„Фајзер“ нема патент за далечинско следење контакти на вакцинирани лица

Патентот е регистриран од двајца пронаоѓачи, Гал Ерлих и Маер Фенстер, а не од „Фајзер“ и тоа може да се види на линкот кој постот го споделува. Портпаролот на „Фајзер“ во изјава за Ју-ес-еј тудеј потврдил дека компанијата нема регистрирано патент за далечинско следење контакти на вакцинирани лица

Патентот е регистриран од двајца пронаоѓачи, Гал Ерлих и Маер Фенстер, а не од „Фајзер“ и тоа може да се види на линкот кој постот го споделува. Портпаролот на „Фајзер“ во изјава за Ју-ес-еј тудеј потврдил дека компанијата нема регистрирано патент за далечинско следење контакти на вакцинирани лица

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој тврди дека компанијата Фајзер поднела патент за далечинско следење на контакти на вакцинирани лица. Ова не е точно.

Конспирации? Апсолутно. Без разлика дали нешто ви е јасно или не. За да не ви стане јасно, ве мачкаат со придавката “теории”. Но, ете има интернет, па сами може да читнеме, стои во објавата што ја анализираме.

Постот споделува и документ кој покажува, како што се тврди, дека Фајзер во август 2021 година добила американски патент за уред за следење контакти.

Одобрената апликација за патент на Фајзер, на 31 август 2021 година, е првиот патент што се појавува на списокот од над 18.500 со цел далечинско следење на контакти на сите вакцинирани луѓе ширум светот, стои во документот споделен во постот.

Во него се додава дека микробрановите фреквенции од клеточните кули и сателитите се директно поврзани со „графен оксидот што се чува во масните ткива на сите инокулирани лица“.

Но, тврдењето е лажно. Патентот е регистриран од двајца пронаоѓачи, Гал Ерлих и Маер Фенстер, а не од „Фајзер“ и тоа може да се види на линкот кој постот го споделува, а за кој свесно шири лажни информации.

Портпаролот на „Фајзер“ во изјава за Ју-ес-еј тудеј потврдил дека компанијата нема регистрирано патент за далечинско следење контакти на вакцинирани лица, ниту пак, микробрановите фреквенции се емитуваат од вакцината „Фајзер“ за да овозможат следење контакт од кој било вид.

Не постои патент поднесен од „Фајзер“ што би овозможил далечинско следење на контакти на вакцинирани лица. Нема микробранови фреквенции кои се емитуваат од вакцината што би овозможиле далечинско следење на контакти, изјавил Кит Лонгли, портпарол на Фајзер.

Тоа во изјава за Ју-ес-еј тудеј го потврдил и  Ерлих, кој го регистрирал патентот со Фенстер.

Патентот нема никаква врска со „Фајзер“ или со кој било друг производител на лекови или вакцини особено. Пронајдокот е замислен во април, мај 2020 година, откако се дозна за феноменот што се шири. Во тоа време немаше достапна вакцина, рекол Ерлих.

Патентот предлага користење на Блутут комуникации помеѓу мобилните телефони за да се идентификува кои луѓе имаат најмногу социјални интеракции и затоа би било најважно тие први да се вакцинираат со ограничената понуда на вакцина.

Патентот предвидува дека употребата на вакцини за борба против ковид-19, во случаи кога има недостиг, би била поефикасна доколку се администрира прво на оние кои имаат повеќе социјални интеракции во споредба со оние кои се изложени на ризик, објаснува Ерлих. Патентот не кажува ништо за микробрановите фреквенции што се поврзуваат со вакцинирани луѓе, додава тој во изјавата за Ју-ес-еј тудеј.

Идејата е објаснета во студијата на Ерлих и Фенстер, коавторство од 2021 година.

Од сето ова може да се заклучи дека Фајзер не поднела патент за далечинско следење на вакцинирани лица. Патентот бил регистриран од двајца пронаоѓачи за потенцијално да користат Блутут за да ги идентификуваат луѓето со најголем број на социјални интеракции. Според тоа, постот што го анализираме, го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција