Москва 2024 г. ја демаскираше Москва од 2022 г. – специјалната операција стана војна

Фото: Фото: Aghyad Najjar на Pexels

Сите случувања во март околу и за Украина, како и во самата Русија, недвосмислено укажуваат на еден факт – Москва повеќе не се обидува да ги сокрие своите намери и крајната цел во врска со агресијата врз Украина што ја започна во февруари 2022 година. „Чудесно“ трансформирајќи ја својата „специјална воена операција“ во војна, Москва ја признава својата намера за уништување на Украина онаква каква е зачленета во Обединетите нации. Овие отворени најави на намерите, што се појавија веднаш по новиот претседателски мандат на Владимир Путин, се поткрепени со засилени дезинформациски наративи за Запад како учесник на војната во Украина и со силни обиди да му се припише на Киев организацијата на терористичкиот напад во Москва 

Сите случувања во март околу и за Украина, како и во самата Русија, недвосмислено укажуваат на еден факт – Москва повеќе не се обидува да ги сокрие своите намери и крајната цел во врска со агресијата врз Украина што ја започна во февруари 2022 година. „Чудесно“ трансформирајќи ја својата „специјална воена операција“ во војна, Москва ја признава својата намера за уништување на Украина онаква каква е зачленета во Обединетите нации. Овие отворени најави на намерите, што се појавија веднаш по новиот претседателски мандат на Владимир Путин, се поткрепени со засилени дезинформациски наративи за Запад како учесник на војната во Украина и со силни обиди да му се припише на Киев организацијата на терористичкиот напад во Москва 

 

 

Од морето настани што се случуваа во март, а кои се поврзани со руската инвазија на Украина, веројатно најважно е демаскирањето што го направи Москва на својот досегашен лажен наратив дека нејзините трупи во Украина се во функција на „специјална воена операција“, па така сега го трансформираше терминот во војна. Она што остана константа што може да се следи низ медиумите на македонски јазик и социјалните мрежи, се дезинформациите околу причините зошто се води, сега војната – нешто што за сите во светот беше очигледно, освен за граѓаните на Русија и нејзините сателити.

Трансформацијата се случи само неколку дена по претседателските избори во Русија на кои Владимир Путин го освои својот нов мандат, а зборовите ги изговори гласноговорникот, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, кој рече дека Русија е во воена состојба. Смената на терминологијата од „специјална воена операција во „војна“ беше обзнанета во интервју за неделникот Аргументи и факти, пренесуваат медиуми на македонски јазик.

„Ние сме во воена состојба. Да, започна како специјална воена операција, но штом се формираше оваа толпа таму, кога колективниот Запад стана учесник во неа на страната на Украина, тоа стана војна за нас“, рече Песков, пренесува ДW на македонски јазик.

Имаме четири нови субјекти на Федерацијата и за нас најважно е луѓето во тие субјекти да бидат безбедни, како и да ги ослободиме териториите на тие субјекти, кои во моментов се де факто окупирани од режимот во Киев, нагласи Песков. Тој додал дека Русија нема да дозволи состојба некоја држава да го загрози руското присуство на полуостровот Крим, кој што исто така е анектиран.

Дојче Веле потсетува дека Руската државна пропаганда, во прв ред претседателот Владимир Путин, постојано зборуваа за „специјална операција“. И покрај тоа што станува збор за агресорска војна, се тврдеше дека немало напад врз Украина. Дури и употребата на зборот војна за воениот конфликт во Украина беше забранета од страна на руските власти, потсетува Дојче Веле.

Разурнувањата во Буча 2022. Фото: Rawpixel.com

 

Засилени дезинфо пораки дека Запад е во Украина

Деновите пред, а и по претседателските избори во Русија, беа искористени за засилено повторување на дезинформациски изјави и пораки дека Запад е во Украина и дека Русија војува со Запад, а Украинците се само искористени како прокси елемент.

Прв елемент што послужи за вака засилена кампања беше пробиениот разговор меѓу високи офицери на германската армија. Тајно снимените разговори кои беа објавени на руските канали на Телеграм и на државниот канал на руската телевизија, беа повод да се јави најголемиот пропагандист и јастреб околу Путин, експретседателот Дмитриј Медведев.

Обидите разговорот на офицерите на Бундесверот да се прикаже како игра со ракети и тенкови е злонамерна лага. Германија се подготвува за војна со Русија, изјави тој на својот канал Телеграм.

Само ден потоа, наративот на Медведев го потврдува и официјален Кремљ преку изјава на портпаролот Дмитри Песков:

Самото видео покажува дека Бундесверот конкретно разговара за плановите за изведување воздушни напади на руска територија. За тоа нетреба никакво правно толкување. Тука сè е повеќе од очигледно. Тука треба да откриеме дали Бундесверот тоа го прави самоиницијативно. Тогаш се поставува прашањето колку Бундесверот е под контрола, а колку Шолц ја има ситуацијата под контрола? Или тоа е дел од политиката на германската влада? Двете сценарија се многу лоши. И двете повторно го нагласуваат директното вклучување на државите од колективниот Запад во конфликтот околу Украина, – додаде портпаролот, пренесоа медиуми на македонски јазик.

Германската истрага покажа дека еден од офицерите се вклучил на состанокот преку небезбедна линија од Сингапур, каде што имало авиомитинг на кој учествувало и германското воено воздухопловство и дека на тој начин снимката стигнала до руското разузнавање. Содржината на разговорот во суштина е разгледување на можноста Германија да ѝ даде на Украина германски далекустрелни ракетни системи „Таурус“ и дали Украинците можат сами да ги користат или ќе бидат неопходни германски офицери да ракуваат со нив. Се разговарало и за наводна цел на Крим, а Москва сето ова го искористи за ширење на дезинфо наратив дека Берлин се подготвува за напад на цели на руска територија.

Втор елемент што го засили впечатокот во јавноста за да биде поуверлив рускиот наратив дека е во војна со Запад, беше повторувањето на контроверзната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон за можната потреба за испраќање на војници на територијата на Украина. Отворајќи ја повторно можноста еден ден Европа да мора да испрати војници во Украина, Макрон подвлече дека сега не е тој момент, јавуваат медиумите на македонски јазик.

Денес не сме во оваа ситуација, но сите овие опции се можни, пишува Дојче Веле на македонски јазик за изјавата на Макрон, кој оценил дека „во оваа војна е загрозена безбедноста на Европа“.

Русија како повод го искористи и миротворниот повик на Папата

Изјавата на Папата Франциск  во едно интервју, дека Украина треба да има храброст да употреби бело знаме во војната со Русија за да се спасат илјадници животи, предизвика жестоки критики од страна на Украина, но и нова доза руска пропаганда околу вмешаноста на Запад во војната.

Иако од канцеларијата на Папата се обидоа да толкуваат дека тој не ја повикал Украина да се предаде, туку да преговара за прекин на огнот и дека белото знаме е само метафора, Украина возврати преку шефот на дипломатијата Дмитро Кулеба, според кого Украина нема никогаш да капитулира. Тој го повика Ватикан да ја поддржи Украина и да не прави грешки како во Втората светска војна кога не сторил ништо против нацистичката тиранија.

М. Захарова. Фото: МНР на РФ/Мета.мк

Но, поважно е што Москва не почека ни момент за да ја искривоколчи изјавата на Папата и да ја стави во погон на својот дезинформациски наратив за Западот. Тоа го стори портпаролката на руското МНР, Марија Захарова:

Како што гледам, Папата бара од Западот да ги остави настрана своите амбиции и да признае дека не е во ред, ја цитира АНСА изјавата на Захарова. „Што се однесува до Русија, никогаш не сме ги блокирале преговорите“. Во исто време, Захарова додаде дека ситуацијата во Украина е „без излез“, ја пренесуваат изјавата на портпаролката некои од медиумите на македонски јазик.

Изнасилени обиди на Москва да го поврзе Киев со нападот во Москва

Гнасниот терористички чин во концертната сала во Москва „Крокус сити хол“ во кој загинаа нешто помалку од 150 цивили (иако бројката е уште привремена), ја покажа и тенденција на Русија да ја поврзе Украина на кој било начин со нападот.

Овие обиди почнаа веќе следниот ден, по само десетина часа од нападот. Откако во текот на ноќта и утредента на (22/23.03.2024), беа уапсени 11 лица за кои се тврдеше дека се вмешани во нападот, беше соопштено официјално, дека четворица од уапсените кои биле директни извршители биле пресретнати во близина на украинската граница, пренесуваат медиумите на македонски јазик. Тоа го кажа и рускиот претседател Путин во обараќањето до јавноста на 23 март, ден по нападот, при што рече дека терористите се упатиле кон Украина, каде што ги чекал безбедносен коридор.

Ова тврдење беше веднаш отфрлено од украинските безбедносни органи, исто како што веднаш, по самиот терористички чин Украина соопшти дека нема ништо со тоа, но дел од руските опозициски медиуми веќе го оценија ваквиот развој на настаните како почеток на трката да се обвини Украина.

Скриншот од моментот на нападот. Фото: Телеграм/Мета.мк

Претходно, САД потврди дека Русија била предупредена дека претстои можен терористички напад на места каде се собираат голем број лица, но рускиот претседател таквите предупредувања ги нарекол „провокативни“, пренесуваат медиумите, повикувајќи се на руската агенција ТАСС од 19 март. Но, руската пропагандна медиумска групација Спутник, преку своето индиско издание излезе со тврдење дека сè повеќе било јасно дека САД ѝ го соопштиле ова предупредување на Русија не за да ја заштитат, туку повеќе како начин да ја одбегнат вината на Украина која била вмешана во нападот. Притоа се тврди дека предупредувањето на Американците било општо, за да се заштити изворот, па затоа можеби и не било можно да било третирано многу посериозно.

Уште во оваа фаза, два-три дена по нападот, за дел од медиумите на Запад станува јасно дека на Путин не му одговара верзија во која Украина не би била вмешана, барем делумно во тероризмот, па оттука заклучокот и на дел од светските медиумски аналитичари, делумно и на политичарите, дека Русија сака да го искористи нападот како чин кој ќе овозможи порадикални политики во воената агресија врз Украина. Впрочем, украинскиот претседател Зеленски тоа го кажа уште веднаш по нападот, а го повтори и три дена по нападот.

Еден од медиумите на македонски јазик во текст во кој се сублимираат сознанијата објавени и низ светските медиуми, пишува дека терористите биле упасени во село кое е многу поблиску до границата со Белорусија отколку со Украина, како контрапункт на руските тврдења без докази.

 

Вината на Украина е несомнена во руските изјави 

Иако под притисок на многу докази за преземена одговорност од страна на ИСИС-К, планирани, па пресретнати напади и пред да се случат, Путин даде изјава дека знаат „дека злосторството го извршиле радикални исламисти“, но тој не се откажа од нивната врска со Украина, тврдејќи без докази дека тие се упатиле таму. Ден подоцна и официјални лица од кругот на Путин изјавија дека Украина стои зад нападот. Тоа се Секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев и шефот на домашната служба за безбедност ФСБ Александар Бортников, пренесуваат медиуми на македонски јазик. Додека за Патрушев несомнено Украина стоела зад нападот, за Бортников тоа е општ заклучок во кој нема сомневање, но дека допрва треба попрецизно да дознаат кој конкретно го наредил нападот.

За да се заокружи ова уверување што треба да биде пласирано и во домашната и во меѓуародната јавност се јави и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Таа најпрво упати прашање до Белата куќа: Дали сте сигурни дека е Исламската држава. Можеби треба да размислите повторно“, додавајќи дека ја шират оваа теза само да ги заштитат „своите штитеници“ во Киев. Потоа, на друг брифинг со новинарите, како што пренесуваат медиумите на македонски јазик, појаснила дека исламската држава нема капацитет да изведе таков напад. А за тврдењата на САД и на Обединетото Кралство, изјави:

За да ги оттргнат сомнежите на колективниот Запад, итно мораа да смислат нешто, па прибегнаа кон ИСИС. Извлекоа ас од ракавот, буквално неколку часа по терористичкиот напад англосаксонските медиуми почнаа да ги шират токму тие верзии.

Последните вести при крајот на март беа прво дека терористите биле платени од украински националисти, по што следуваше и официјално обвинување дека Украина стои зад нападот. Притоа Москва од официјален Киев бара испорачување на сите посочени лица инволвирани за нападот врз Крокус салата, но и други терористички акти од 2022 година досега, вклучувајќи го и шефот на украинската служба за безбедност СБУ, Васил Маљук. Одговорот беше дека тоа е „цинично“ барање од земја која извршува терористички акции.

В. Путин. Фото: en.kremlin.ru

Постојат повеќе тези врз база на анализи и врз база на истражување, зошто рускиот естаблишмент сака по секоја цена да ја инволвира Украина во терористичкиот напад. Тие се движат од ублажување на впечатокот во домашната јавност дека Путин не може да ја обезбеди сигурноста што ја ветил само една недела претходно на изборите, потоа се споменува огромната преоптовареност на руските антитерористички безбедносни структури и со други прашања што се од интерес на Кремљ, (опозициски групи како онаа на покојниот Навални, ЛГБТ групи, и др.), до потребата да избегнат засилени мерки за влез на руска територија на лица од поранешните советски републики кои се муслимани, а кои сочинуваат добар дел од работната сила во Русија.

Но, исто така не е исклучено дека обвинението против Украина треба да биде само предтекст за засилена воена офанзива во момент кога Украина се соочува со недостиг од муниција и современи против-воздушни системи, после која најмалку Харков би бил заземен и анектиран во новите руски територии во кои засега припаѓаат најмалку 25 отсто од територијата на државата Украина. Оваа можност за рускиот независен медиум Медуза неодамна ја потврдиле луѓе блиски до претседателската администрација во Москва, а украинскиот претседател Зеленски пред неколку дена предупреди дека руската офанзива е планирана за во мај-јуни и дека безбедносните сили на Украина не се подготвени да ја спречат. Ваквиот предтекст и мотив го потврдуваат и некои од домашните аналитичари, поточно генералот Методи Хаџи Јанев.

 

На социјалните мрежи доминираа антиваксерските и дезинформациите за Украина

Следењето на дезинформациите на социјалните мрежи покажа дека во март доминираа антиваксерските дезинформации, што може да се види и преку брз преглед на рубриката Проверка на факти на Вистиномер. Но, засилените активности околу Украина и големото количество руски дезинформации не останаа незабележани и кај корисниците на Фејсбук што употребуваат македонски јазик. Па така, додека беше актуелна изјавата на Макрон, Вистиномер рецензираше три такви објави, од кои во едната се тврдеше дека е сатанист, додека во другата се тврди дека има проблеми со родовата припадност, а во трета е прикажан како геј и наводно се љуби со Зеленски во уста. На почетокот на месецот рецензирано е старото тврдење на руската пропаганда за постоење на биолошки лаборатории на територија на Украина, а забележани се дезинформации околу терористичкиот напад во Москва.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција