Не е точно дека сè повеќе луѓе паѓаат мртви во програма во живо

Фото: pixabay.com

Онесвестувањата коишто се прикажани во видеата споделени во овој пост не се поврзани со 5Г или со ковид вакцините, туку со замор или точно утврдени медицински состојби од кои за жал, страдаат и новинарите и презентерите, како и луѓе од секаков профил на професии. Само една личност од сите коишто се презентирани во трите видеа е почината и тоа не станува збор за медиумско лице, туку за момче од Индија кое добило срцев удар додека седело на мотор пред хотел во Валсад Гуџарат, а во извештаите од настанот не се спомнува ниту вакцина, ниту 5Г технологија.

Онесвестувањата коишто се прикажани во видеата споделени во овој пост не се поврзани со 5Г или со ковид вакцините, туку со замор или точно утврдени медицински состојби од кои за жал, страдаат и новинарите и презентерите, како и луѓе од секаков профил на професии. Само една личност од сите коишто се презентирани во трите видеа е почината и тоа не станува збор за медиумско лице, туку за момче од Индија кое добило срцев удар додека седело на мотор пред хотел во Валсад Гуџарат, а во извештаите од настанот не се спомнува ниту вакцина, ниту 5Г технологија

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделуваат три видеоматеријали на кои се гледаат телевизиски лица или презентери кои се онесвестуваат во програма, како и други видеоматеријали во кои се шири теоријата на заговор дека со помош на 5Г технологијата може да се следат лоцираат и пронајдат вакцинираните личности и да се убијат.

Сè повеќе луѓе паѓаат мртви во живо, се вели во описот на постот.

На првото видео е претставен исечок од утринската емисија KCal news mornings која се емитува на Си Би Ес телевизија во САД. Кога двете водителки Нишел Медина и Рејчел Ким ја најавуваат временската прогноза која во живо треба да ја претстави метеорологот Алиса Карлсон, која уште пред да изговори што било се онесвестува во програмата, по што водителките најавуваат пауза.

На 21 март 2023 година, три дена после видеото коешто е претставено во постот (кога Карлсон се онесвестува), таа во живо гостува на Си Би Ес Њуз каде со доктор Џон Лапук дискутираат за нејзината здравствена состојба, за која јавно е известено дека е предизвикана од „вазовагална синкопа“ и тоа известување може да го видите на следниот линк, објавено на самата телевизија. Всушност, телевизијата го искористи немилиот настан кој ѝ се случи на Карлсон, за да ја едуцира публиката за тоа што е „вазовагална синкопа“. На 2 минута и 33 секунда може да го слушнете докторот Лапук како објаснува дека симптомите се: бледа кожа, вртоглавица, заматен вид, гадење, чувство на топлина и потење. Метеорологот Алиса Карлсон кажува дека подолго време пати од оваа здравствена состојба. Истата е позната во медицината со години наназад и македонското Министерство за здравство има објавено и протокол за згрижување. 

Значи, не е точно наведеното во постот што го рецензираме дека Карлсон паднала мртва, а исто така не е вистина и дека вакцината или 5Г технологијата на каков било начин се поврзани со нејзиното онесвестување.

Во второто видео кое може да го погледнете овде, се споделува материјал од човек кој е седнат на паркиран мотор и одеднаш паѓа односно губи свест, по што другите присутни му притрчуваат на помош. Сосема неаргументирано, видеото тврди дека она кое „не можете да го видите е дека со 5Г може да лоцираат вакцинирани лица и да ги убијат кога и да посакаат” (20 секунда од видеото).

Всушност, во видеото се тврди дека „вакцина плус 5Г е еднакво на геноцид“. Оваа теорија на заговор веќе е дебанкирана во текот на ковид вакциналната кампања, со оглед на тоа што беше многу актуелна и многу споделувана од страна на антивакциналните кругови.

5Г технологијата и вакцинацијата не се поврзани. Единственото заедничко за нив е што се случуваат во време на пандемија, кога дел од луѓето се окупирани со ширење на конспирации за дисквалификација на вакциналниот процес.

Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на 2020 година. Речиси сите релевантни здравствени институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

И претходно во текот на вакциналната кампања против ковид-19, повеќе различни случаи во кои телевизиски лица или непроминентни луѓе се онесвестуваа, беа злоупотребени односно лажно се тврдеше дека нивното онесвестување е предизвикано од вакцината. Меѓу нив имаше дури и лица за кои воопшто не беше познато дали се вакцинирани или не. Теоретичарите на заговори не бираа средства и тврдеа дека со вакцините ќе ни бидат контролирани мисловните процеси, движењето и дека ќе ни биде слободата. Сето тоа го правеа произволно и без никакви докази, со цел ширење паника кај населението и спречување на процесот на вакцинација.

За видеото известуваат индиските медиуми и тврдат дека станува збор за срцев удар после кој лицето починало и дека настанот се случил во Валсад Гуџарат. Не се споменува воопшто дали лицето е вакцинирано и никаква 5Г мрежа. Таткото на починатото момче е сопственик на хотел и срцевиот удар кој е снимен е од безбедносните камери на хотелот. Се известува дека момчето било однесено во болница и лекарот констатирал смрт поради срцев удар.

Третото видео во постот почнува со онесвестувањето на презентерката Џули Јо, која се онесвести додека во живо известуваше од Шарм Ел Шеик, Египет. Но, таа ниту е почината, ниту пак, нејзината состојба е поврзана со 5Г или со вакцините. Едноставно се работело за низок шеќер во крвта и дехидратација и таа е вратена на работа.

Во истото видео на 10 секунда се прикажува новинарката Џесика Роб од Си Ти Ви која вели дека не се чувствува добро. Во видеото се тврди дека причината поради која што новинарките паѓаат е што користат безжични микрофони. Што се однесува на Џесика Роб, новинарката е подобра (така извести нејзината телевизија) и повеќе детали за нејзината здравствена состојба не се споделија, Иако во описот на постот што го рецензираме се вели „сè повеќе луѓе паѓаат мртви во живо”, оваа новинарка ниту е мртва ниту падна во живо, туку само извести дека не се чувствува добро. Нема никакви докази дека вакцината или 5Г мрежата се причината за тоа што новинарката не се чувствувала добро.

Во ова видео се тврди дека луѓето умираат кога се наоѓаат во близина на електромагнетно зрачење, на места каде се полнат електрични автомобили. Причината, според видеото е дека во вакцините има нано капсули во чие јадро може да се постават токсини и после тоа со 5Г да се таргетираат индивидуите. Вистиномер дебанкираше слични тврдења на следниот линк. Апсолутно нелогичните и медицински неиздржани тврдења, кои се пласирани без докази целат исклучиво да предизвикаат паника, конфузија меѓу населението и да инсценираат теорија на заговор, иако причините за медицинските проблеми во некои од овие случаи кои се презентирани во видеата се медицински објаснети и станува збор за дијагнози.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Онесвестувањата коишто се прикажани во видеата не се поврзани со 5Г или со ковид вакцините, туку со замор или точно утврдени медицински состојби, од кои за жал, страдаат и новинарите и презентерите, како и луѓе од секаков профил на професии. Само една личност од сите коишто се презентирани во трите видеа е почината и тоа не станува збор за медиумско лице, туку за момче од Индија кое добило срцев удар додека седело на мотор пред хотел во Валсад Гуџарат, а во извештаите од настанот не се спомнува ниту вакцина, ниту 5Г технологија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција