Не е точно дека Амишите не се вакцинираат и не заболуваат од болести

Фото: Joe KeimPixabay

Студии покажуваат дека Амишите не се во потполност невакцинирани. Исто така, има студии и пракса која покажува дека тие заболуваат од болести, иако во помал обем отколку останатиот дел од популацијата, најверојатно поради нивниот начин на живот. Друго можно објаснување е тоа што заедницата на Амишите е релативно изолирана, има ограничена интеракција со здравствените служби, па веројатно поради тоа многу случаи на аутизам или рак, едноставно не се откриени

Студии покажуваат дека Амишите не се во потполност невакцинирани. Исто така, има студии и пракса која покажува дека тие заболуваат од болести, иако во помал обем отколку останатиот дел од популацијата, најверојатно поради нивниот начин на живот. Друго можно објаснување е тоа што заедницата на Амишите е релативно изолирана, има ограничена интеракција со здравствените служби, па веројатно поради тоа многу случаи на аутизам или рак, едноставно не се откриени

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

0% ВАКЦИНИСАНИ, НЕМА БОЛЕСТИ ЗА АМИШИТЕ.

Амишите се христијанска група од околу 360 илјади луѓе од кои поголемиот дел живеат во САД. Живеат во многу поврзани заедници кои одржуваат ограничен контакт со останатиот дел од општеството. Обично го следат прединдустрискиот начин на живот, избегнувајќи ја употребата на современата технологија. Објавените научни студии покажуваат дека Амишите не се 0 проценти вакцинирани.

Меѓутоа, важно е да се истакне дека е тешко да се добијат конзистентни проценки за застапеноста на вакцинацијата кај Амишите, бидејќи тие живеат во блиски заедници без телекомуникации, поради што различните студии известуваат за различни нивоа на вакцинална покриеност, пишува сајтот Хелт Фидбек.

Во 2011 година студија во која учествувале 359 родители Амиши открила дека само 14 проценти пријавиле дека ниедно од нивните деца не е вакцинирано. Студија од 2017 година во која учествувале 84 родители Амиши, открила дека 97 проценти од нив прифатиле барем некаква вакцинација за своите деца. Студија од 2021 година во која учествувале 391 родител, покажала дека 41 проценти од испитаниците прифатиле барем некои вакцини за своите деца.

Наведените студии се потпираат на добиени информации по пат на прашалник, односно на подготвеноста на семејството да го пополни прашалникот и да го вратат назад преку пошта. Овој метод на собирање информации би можел да доведе до пристрасност бидејќи оние кои одговараат можеби не би биле репрезентативни за популацијата на Амишите во целина, пишува Хелт Фидбек. 

Но секако, резултатите покажуваат дека Амишите не се во потполност невакцинирани.

Во врска со ваквите тврдења како изнесените во објавата што ја рецензираме, проверувачите на факти на Истиномер пишуваат дека јавно достапните податоци говорат дека значаен дел од родителите Амиши ги вакцинираат своите деца.

Студиите, исто така, покажаа дека Амишите заболуваат од рак, дијабетес и аутизам. Во извештајот од конференцијата на Меѓународното друштво за истражување на аутизмот од 2010 година, се наведува дека „преваленцата на аутизмот е 1 на 271, меѓу децата во заедниците на Амишите”.

Преваленцата била пониска во споредба со вкуптната распространетост во САД, од 1 на 91, но никако не била нула. Студија на група Амиши спроведена од 1996 до 2003 година покажала дека меѓу Амишите се јавува рак, иако во помал степен отколку во општата популација.

Во презентацијата на годишниот состанок на Американското здружение за јавно здравје во 2005 година, соопштено е дека жените Амиши имале рак на дојка, иако во помала мерка отколку жените во општата популација. Меѓутоа, прелиминарните податоци сугерираат дека нивниот степен на смртност од рак на дојка е повисок отколку кај жените од општата популација.

Бидејќи жените Амиши умираат со повисока стапка од карцином што може да се спречи, развиени се стратегии за откривање на туморот насочени кон жените Амиши по пат на мобилна мамографија, наведува Хелт Фидбек.

Студија од 2000 година забележува случаи на дијабетес меѓу Амишите, со пониска преваленца во споредба со општата популација. Брекстон Мичел, епидемиолог од Универзитетот Мериленд кој се специјализирал за проучување на болестите кај Амишите, потврдил за Политифакт дека меѓу Амишите се јавуваат случаи на аутизам, рак и дијабетес.

Помалата стапка на различни здравствени состојби како рак и дијабетес, може да е последица на одредени фактори поврзани со начинот на живот поврзани со Амишите, како што е исхрана со малку преработена храна, непушењето и зголемената физичка активност.

Друго можно објаснување е дека заедницата на Амишите релативно е изолирана со ограничена интеракција со здравствените служби. Затоа е веројатно дека многу случаи на состојби како аутизам или рак едноставно не се откриени. Важно е да се има предвид дека двете објаснувања за овој феномен меѓусебно не се исклучуваат, пишува Хелт Фидбек.

Врз ширењето на дезинформациите за здравјето на Амишите влијаеше и сведочењето на бизнисменот Стив Кирш пред панелот за медицинска слобода 2023 година, во сенатот на Пенсалванија на 9 јуни 2023.

Во своето сведочење Кирш тврдеше дека разговарал со Амиши во округот Ланкастер и дознал дека само 5 членови од заедницата починале коронавирус, пишува Асошиејтед Прес.

Кирш во сведочењето рече дека децата Амиши не пателе од рак, дијабетес, аутизам, автоимуни болести и низа други болести, притоа недавајќи никакви докази.

Научните студии потврдуваат дека смртноста меѓу Амишите била висока во текот на пандемијата. Во оваа заедница е забележан зголемен ризик од умирање во текот на пандемијата со ковид-19 во споредба со популацијата на САД.

Епидемиолошки и клинички студии покажуваат дека вакцините не предизвикуваат аутизам, ефикасно го намалуваат ризикот од потенцијални смртоносни детски болести како сипаници, на пример.

Вистиномер и претходно има дебанкирано слични тврдења.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција