Фотографијата од Бајден со завои на главата не е вистинска

Фото: скриншот од дел од објавата

Фотографијата која што го прикажува американскиот претседател Џо Бајден преврзан со завои на неговата глава не е вистинска и реална. Станува збор за исечок од сатирично видео кое што се споделува на интернет просторот откако Бајден се сопна и падна на церемонија во Колорадо. Завоите на главата на Бајден се монтирани, а исто така е монтиран и говорот кој што тој наводно го има во видеото.

Фотографијата која што го прикажува американскиот претседател Џо Бајден преврзан со завои на неговата глава не е вистинска и реална. Станува збор за исечок од сатирично видео кое што се споделува на интернет просторот откако Бајден се сопна и падна на церемонија во Колорадо. Завоите на главата на Бајден се монтирани, а, исто така, е монтиран и говорот кој што тој наводно го има во видеото

 

Рецензираме објава со фотографија објавена на социјалната мрежа Фејсбук, која што го прикажува американскиот претседател Џо Бајден преврзан со завои на неговата глава и која по проверката се утврди дека не е вистинска и реална. Станува збор за исечок од сатирично видео кое што се споделува на интернет просторот, откако Бајден се сопна и падна на церемонија во Колорадо.

Американскиот претседател Џо Бајден пред неколку дена се сопна и падна додека ги делеше дипломите на церемонијата на дипломирање на Академијата за воздухопловни сили на САД во Колорадо. Падот дојде откако Бајден го одржа почетниот говор во кој ги предупреди дипломците дека ќе стапат во служба во сè понестабилен свет, наведувајќи ги предизвиците од Русија и Кина, а потоа се поздравуваше со сите нив поединечно.

Бајден по падот успеа да се исправи и се чинеше дека е неповреден. Белата куќа излезе со соопштение во кое се вели дека Бајден се сопнал на црна вреќа со песок додека се движел на сцената.

Имаше вреќа со песок на сцената додека се ракуваше. Тој е добро, напиша директорот за комуникации на Белата куќа Бен ЛаБолт на Твитер.

„Бев удрен со песок“, се пошегува претседателот со новинарите додека се враќал во Белата куќа истата вечер.

На снимката од инцидентот се гледа како Бајден покажува кон една од двете вреќи со песок што се користеле за да го поддржат неговиот телепромптер додека му помагале службеник на воздухопловните сили и двајца членови на неговата тајна служба.

Веднаш потоа изби жестока дебата за неговата подготвеност за функцијата, а социјалните мрежи беа преплавени со коментари, фотографии, видеа и мемиња. Едно такво сатирично видео го прикажува американскиот претседател како говори во Белата куќа, а притоа неговата глава и носот се вразни со завои. Фотографија направена како исечок од видеото е дел и од Фејсбук објавата која што е предмет на оваа рецензија.

Ниту видеото, ниту фотографијата се реални. Завоите на главата на Бајден се монтирани, а, исто така, е монтиран и говорот, којшто тој наводно го има во видеото. Според облеката на претседателот и неговото опкружување, видеото, всушност, е од неговото обраќање кон нацијата кое што се случи еден ден после падот. На оригиналното видео, челото и носот на Бајден не се врзани со завои.

Станува збор за сатира и фотомонтажа, односно вакво нешто не се случило. Сепак, доколку не издвоите малку време да проверите дали ова навистина се случило, може многу лесно да поверувате во објавата.

Оние кои ја виделе објавата, која е предмет на оваа рецензија и поверувале во неа, тоа го сториле токму поради тоа што ништо во објавата не укажува дека станува збор за измислица. Ниту на фотографијата, ниту во текстот на Фејсбук објавата нема напомена дека е сатира.

Кога станува збор за објавување на сатирична содржина тоа треба да биде јасно и видливо нагласено. Со споделување на сатирични објави на социјалните мрежи без да се нагласи тоа, се создава впечаток дека се вистинити, со што се врши манипулација врз јавноста.

Не е ни прв, ни последен пат да се објавуваат сатирични текстови и „фотошопирани“ фотографии од политичари коишто треба да бидат иронични и смешни. Но, секогаш треба да е јасно и видливо нагласено дека станува збор за сатира, односно измислица, за да не дојде до забуна во јавноста, особено на социјалните мрежи.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како сатира.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција