Купишта невистини за војната во Украина „зачинети“ и со „големиот ресет“

Фото: Pixabay.com

Објавата неточно тврди дека војната во Украина ја почнал колективниот Запад, поврзувајќи го ова со „големиот ресет“ во кој улога имале и Евреите. Факт е дека војната во Украина ја започна Русија и дека западните земји само ѝ помагаат на Украина во борбата за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Што се однесува до „големиот ресет“, тој претставува иницијатива на Светскиот економски форум поради потребата глобалните стејкхолдери да соработуваат и симултано да ги менаџираат директните последици од кризата предизвикана од ковид-19

Објавата неточно тврди дека војната во Украина ја почнал колективниот Запад, поврзувајќи го ова со „големиот ресет“ во кој улога имале и Евреите. Факт е дека војната во Украина ја започна Русија и дека западните земји само ѝ помагаат на Украина во борбата за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Што се однесува до „големиот ресет“, тој претставува иницијатива на Светскиот економски форум поради потребата глобалните стејкхолдери да соработуваат и симултано да ги менаџираат директните последици од кризата предизвикана од ковид-19

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува лаги во врска со војната во Украина и една добро позната теорија на заговор за т.н. големиот ресет.

Зошто колективниот запад ја втурна Украина во војна ?
Ако некој мисли дека е некаква борба за демократија, тогаш е неверојатно наивен. Во позадина е заштита на вложувањата на американските инвестициски фондови и обидот да се смени „режимот“ во Русија, најбогатата земја во светот со природни ресурси.
Ако знате кој е и што е Блек Рок и каква е нивната улога и влијание во СЕФ, тогаш работите стануваат појасни. Фактот дека Лери Финк, преседателот на Блек Рок е евреин, во многу ја објаснува улогата на евреите во идејата за глобализација на светот преку таканаречениот Great Reset.
Жалете ги евреите и нивната судбина, само треба да знаете дека тие не множат со НУЛА.

Роберт Кенеди јуниор во една минута објаснува се, стои во објавата што ја анализираме.

Во неа прво неточно се тврди дека колективниот Запад ја втурнал Украина во војна и дека целта  била  да се смени „режимот“ во Русија и да се заштитат американските инвестициски фондови. Ваквото тврдење нема никаква допирна точка со реалноста.

Идејата дека САД и НАТО ја поттикнуваат кризата меѓу Русија и Украина секојдневно извира од пропагандната машинерија на Кремљ.

Не е точно дека ЕУ и САД се виновни за војната меѓу Русија и Украина. Имено, Русија рано утрото на 24 февруари изврши инвазија врз Украина. Иако постојано негираше дека ќе нападне.

По воздушен, копнен и воден пат, Русија изврши разорен напад врз Украина, европска демократија од 44 милиони луѓе. Со месеци, претседателот Владимир Путин негираше дека ќе го нападне својот сосед, но потоа го раскина мировниот договор, испраќајќи сили преку границите на север, исток и југ на Украина. Како што се зголемува бројот на загинати, тој е обвинет дека го нарушува мирот во Европа, објави тогаш „Би Би Си“.

Русија долго време се спротивставува на потегот на Украина за членство во Европската Унија и НАТО. Кон крајот на 2021 година, Русија почна да распоредува голем број војници на границите на Украина, додека постојано негираше дека ќе нападне. Потоа Путин го укина мировниот договор од 2015 година за истокот и ги призна областите под контрола на бунтовниците како независни. Започнувајќи ја руската инвазија на 24 февруари, Путин го обвини НАТО дека ја загрозува историската иднина на нацијата.

Фактите говорат дека  западните лидери уште во декември 2021 година ја повикаа Русија да ги смири тензиите и ветија дека ќе ја поддржат Украина во случај на каква било закана од Москва. Американскиот претседател, Џо Бајден разговарал со тогашниот британски премиер, Борис Џонсон и со лидерите на Франција, Италија и Германија, при што се согласиле да ги употребат сите можни алатки за да се спречи агресија.

САД и ЕУ изразија голема загриженост и во повеќе наврати се обидоа да го спречат нападот. Во Резолуцијата усвоена во декември 2021 година, европратениците ја повикаа Русија да ги повлече своите трупи кои се закануваа на Украина и рекоа дека секоја агресија од Москва ќе има висока економска и политичка цена.

Членовите на парламентарната комисија за надворешни работи и поткомитетот за безбедност и одбрана од 30 јануари до 1 февруари 2022 година отидоа во мисија за утврдување факти во Украина .

Европратениците повикаа на обединет одговор и изразија поддршка за Украина во дебатата за односите меѓу ЕУ и Русија, европската безбедност и воената закана на Русија против Украина на 16 февруари 2022 година.

На 22 февруари, водечките европратеници остро го осудија признавањето на областите Донецк и Луганск во Украина како независни ентитети од страна на рускиот претседател Владимир Путин.

На 24 февруари 2022 година, Русија, а не колективниот Запад спроведоа целосна воена инвазија врз Украина, односно започна војна со страшни последици врз целиот свет, а најмногу врз самата Украина, која како суверена и демократска држава нападната во своите граници од странски воени сили, беше и е принудена да се брани.

Начините на коишто Русија се обидува да ја оправда својата воена агресија врз Украина се многубројни, но фактите се дека Москва се обидува да ги спроведе своите империјалистички амбиции во Украина, со употреба на своите сопствени оружја и брутални тактики, вклучително и напади врз цивили. НАТО пружа поддршка на Украина, бидејќи Украина има право на самоодбрана, како што е наведено и во повелбата на Обединетите Нации. Индивидуални НАТО членки продолжуваат да даваат воена поддршка за Украина, но тоа не ги прави западните земји „подготвувачи“ на војната, која ја подготви и ја спроведе Русија.

Кремљ долго време шири дезинформации и пропаганда за истите да ѝ послужат на нејзината цел. Сето тоа е со цел да се шират невистини за да се оправда неиспровоцираната, неоправдлива инвазија на Украина.

Ресет на „Големиот ресет“

Објавата шири и една добро позната теорија на заговор за „големиот ресет“ за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати, а кој наводно го подготвува Светскиот економски форум (СЕФ) и во чија позадина стојат познати ликови како на пример Бил Гејтс, Ентони Фаучи, Клаус Шваб, а сега бидејќи е актуелна војната меѓу Израел и Палестина, со „големиот ресет“ се поврзуваат и Евреите. Целта на овој „ресет“, според теоретичарите на заговор, е целосна контрола на луѓето.

Оваа теорија на заговор особено почна да кружи на социјалните мрежи од почетокот на пандемијата од страна на добро организирани групи теоретичари на заговор поврзани со Кју Анон. Тие во повеќе наврати ги вадат од контекст изјавите кои Гејтс и Шваб ги даваат во своите јавни излагања и ги вклопуваат во својата агенда за демонизација на овие луѓе. Честопати ги вклопуваат и во постоечки глобални проблеми, како на пример, пандемијата со ковид-19 која беше глобален проблем, со цел да ги обвинат овие лица дека некако профитирале од пандемијата и дека на некаков начин ја предизвикале, што е небулоза.

Големиот ресет (The great reset) претставува иницијатива на Светскиот економски форум поради потребата глобалните стејкхолдери да соработуваат и симултано да ги менаџираат директните последици од кризата предизвикана од ковид-19. Иницијативата е почната од СЕФ за да се подобри состојбата на светот.

Како што наведуваат на страницата на СЕФ, кризата која ја предизвика ковид-19, како и политичките, економски и социјални прекини предизвикани од истата, фундаментално го менува традиционалниот контекст на носење одлуки.

Неконзистентноста, неадекватноста и контрадикторноста на повеќе системи, од здравствениот, финансискиот, енергетскиот и образовниот, се поизложени во глобалниот контекст кој ги засега нашите животи, живеачката и планетата. Лидерите се наоѓаат на историски крстосници да ги менаџираат краткорочните притисоци и да се соочуваат со долгорочните неизвесности. Иницијативата за големиот ресет, нуди информирање за носителите на одлуки кои ќе ја детерминираат иднината на глобалните релации, насоката на националните економии, приоритетите на општествата, природата на бизнис моделите и менаџментот на глобалните добра.

Црпејќи од визијата и огромната експертиза на лидерите вклучени во СЕФ, иницијативата големиот ресет има поставено димензија да ги изгради новите социјални договори кои го величаат дигнитетот на секое човечко битие, стои на страницата на СЕФ.

Од видеоматеријалите на страницата на СЕФ, може да се види дека големиот ресет се фокусира на низа теми, меѓу кои образованието, превенција на пандемијата, нееднаквостите предизвикани од ковид-19 итн.

Но, овие вистински цели на големиот ресет, беа киднапирани од страна на конспирациски наративи, според кои глобалните елити го користат коронавирусот за да го расчеречат капитализмот и да воведат радикални социјални промени. Сето тоа, дополнително е „зачинето“ и со лагата дека овие лица ќе бидат судени за злосторства против човештвото и дека за нив има меѓународни потерници.

 

Теории на заговор поврзани со Блек Рок и Евреите

Објавата подоле споделува видео во кое Роберт Кенеди јуниор зборува за компаниите Блек Рок и Вангард нејзиниот извршен директор Лери Финк, посочувајќи дека тие поседувале сè и имале намера да го купат секој еден дом во америка до 2030 година. Бидејќи Финк е Евреин по потекло, тука објавата ја плете и теоријата на заговор дека Блек Рок поседува сè во светот и дека Евреите контролираат сè. Ова се познати теории на заговор кои подолго време кружат на социјалните мрежи.

Прво, Роберт Кенеди јуниор е познат по тоа што шири теории на заговор, а особено лаги и дезинформации пласираше за време на пандемијата на ковид-19 и вакцините против коронавирус за што Вистиномер веќе има пишувано.

Што се однесува до компаниите Блек Рок и Вангард, тие се двете најголеми инвестициски компании во САД, но не се единствени и не поседуваат сè во светот. Соединетите Американски Држави имаат многу голем пазар на заеднички фондови. Има буквално стотици различни семејства на фондови и илјадници индивидуални фондови на располагање и сите тие се борат за инвестициските долари на граѓаните
Има речиси исто толку заеднички фондови колку што има акции со кои се тргува на берзите NYSE Arca и NASDAQ заедно. Всушност, од февруари 2021 година, има околу 8.000 заеднички фондови во Соединетите држави, кои управуваат со приближно 21 трилиони долари. 

Трите најголеми се Блек Рок, Вангард и Чарлс Шваб.

Тоа што Блек Рок и други инвестициски компании инвестираат во имоти, не е ништо ново. Со векови и луѓе и фирми инвестирале во имоти со цел да ги препродадат поскапо и да заработат или да ги издаваат под кирија. Банките со векови даваат хипотекарни кредити за купување недвижности и така заработуваат.

Што се однесува до парите со кои располага Блек Рок, тоа не се пари на директорот на компанијата Лери Финк, туку на милиони жители (инвеститори) на Америка, луѓе од цел свет, американски компании и странски компании. Дебанкирајќи го тврдењето дека Блек рок и Вангард  ги поседуваат најголемите компании во светот, Ројтерс, цитирајќи ги портпаролите на двете фирми, пишува дека иако се чини како тие да поседуваат значителни акции во најголемите светски бизниси, тие акции се купуваат со пари што им припаѓаат на нивните клиенти – и затоа акционерите на крајот се нивни клиенти.

Клиентите на BlackRock и Vanguard инвестираат во бројни инвестициски производи базирани на индекси и активно управувани, како што се индексот S&P 500, Bloomberg Commodity Index и FTSE 100 Index.

Самиот BlackRock не е акционер, изјави портпаролот на компанијата за Ројтерс, додавајќи дека парите што се управуваат или инвестираат „припаѓаат на нашите клиенти“. Сопствениците на овие хартии од вредност се наши клиенти, преку нивните инвестиции направени во нивно име преку фондовите со кои управува Блек Рок, додава портпаролот на компанија.

Ова го потврдуваат и професори за финансии со кои разговарал Ројтерс.

Што се однесува до тоа дека Евреите стојат зад глобализацијата и дека Евреите не множат со нула е најобичен анти-семитизам и претставува теорија на заговор според која Евреите управуваат со светот тајно и на штета на сите други.

Ционистичката окупациона влада, понекогаш позната и како еврејска окупациона влада е антисемитска теорија на заговор според која Евреите тајно ги контролираат владите на западните држави. Тоа е современа варијација на вековното верување во меѓународен еврејски заговор. Според верниците, тајна ционистичка организација активно ги контролира меѓународните банки, а преку нив и владите, со цел да се договара против белите, христијанските или исламските интереси.

Изразот се користи од бели врховистички, бели националисти, екстремно десничарски, нативистички или антисемитски групи во Европа и Соединетите држави, како и од ултра-националисти како Памјат во Русија и разни екстремно десничарски групи вклучувајќи ги Слободарите, Идентитетските христијани и Кју Клукс Кланот.

Зборот ционист во „ционистичката окупациска влада“ не треба да се меша со идеологијата на ционизмот, движењето за поддршка на еврејска држава во земјата на Израел. Бидејќи теоретичарите на заговор главно именуваат земји надвор од таа област, употребата на ционистички во овој контекст е погрешна бидејќи има за цел да ги прикаже Евреите како заговорници кои имаат за цел да го контролираат светот.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме изнесува невистини и теории на заговор. Па, така, објавата неточно тврди дека војната во Украина ја почнал колективниот Запад, поврзувајќи го ова со „големиот ресет“ во кој улога имале и Евреите. Објавата нуди само мешање баби и жаби и не содржи никакви факти и докази за тврдењата изнесени во неа. Факт е дека војната во Украина ја започна Русија и дека западните земји само ѝ помагаат на Украина во борбата за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Што се однесува до „големиот ресет“, тој претставува иницијатива на Светскиот економски форум поради потребата глобалните стејкхолдери да соработуваат и симултано да ги менаџираат директните последици од кризата предизвикана од ковид-19. Иницијативата е почната од СЕФ за да се подобри состојбата на светот, но за жал, таа беше киднапирана од страна на конспирациски наративи, според кои глобалните елити го користат коронавирусот за да го расчеречат капитализмот и да воведат радикални социјални промени.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција