Фајзер и Бионтек не почнале да ја произведуваат вакцината против ковид-19 уште пред пандемијата
На 17 март 2020 година, Фајзер и Бионтек првпат се здружуваат за да создадат потенцијална ковид вакцина, а не пред да почне пандемијата, како што лажно се тврди во постот што го рецензираме. На официјалната страница на Фајзер и низа соопштенија со датуми од коишто може да се види кога почнала и како напредувала оваа соработка која резултираше со создавање на вакцина против ковид. Конкретната дезинформација е веќе разобличена во Франција од тамошните проверувачи на факти
На 17 март 2020 година, Фајзер и Бионтек првпат се здружуваат за да создадат потенцијална ковид вакцина, а не пред да почне пандемијата, како што лажно се тврди во постот што го рецензираме. На официјалната страница на Фајзер има низа соопштенија со датуми од коишто може да се види кога почнала и како напредувала оваа соработка која резултираше со создавање на вакцина против ковид-19. Конкретната дезинформација е веќе разобличена во Франција од тамошните проверувачи на факти
Во исклучително вирален пост на социјалната мрежа Фејсбук споделен над 750 пати, се тврди дека адвокатот Карло Бруса на француски телевизиски канал соопштил оти фармацевтскиот гигант Фајзер почнал да ја произведува вакцината против ковид-19 уште пред болеста воопшто да се појави.
Скандалот го откри германската полиција со претрес во стаклара која на почетокот на ноември 2019 година добила нарачка од Фајзер за 1.6 милиони шишенца, се вели во постот.
Во постот се сугерира дека наводната нарачка од 1.6 милиони шишенца во кои се пакувани вакцините, морала да биде за вакцините против ковид-19.
Ова не е вистина.
На 17 март 2020 година, Фајзер и Бионтек првпат се здружуваат за да создадат потенцијална ковид-19 вакцина.
Соработката има за цел да го забрза развојот на првокласната мРНА вакцинална програма на Бионтек, наречена БНТ162, која што се очекува да влезе во клиничко тестирање до крајот на април 2020 година. Оваа рапидна соработка меѓу Фајзер и Бионтек само се надоврзува на соработката што веќе ја имавме воспоставено во 2018 година, за да развиеме мРНА вакцина против ГРИП, соопштија од Фајзер на 17 март 2020 година преку соопштение за јавноста.
Значи, двете компании, Фајзер и Бионтек, веќе соработувале од 2018 година и се обидувале да создадат мРНА вакцина против инфлуенца, но откако пандемијата со ковид-19 се рашири низ светот на почетокот на 2020 година, тие сите ресурси кои дотогаш ги имале ставено во функција на мРНА вакцината против грип, се решаваат да ги стават во функција на создавање вакцина против Ковид.
Горди сме на нашата успешна соработка која им овозможува на нашите компании да можат да ги мобилизираат колективните ресурси со исклучителна брзина во пресрет на светскиот предизвик, рече Микаел Долстен од Фајзер.
Ова е глобална пандемија која бара глобални напори. Со здружувањето со нашиот партнер Фајзер веруваме дека можеме да го забрзаме нашите напори да ин ставиме на располагање ковид-19 вакцина на луѓето ширум светот, на кои им е потребна, истакна Угур Сахин, сопственик на Бионтек.
Двете изјави се објавени на официјалната страница на Фајзер, каде што има и низа соопштенија со датуми од коишто може да се види кога почнала и како напредувала оваа соработка која резултираше со создавање на вакцина против ковид.
На 9 април 2020 година компаниите информираат за нивниот напредок.
На 22 април 2020 година Фајзер и Бионтек, повторно официјално преку соопштение до целиот свет, објавено на нивната официјална веб-страница, соопштуваат дека добиле регулаторна дозвола од германските власти да почнат клинички тестирања на четири кандидати за вакцина ковид-19.
На 29 април 2020 година Фајзер и Бионтек информираат дека одредиле колкава треба да биде дозата на вакцината.
На 5 мај 2020 година како дел од клиничкото испитување се дадени првите вакцини во САД на учесници во клиничката студија.
На 1 јули се регистрирани првите позитивни исходи од таквото давање на вакцините.
Потоа следуваат позитивни исходи од вакцината во Германија во сите три фази, понатаму добивања одобренија од Американската агенција за лекови и од Европската Унија, а останатото со оваа вакцина е историја, односно таа веќе е дистрибуирана насекаде во светот за со неа да се вакцинира населението масовно на глобално ниво. Компаниите Фајзер и Бионтек сега разгледуваат како нивната вакцина ќе се одрази на мутациите на ковид-19.
Тоа е кратката историја на создавањето на вакцината против ковид-19 на Фајзер и Бионтек и од нејзината хронологија е евидентно дека почнала во март 2020 година, а не пред да почне пандемијата како што лажно се тврди во постот што го рецензираме.
Патем, овој пост се повикува на изјава од адвокатот Карло Бруса.
Конкретната дезинформација е веќе разобличена во Франција од тамошните проверувачи на факти. Тие пишуваат:
Карло Бруса за CNEWS тврди дека Фајзер и Бионтек ја предвиделе пандемијата со коронавирусот затоа што нарачале уште во 2019 година 1.6 милиони шишенца за чување на вакцина, кои мора да се чуваат на минус сто степени целзиусови. Тој како доказ посочува наводна истрага на германските власти. Но, проблемот е во тоа што ако ги барате овие откритија во медиумите, па дури и на германските блогови против вакцините, не може да се најде ништо за овој наводен скандал. Првиот извор што пишува за оваа афера е француски блог, на 27 декември, кој уверува дека федералните разузнавачки служби на Германија извршиле рација во Бионтек и во стаклопроизводителот Шот. Но текстот е избришан. Компанијата Шот официјално негира дека била сослушана од тајните служби и гарантира дека не обезбедила шишенца за вакцината до 2020 година. Станува збор за лажна вест.
Нашата проверка на факти, пак, поткрепена од онаа на француските проверувачи на факти го даде истиот резултат. Во медиумите нема никаков скандал за наводна заплена и пронаоѓање на 1.6 милиони шишенца за ковид-19 вакцини најдени во 2019 година. Освен тоа, сите соопштенија на Фајзер и Бионтек, како и нивниот напредок, колаборација за вакцината која денеска е широко дистрибуирана, беа јавни и конзистентни во текот на минатата година. Од нив е евидентен секој чекор што компаниите го правеа во клиничките испитувања и добивањето на дозволите.
Оттука ја оценуваме како невистинита информацијата дека Фајзер и Бионтек почнале да ја произведуваат вакцината против ковид-19 уште пред пандемијата да се појави.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар