Монтирано и сатирично видео од Давос се споделува како вистинито

Фото: Принтскрин видео

Од самото видео е забележливо дека се работи за видеомонтажа. Како што пишува Њузчекер.ин, делот со ликот на Имани во виралното видео има различно осветлување, што сугерира дека е монтирано. Делот на кој се прикажани Клаус Шваб и Виола Амхерд како ја напуштаат сцената,пак,  е преземен од видеото од официјалниот канал на СЕФ на Јутјуб, што исто така покажува дека виралното видео што се споделува на Фејсбук е монтирано. Дополнително, сите сомнежи ги отстранува самиот Имани кој во објави на социјалната мрежа  Х порача дека се работи за сатира. Дека видеото е сатира утврдиле и други проверувачи на факти како Сноупс, Асошиејтед прес, Ју-ес-еј тудеј, Лидсторис

Од самото видео е забележливо дека се работи за видеомонтажа. Како што пишува Њузчекер.ин, делот со ликот на Имани во виралното видео има различно осветлување, што сугерира дека е монтирано. Делот на кој се прикажани Клаус Шваб и Виола Амхерд како ја напуштаат сцената, пак,  е преземен од видеото од официјалниот канал на СЕФ на Јутјуб, што, исто така, покажува дека виралното видео што се споделува на Фејсбук е монтирано. Дополнително, сите сомнежи ги отстранува самиот Имани кој во објави на социјалната мрежа  Х порача дека се работи за сатира. Дека видеото е сатира утврдиле и други проверувачи на факти како Сноупс, Асошиејтед прес, Ју-ес-еј тудеј, Лидсторис

 

 

Деновиве на социјалните мрежи особено вирално е видео во кое младо момче се качува на сцената во Давос каде се одржува Светскиот економски форум (СЕФ) и од говорницата му упатува навредливи зборови на основачот на СЕФ, Клаус Шваб.

Го ценам СЕФ што ми даде можност да бидам на оваа сцена и да кажам е*и се Клаус Шваб и нека се е*е вашиот нов светски поредок. Ние, луѓето сме родени слободни, ќе останеме слободни, а вие и сите ваши пријатели глобалисти, вклучително и сите во оваа соба, можете да се е**те, вели момчето во видеото.

Видеото масовно го споделуваат и македонски корисници на Фејсбук тука, тука, тука ,тука, тука, кои му упатуваат честитки на момчето за храброста и за тоа што „им ја плеснал вистината во очи на сатанистите“.

Момчето во видеото, кое му се обраќа на Клаус Шваб, всушност, е Дамон Имани од Данска, кој себеси се опишува како продуцент и уметник и е познат по неговиот сатиричен пристап на актуелни теми.

Гледајќи го самото видео забележливо е дека се работи за видеомонтажа. Дополнително, сите сомнежи ги отстранува самиот Имани кој на социјалната мрежа Х (поранешна твитер) со потсмешлив тон порача:

Сатира, но вистината.

Имани, исто така, ѝ посочи на заедницата белешка во друг твит, од 17 јануари 2024 година, дека тој веќе кажал дека видеото е сатира, „но некои со низок IQ или можеби луѓето на Клаус Шваб упорно се обидуваат да стават белешки од заедницата на тоа“.

По ова, на социјалната мрежа Х беше објавено и ново сатирично видео на кое Имани, со помодрено око, им се извинува на учесниците на конференцијата во Давос.

Како што пишува Њузчекер.ин во својата анализа на видеото, ликот на Имани, тој дел во виралното видео има различно осветлување, што сугерира дека е монтирано.

Исто така, виралниот извадок на кој се прикажани Шваб и Виола Амхерд, претседател на швајцарската конфедерација, како ја напуштаат сцената, е преземен од видеото од официјалниот канал на СЕФ на Јутјуб, поставено на 16 јануари 2024 година, што докажува дека виралното видео е монтирано (на 27:09.минута од видеото). Во оригиналната снимка од презентацијата што ја пренесува СЕФ во живо не може да се види никаков експлозивен испад.

Дополнително, пребарувањето (архивирано овде) на веб-страницата на Светскиот економски форум не покажа никакви резултати, како што се соопштенија за печатот, за да се потврди тврдењето дека Имани зборувал во Давос.

Дека видеото е сатира утврдиле и други проверувачи на факти како Сноупс , Асошиејтед прес, Ју-ес-еј тудеј, Лидсторис.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека видеото во кое момче од говорницата во Давос му упатува навредливи зборови на Клаус Шваб е монтирано и сатирично, иако истото се споделува како вистинито. Виралниот извадок на кој се прикажани Шваб и Виола Амхерд, претседател на швајцарската конфедерација, како ја напуштаат сцената, е преземен од видеото од официјалниот канал на СЕФ на Јутјуб, поставено на 16 јануари 2024 година, што исто така докажува дека виралното видео е монтирано Имајќи го предвид сето ова, објавите кои ги посочивме во нашата рецензија ги оценуваме како неточни, односно како дезинформации.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција