На Фејсбук повторно се шират конспирации за пандемијата и „длабоката држава“

Фото: pixabay.com - принтскрин колаж

Објавата произволно тврди дека пандемијата на ковид била лажна и дека луѓето треба да се борат против некакви сатанисти и против некоја длабока држава. Пандемијата и коронавирусот беа реални и однесоа многу човечки животи, менувајќи го начинот на живот на луѓето и за тоа има медицински докази и факти. Конспирациската теорија за длабока држава особено зема залет за време на претседателствувањето на Трамп во САД, а тој и некои републиканци ја искористија оваа теорија за да ги објаснат нивните правни проблеми и неправилности во работењето

Објавата произволно тврди дека пандемијата на ковид била лажна и дека луѓето треба да се борат против некакви сатанисти и против некоја „длабока држава“. Пандемијата и коронавирусот беа реални и однесоа многу човечки животи, менувајќи го начинот на живот на луѓето и за тоа има медицински докази и факти. Конспирациската теорија за длабока држава особено зема залет за време на претседателствувањето на Трамп во САД, а тој и некои републиканци ја искористија оваа теорија за да ги објаснат нивните правни проблеми и неправилности во работењето

 

Објава на Фејсбук ги шири добро познатите теории на заговор поврзани со пандемијата на ковид-19 и наводната „длабока држава“.

OD POJAVUVANJETO NA NAVODNATA PANDEMIJA, ODNOSNO PLAN’DEMIJATA SO NAVODNIOT KORONA VIRUS – “KOVID-19”, GLAVEN PRIORITET NA SITE NARODI VO SVETOT, ZARADI OPSTOJUVANJE I NORMALNO NATAMOŠNO EGZISTIRANJE NA SEBE SI, SEMEJSTVOTO, DRŽAVATA I CELOTO ČOVEŠTVO, TREBA DA BIDE OSVESTUVANJE I PRUŽANJE NA GOLEM OTPOR I BORBA SO SATANISTITE OD “DLABOKATA DRŽAVA” I NIVNATA ‘MREŽA” VO CELIOT SVET, A NE ŠIRENJE NA OMRAZA I MEĐUSEBNO VOJUVANJE NA ODREDENI DRŽAVI SO CEL OSVOJIVANJE I GRABEŽ NA BOGATSTVA, TERITORII I DRUGI CELI… !!!

Објавата прво тврди дека пандемијата на ковид-19 била лажна, нарекувајќи ја пландемија. Ова е познат, широко распространет термин и особено за време на пандемијата го користеа движењата против вакцините, таканаречените антиваксери, ширејќи го наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“.

Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број на објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија. Во нашата земја од почетокот на ковид пандемијата, заклучно со 18.10.2022 година, дијагностицирани биле 343.722 лица, а починале 9.554 (објавено на платформата arcgis.com (GDI), а врз основа на податоци од Министерство за здравство и Институт за јавно здравје).

Според Светската здравствена организација (СЗО) во С. Македонија, од 3 јануари 2020 година до 16 август 2023 година, има 348.374 потврдени случаи на ковид-19, а 9.941 смртни случаи.

На глобално ниво, до 16 август 2023 година во СЗО се пријавени 769,774,646 потврдени случаи на ковид-19, а регистрирани се и 6,955,141 смртни случаи.

Сите овие бројки не се само статистика, туку вистински луѓе. Неможно е да се манипулира со толкав број на заразени доколку ковид-19 не постоеше. Ширењето на вакви теории базирани на немедицински пристап, претставуваат опасност и се штетни за јавното здравје.

 

Повторно конспирации со „длабока држава“ – deep state

Понатаму, објавата ја спомнува и познатата теорија на заговор за „длабоката држава“. Според американската теорија на политички заговор, длабоката држава е тајна мрежа на членови на федералната влада (особено во рамките на ФБИ и ЦИА), кои работат заедно со финансиски и индустриски ентитети и лидери на високо ниво, за да ја практикуваат власта заедно или во избраната влада на Соединетите Американски Држави.

Терминот „длабока држава“ потекнува од 1990-те како референца на наводна долгогодишна длабока држава во Турција, но почна да се користи за американската влада, вклучително и за време на администрацијата на Барак Обама. Сепак, теоријата достигна мејнстрим признавање под претседателството на Доналд Трамп, кој ја посочи наводната „длабока држава“ со назнака дека таа работи против него и агендата на неговата администрација. Употребата на Твитер профилот на Трамп, во комбинација со други елементи на десничарските популистички движења за време на неговото претседателствување, роди бројни групи за теорија на заговор, како што е Кју анон.

Во САД, Трамп и некои републиканци ја искористија теоријата за длабока држава за да ги објаснат нивните законски проблеми и неправилности во работењето. На пример, Џорџ Пападопулос, советникот на Трамп за време на неговата претседателска кампања, кој се изјасни за виновен за лажење на ФБИ,  во 2019 година објави книга со наслов:

Мета на длабоката држава: Како ме фатија на нишан на заговорот за соборување на претседателот Трамп

Доналд Трамп ја споделуваше теоријата на заговор за длабока држава во текот на неговото претседателствување – почнувајќи со истрагата на ФБИ за Русија за изборите во 2016 година. Тој тогаш ги обвини ЦИА и Пентагон дека се дел од длабоката држава.

На митинг во 2018 година, Трамп рече:

Неизбраните, длабоки државни оперативци кои им пркосат на гласачите, за да ги истуркаат своите тајни агенди, се навистина закана за самата демократија.

Дел од непоткрепените и бизарни тврдења на Кју анон се и оние дека сите претседатели во поновата историја на САД се марионети поставени на власт од глобалната елита, која ја нарекуваат длабока држава (deep state, или кабала, како што ја нарекуваат тие).

Според теоријата на заговор, има и чесни луѓе во системот наречени „бели капи“ кои работат за спречување на плановите на длабоката држава.

Вистиномер во повеќе наврати ги разобличува невистините и манипулациите на следбениците на оваа теорија кои пласираат дезинформации и во С. Македонија. Такви примери може да погледнете на следните линкови (тука, тука, тукатука).

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата произволно тврди дека пандемијата на ковид била лажна и дека луѓето треба да се борат против некакви сатанисти и некоја длабока држава. Пандемијата и коронавирусот беа реални и однесоа многу човечки животи, менувајќи го начинот на живот на луѓето и за тоа има медицински докази и факти, наспроти објавата која за своите тврдења не нуди докази. Конспирациската теорија за длабока држава особено зема залет за време на претседателствувањето на  Трамп во САД, а тој и некои републиканци ја искористија оваа теорија за да ги објаснат нивните законски проблеми и неправилности во работењето.

Според тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција