Мета факт: Долгонајавуваниот старечки дом во Кочани никако да се изгради
Илустрација: Мета.мк
Населението во Кочани забрзано старее – од 10, 2 отсто во 2002 година, процентот на лица над 65 години во вкупното кочанско население во 2021 година изнесувал над 21 отсто, односно двојно повеќе. И покрај ова, изградбата на домот каде би се згрижувале стари лица не е ниту на повидок
И покрај најавите и ветувањата во предизборната кампања на актуелниот градоначалник на Кочани Љупчо Папазов дека овој град на истокот од државата ќе добие старечки дом, ваков објект сè уште не е изграден, ниту пак се знае точната локација каде истиот би се градел. Реализацијата на проектот за изградба на старечки дом во Кочани, претставена од страна на градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како „приоритетен проект“, и покрај рокот кој истекува, останува неисполнета.
Во својата предизборна програма за Локалните избори во 2021 година, тогашниот кандидат од редовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов, меѓу другото, ветува изградба на старечки дом во овој град.
Освен за кочанчани, домот наголемо беше најавуван како центар за сите стари лица што живеат на истокот од државата, со оглед на тоа што старечки дом во овој регион има само во Берово.
Ветувањето може да се најде двапати во предизборната програма на Папазов и ВМРО-ДПМНЕ насловена „ЗА КОЧАНИ ГАРАНТИРАМЕ, СОЗДАДИ НОВА ИДНИНА“. Така, ова ветување за првпат се спомнува на страница 12 – токму меѓу „Приоритетните проекти за Кочани“.
„Изградбата на овој објект за нашите по возрасни граѓани е од витално значење. Овој објект е од големо значење не само за нашите сограѓани туку за оваа популација од целиот Источен регион бидејќи со неговата изградба ќе се створат услови за сместување на овие лица за да можат пензионерскиот период безгрижно да го минуваат бидејќи би бил единствен од таков вид во регионот, а условите за реализација се створени со утврдена прекрасна локација и изготвен основен проект за реализација“, стои под најавата за Реализација на проектот за изградба на старечки дом во Кочани.
Ветувањето понатаму се спомнува уште еднаш, и тоа на страница 40, во делот „Социјална заштита“. И во двата случаја, како рок за „извршување“ на ветувањето е ставен 2022-2023 година.
Најавата на ваков дом не завршува со предизборната програма. И по стапувањето на функцијата, старечкиот дом продолжи да биде дел од речникот на градоначалникот.
Во публикацијата каде што градоначалникот Љупчо Папазов дава „отчет“ за 100 дена по стапувањето на функцијата, на страница 26 повторно се спомнува ваков објект. Но, овој пат, наместо „утврдена прекрасна локација и изготвен проект за реализација“, градоначалникот вели дека се разгледуваат „две потенцијални локациски решенија“. И овој пат, како и во предизборната програма, старечкиот дом е дел од „Утврдените приоритетни проекти за реализација во 2022 година“.
Градоначалникот Папазов ова го истакна и во изјава при давањето отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот.
„Има две постојни потенцијални локации за оваа намена, за кои бараме решение и правиме интензивни активности за започнување на работите“, рече Папазов на 15 февруари 2022 година.
Бидејќи 2022 година измина, истекува осмиот месец и од 2023 година – крајниот рок за реализација на проектот, а сè уште нема ни трага ни глас од кочанскиот старечки дом, се обративме до Општина Кочани со прашање до каде е спроведувањето на долгонајавуваниот проект.
Од Општината велат дека од државниот буџет за 2022 година биле издвоени средства за почеток на изградба на старечки дом, но Министерството за труд и социјална политика (МТСП) побарало измени на проектот, што Општината наводно ги одбила.
„Од државниот буџет за 2022 година беа издвоени 19 милиони денари за почеток на изградба на Старечки дом во Кочани. Министерството за труд и социјална политика побара промени на проектното решение (во статиката, внатрешните решенија, намалување на сместувачкиот капацитет), на што ние заедно со Здружението на пензионери – Кочани, како партнер во подготовката на техничката и проектната документација на овој проект, не се согласивме. Нашата цел е да го задржиме постоечкото решение со капацитет од 150 легла, а домот за стари лица да биде со регионален карактер. Од тие причини МТСП ги пренамени одобрените средства за Кочани“, стои во одговорот на Општина Кочани.
Од таму додаваат дека сега работеле на изнаоѓање приватен инвеститор, а разгледувале и можност за „реализација на овој проект со јавно-приватно партнерство“.
Инаку, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека населението во државата старее, што особено е забележително и во Кочани. Ако пописот во 2002 година покажувал дека 10,2 отсто од кочанското население се лица на возраст над 65 години, нивниот процент според пописот од 2021 година изнесува над 21 отсто, односно двојно повеќе во споредба со пред две децении.
И покрај тоа што населението во Кочани забрзано старее, највозрасните граѓани се жртви на недоразбирањата меѓу локалната и централната власт.
Според сето горенаведено, имајќи предвид дека старечки дом во Кочани не е изграден, ниту пак е на повидок, оценуваме дека ветувањето на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов оти ќе го реализира проектот за изградба на ваков дом со рок до 2022-2023 година, не е исполнето.
ИЗВОРИ:
Предизборна програма за Локалните избори во 2021 на ВМРО – ДПМНЕ за Кочани „ЗА КОЧАНИ ГАРАНТИРАМЕ, СОЗДАДИ НОВА ИДНИНА“, проверено на 22.08.2023 година;
„100 дена отчет на градоначалникот Љупчо Папазов“, проверено на 22.08.2023 година;
МИА.мк (15.02.2022 година): Завршување на затекнатите проекти, изградба на дом за стари лица и јужен булеварски влез во Кочани, најави градоначалникот Љупчо Папазов, проверено на 22.08.2023 година;
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар