата, се префрлаат на обновлива енергија, а луѓето од целиот свет сè повеќе се свесни за своето учество во климатските промени и прават „позелени“ избори секој ден.

Поради сите горенаведени факти, објавата ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека во светот не се садат дрвја за да се намали емисијата на јаглерод, но таа мерка не е единствената која е доволна. Не е точно ниту дека елити создаваат природни катастрофи со цел да го контролираат населението и да нудат потоа решенија со кои им се намалуваат слободите на граѓаните. На пример, постои кредитна картичка со којашто граѓаните може да ограничат колку пари ќе потрошат во зависност од тоа каков јаглероден отпечаток ќе остават врз планетата со своите купувања. Но, таа картичка е опционална и не е задолжителна. Се работи, всушност, за зголемување на свесноста во светски рамки за јаглеродниот отпечаток и како граѓаните може да придоесат за подобра иднина на целата планета.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција