Наспроти дезинформацијата дека се бездетни, повеќето европски лидери имаат деца

Фото: Bruno Pixabay

Невистинита објава на Фејсбук тврди дека лидерите на земјите членки на ЕУ немаат потомство. Наспроти тоа, проверката на Вистиномер покажа дека најголемиот дел на премиерите и претседателите на земјите членки на ЕУ имаат деца, вклучително и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која има седум деца. Објавата фактички ги демонизира западните вредности кои ја фаворизираат личната слобода и избор кој вклучува и право да се избере да се биде родител, или да се нема таква желба

Невистинита објава на Фејсбук тврди дека лидерите на земјите членки на ЕУ немаат потомство. Наспроти тоа, проверката на Вистиномер покажа дека најголемиот дел на премиерите и претседателите на земјите членки на ЕУ имаат деца, вклучително и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која има седум деца. Објавата фактички ги демонизира западните вредности кои ја фаворизираат личната слобода и избор кој вклучува и право да се избере да се биде родител, или да се нема таква желба

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Повеќето од европските лидери немаат деца, а со тоа имаат 0 инвестиции за иднината на нивните земји.

Следење на такви ентитети, кои се обични слуги на една умно пореметена обезбожена елита, која има умоболна проекција за одроден свет е самоуништување.

Европската Унија има 27 членки и тие може да се видат на овој линк. Станува збор за Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, каде се наведува дека европските лидер немаат деца, „Вистиномер“ ги пребара биографиите на актуелните премиери и претседатели на секоја од овие држави посебно и утврди дека најголемиот дел од нив имаат деца, вклучително и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која има седум деца.

Австрискиот канцелар (премиер), Карл Нехамер има две деца. Претседателот на Австрија, Александер Ван Дер Белен има два сина

Премиерот на Белгија, Александар Де Кру има две деца, додека белгискиот крал Филипе има четири деца.

Премиерот на Бугарија, Николај Денков има едно дете, а претседателот на Бугарија, Румен Радев има две.

Премиерот на владата на Хрватска, Андреј Пленковиќ има три деца, а  претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ има два сина.

Претседателот на Кипар, Никос Кристодулидес има 4 деца.

Премиерот на Чешка, Петр Фиала има 3 деца, исто како и претседателот на Чешка, Петр Павел.

Премиерката на Данска има две деца кои ја поддржуваат во политичката кариера.

Алар Карис претседателот на Естонија има 3 деца и 5 внучиња. Премиерката на оваа европска држава, членка на ЕУ, Каја Калас има три деца. 

Премиерот на Финска, Петери Орпо има 2 деца a претседателот има три. 

Премиерката на Франција, Елизабет Борн исто така има дете, а претседателот на Франција, Емануел Макрон нема биолошки деца.

Претседателот на Германија, Френк Валтер Штајнмајер има ќерка, Мерит Штајнмајер.

Канцеларот на Германија, Олаф Шолц е во долгогодишен брак и нема деца.

Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу  има едно дете, а премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис има три деца.

Виктор Орбан има 5 деца и тој е премиер на Унгарија. Претседателката на Унгариаја, Каталин Новак има 3 деца. 

Премиерот на Ирска нема дете , претседателот на Ирска има 4 деца. 

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони има едно дете, претседателот на Италија има 3 деца.

Премиерката на Латвија има 3 деца, претседателот на Латвија нема деца.

Претседателот на Литванија има 2 деца, премиерот на Литванија, Ингрида Шимоните нема деца.

Премиерот на Луксембург нема деца.

Премиерот на Малта има ќерка, а претседателот на Малта има 3 деца. 

Премиерот на Холандија Марк Руте нема деца. 

Претседателот на Полска има едно дете, премиерот на Полска има 4 деца. 

Премиерот на Португалија, Антонио Коста има две деца, а претседателот на Португалија има две деца. 

Премиерот на Романија има едно дете, а претседателот на Романија нема. 

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо има син, а претседателот на државата, Сузана Чапутова има 2 ќерки. 

Роберт Голоб, премиер на Словенија има 3 деца, а претседателката на Словенија има син. 

Премиерот на Шпанија Педро Санчез има 2 деца, премиерот на Шведска има 3 деца.

Објавата што се споделува на Фејсбук е во контекст на пропагандистичкото претставување на Западот и ЕУ како безбожен ентитет. Наративите за дезинформации засновани на вредности обично се фокусираат на загрозени концепти како „традиција“, „пристојност“, термини кои имаат позитивна конотација, но ретко се јасно дефинирани.

Западната концепција за вредности ги фаворизира индивидуалните права на личен интегритет, безбедност и слобода на изразување и ги почитува и овозможува и индивидуалните религиозни права на граѓаните, односно практикувањето на религијата. Во пропангандистичките наративи овозможувањето на индивидуалните права и слободи во западните земји, пропагандистичките наративи го изедначуваат со безбожност, особено во контекст на индивидуалните права на ЛГБТ заедницата. Во секоја ЕУ земја граѓаните имаат слобода да практикуваат религија да имаат или да немаат деца итн.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Најголемиот дел од европските лидери, премиер или на претседатели на држави, имаат деца. Независно од изборот да имаат деца или да немаат деца, тоа не ги прави слуги на „обезбожени елити“ кои заговараат самоуништување. Вториот дел од објавата е со цел демонизирање и пропаганда против западните вредности кои ја фаворизираат личната слобода и избор кој вклучува и право да се избере да се биде родител, или да се нема таква желба.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција