Купишта невистини за грабнувањето и убиството на Вања

Една од последните ФБ фотогравии на убиената Вања Ѓорчевска

Објавата шири низа невистини во врска со грабнувањето и убиството на Вања. Не е вистина дека имало втор обид за киднапирање, не е вистина дека мајката го пријавила исчезнувањето на ќерката ден пред нејзиното киднапирање, не е вистина дека таткото не го пријавил исчезнувањето на неговата ќерка и не е вистина дека полицијата нема докази од снимки од камери, како и дека нема извештај од судска медицина

Објавата шири низа невистини во врска со грабнувањето и убиството на Вања. Не е вистина дека имало втор обид за киднапирање, не е вистина дека мајката го пријавила исчезнувањето на ќерката ден пред нејзиното киднапирање, не е вистина дека таткото не го пријавил исчезнувањето на неговата ќерка и не е вистина дека полицијата нема докази од снимки од камери, како и дека нема извештај од судска медицина

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува повеќе невистини во врска со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Сега кога веќе знаеме дека имало втор обид за киднапирање на Вања,а полицијата ништо не преземала и кога знаеме дека и по пријавувањето за исчезнување на Панче со неговото возило се чекало да дојде 27ми во месецот и кога знаеме дека и откако се киднапирало девојчето во првичните изјави мајката пријавила еден ден пред настанот,а не во 8:30 еден час по нејзиното излегување од дома наредниот ден според изјавите на Спасовски и кога знаеме дека таткото наводно пријавил во 11 часот на 27ми исчезнување на ќерка му и кога знаеме дека тие двајца приведени како од пушка кажале дека ги организирал Палчо за изнуда,а мајката се чуди и не и е јасно зошто нејзиното дете е убиено?!!! Кога нема снимки од камерите на 10 метри од влезот на зградата, кога нема извештај од судска медицина, форензика кога нема снимки за правецот на движење на автомобилот од страна на полицијата, кога нема ништо од страна на институциите туку само извикување МОНСТРУМ -МОНСТРУМ ПАЛЧО И ОД ПОЗИЦИЈА И ОД ОПОЗИЦИЈА тогаш мора да се запрашаме кој е вистинскиот организатор на ова грозоморно убиство!!! КРИВИЧНА И МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ ЗА МИНИСТЕРОТ, ОБВИНИТЕЛОТ Бубевски, НАЧАЛНИКОТ НА ПОЛИЦИЈАТА ПА И ЗА ПОЛИЦАЈЦИТЕ КОИ ГИ ПРИМИЛЕ ПОРАКИТЕ ЗА ИСЧЕЗНАТОСТ НА ДЕТЕТО И НЕ ГИ ПРОВЕРИЛЕ КАМЕРИТЕ…Ова вака не може да остане туку овде гледам директна вмешаност на органите за безбедност со цел политички рејтинг…, стои во објавата.

Објавата изнесува повеќе непотврдени искази и лаги во врска со убиството на тинејџерката, која ја потресе македонската јавност. Но, ќе одиме по ред.

Прво, објавата на почетокот тврди дека имало втор обид за киднапирање на Вања, но полицијата ништо не преземала. Ова не е точно. Никој од официјалните институции досега не кажал или потврдил дека претходно имало некаков обид за киднапирање на девојчето, уште помалку дека полицијата не презела ништо. За ваквото тврдење не е понуден никаков доказ или факт во објавата, туку веројатно се темели на рекла-кажала пишувања и шпекулации, кои, како што видовме минатиот период, ги има во голема мера на социјалните мрежи.

Второ, објавата тврди дека полицијата знаела оти убиениот велешанец Панче бил исчезнат со неговото возило, но се чекало до 27 ноември.

…кога знаеме дека и по пријавувањето за исчезнување на Панче со неговото возило се чекало да дојде 27ми во месецот…

Министерот за внатрешни работи досега во неколку наврати повтори дека возилото на Панче не било пријавено за исчезнато, односно, полицијата немала информација дека неговото возило е исчезнато. Првиот пат Спасовски го потврди тоа на заедничката прес-конференција со скопс киот јавен обвинител Гаврил Бубевски, која се одржа на 4 декември годинава.

Жртвите не се директно поврзани еден со друг, но Панче, кој бил пријавен како исчезнат на 24 ноември, му должел пари на соседот, кој е еден од соучесниците. Токму на денот кога таа била киднапирана, МВР го нашло опожарениот „ситроен“ во селото Бразда, но не се посомневале дека тоа е поврзано со случајот на Вања, бидејќи возилото не било пријавено како исчезнато, пренесе Призма за прес-конференцијата на Спасовски и Бубевски.

Спасовски и на 15 декември потврди дека возилото на Панче не било пријавено за исчезнато. Во однос на пријавата за убиството на велешанецот Панче Жежовски, министерот истакна дека пријавувањето на исчезнување на лицето е извршено на 24 ноември вечерта и тоа за исчезнување на лице кое што живеело само, кое што фамилијата, семејството го бара, не го наоѓа и пријавува дека е исчезнато.

Секако дека нема пријава во која што се вели дека е украдено моторно возило итн., туку исчезнато е лицето, а возилото не било тука, па се претпоставува дека лицето заминало со возилото некаде, објасни Спасовски, посочувајќи дека од тој момент започнуваат и сите постапки во однос на истрагата во Велес, од страна на СВР Велес, а за случајот во Скопје, веднаш после првата пријава на телефонскиот број, се активираат сите механизми во однос на пронаоѓањето на девојчето“, рече Спасовски во своето гостување во „Само интервју“, пренесе Локално.

Трето, објавата шири лажни вести во врска со тоа кога мајката и таткото на Вања пријавиле дека нивната ќерка е исчезната. Објавата тврди дека мајката, наводно, го пријавила исчезнувањето на незината ќерка ден пред таа да биде киднапирана, а не на 27 ноември и вели дека таткото „наводно“ пријавил дека Вања е исчезната.

…кога знаеме дека и откако се киднапирало девојчето во првичните изјави мајката пријавила еден ден пред настанот,а не во 8:30 еден час по нејзиното излегување од дома наредниот ден според изјавите на Спасовски и кога знаеме дека таткото наводно пријавил во 11 часот на 27ми исчезнување на ќерка му…

Не е вистина дека мајката на во тој момент исчезнатата, а сега веќе почината Вања Ѓорчевска, Зорица, објавила дека си го бара детето пред неговото исчезнување. Вистиномер за оваа дезинформација, која не е нова, веќе пишуваше.

Како што потврди полицијата, исчезнувањето на Вања било пријавено двапати на 27 ноември.

Мајката на девојчето го пријавила исчезнувањето во 8.35 часот на 27 ноември, на телефонскиот број за итни повици, 112. Потоа пријавата е проследена до надлежните институции. Таткото пак, официјално го пријавил исчезнувањето во 11 часот, истиот ден, во полициска станица, соопштија од МВР на 02.12.2023 за Фокус.

Како што веќе објави Вистиномер, мајката на Вања објави за исчезнувањето на нејзината ќерка и на Фејсбук на 27 ноември во 12:09 часот попладне. Екипата на Вистиномер тоа го увиде додека постот на мајката уште беше активен, а по смртта на девојчето тој беше отстранет. Оваа фотографија е од истиот ден кога објавата беше споделена за првпат. Снимена е од екран на мобилен телефон од наша страна, во 12:33 часот попладне, а на самата објава пишува дека е од пред 24 минути. Така знаеме со сигурност дека времето на објавување на статусот на мајката кој потоа се прошири во јавноста е 12 часот и 9 минути.

Фејсбук постот на мајката од 27 ноември, може да се види и на видеото тука.

Четврто, објавата тврди дека во врска со убиството на Вања немало ниту снимки од камери, ниту извештај од судска медицина.

…Кога нема снимки од камерите на 10 метри од влезот на зградата, кога нема извештај од судска медицина, форензика кога нема снимки за правецот на движење на автомобилот од страна на полицијата…

Не е точно дека полицијата нема снимки од камери и дека нема извештај од судска медицина.

Министерството за внатрешни работи на 5 декември потврди дека обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е завршена, но извештаите сѐ уште не се готови.

Од обвинителството на 10 декември изјавија дека обдукцискиот наод за 14 годишната Вања Ѓорчевска сè уште не е изготвен и доставен до нив и дека повеќе детали за анализите и проверките кои се прават не се соопштуваат во интерес на истрагата.

Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. Јавното обвинителство апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста, изјавија од ОЈО, пренесе Макфакс.

Тоа што обдукцискиот извештај сè уште не е готов, не значи дека таков извештај нема. Кога тој ќе биде финализиран, ќе биде доставен до јавното обвинителство и сигурно ќе биде дел од обвинителниот акт против осомничените за убиството на Вања.

Што се однесува до доказите како снимки од камерите, министерот Спасовски во своето гостување во „Само интервју“ го изјави следното:

Има многу аспекти во криминалистичката истрага кои согласно постапувањата по сите стандардни и оперативни процедури значат и обезбедување на доказите со кои практично ќе се потврди или се потврдува инволвираноста на сите кои во моментов се осомничени и за кои се поднесени кривичните пријави. Се анализираат 70-тина камери, од кои се извадени нивните записи, кои, пак, се вештачат и се доставени или се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50-тина снимки кои се изведени од ‘Безбеден град’. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка, пренесе 360 степени.

Значи, не е точно дека нема снимки и дека не е утврдена траекторијата на движење на возилото со кое била киднапирана Вања. Сите овие докази, вклучително и обдукцискиот извештај, се анализираат, утврдуваат и кога ќе бидат готови, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство врз основа на што ЈО ќе го подготви обвинителниот акт, кој, пак, секако, ќе биде презентиран за време на судскиот процес против осомничените во случајот.

Имајќи го предвид сето ова можеме да заклучиме дека објавата содржи низа невистини во врска со грабнувањето и убиството на Вања. Не е вистина дека имало втор обид за киднапирање, не е вистина дека мајката го пријавила исчезнувањето на ќерката ден пред нејзиното киднапирање, не е вистина дека таткото не го пријавил исчезнувањето на својата ќерка и не е вистина дека полицијата нема докази од снимки од камери, како и дека нема извештај од судска медицина. Сите овие дезинформации, за жал, поттикнуваат разно-разни теории на заговор во врска со грозоморното убиство на тинејџерката што ја потресе македонската јавност, а за кое убиство истрагата сè уште трае. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција