Не е точно дека Трамп „се враќа на местото претседател наместо Бајден“
Написот, гледан во целина, е манипулативен и тој многу повеќе дезинформира отколку што информира. Манипулацијата е остварена преку недостиг на контекст во насловот, односно недостиг на минимумот неопходни информации преку кои би дознале повеќе за смислата на прашањето за наводното враќање на Трамп „на местото претседател наместо Бајден“
Информација за тоа дека доскорешниот претседател на САД, Доналд Трамп ќе се појави на Конференцијата на конзервативни политички акции, е пласирана со сензационалистички, неточен, кликбејт наслов:
Трамп се враќа на местото претседател наместо Бајден?
Насловот на оваа објава прво е неточен, второ не е компатибилен со објавениот текст и трето, технички е невозможен.
Пред неколку денови „Ројтерс“ први ја објавија информацијата дека Трамп ќе се појави на последниот ден од Конференцијата за конзервативни политички акации, која ќе се одржи во Орландо на 28 февруари. Тие текстот го објавија со наслов: „Трамп бара враќање во центарот на вниманието со обраќање на конзервативната средба“.
Текстот којшто е предмет на оваа рецензија се повикува на „Ројтерс“, изворот на информацијата е коректно даден, но не е ставен линк. Од содржината на текстот во никој случај не може да се извлече заклучок дека Трамп ќе се врати на местото претседател, наместо Бајден. Такво нешто воопшто не е спомнато во написот, за тој да се извлече ваков наслов.
А, освен што не е спомнато во текстот, тоа е апсолутно неточно и неизводливо.Трамп ги изгуби претседателските избори кои се одржаа на 3 ноември минатата година и сега нов официјален претседател на САД е неговиот противкандидат, Џо Бајден.
Бајден влезе во Белата куќа на 20 јануари оваа година и ја презеде претседателската функција од Трамп, кој ги загуби изборите со 306 наспроти 232 гласови од изборниот колеџ. Поранешниот претседател одби да го прифати тој резултат и два месеца лажно тврдеше дека неговата изборна загуба е резултат на широко распространета измама. Но, официјалните резултати говорат дека Бајден ќе биде претседател на САД во следните четири години.
Насловот на текстот е во прашална форма: „Трамп се враќа на местото претседател наместо Бајден?“ со која како да се прави обид за амнестија од типот „не рековме ние така, ние само поставивме прашање!“. Но, во овој случај, кога прашалната форма е искористена за да се имплицира дезинформација, тоа не помага. Нема начин, според Уставот на САД, Трамп да се врати „на местото претседател наместо Бајден“ и тоа особено нема начин за враќање на Трамп на претседателската функција, кој некако би бил поврзан со конзервативната конференција пред која тој ќе има обраќање. Ваквиот наслов, и покрај неговата прашална форма, претставува кликбејт, тој е сензационалистички и имплицира нешто што претставува дезинформација. Дополнително, пак, насловот и текстот под него имаат огромен недостиг на контекст, зашто никаде не е објаснето за какво враќање станува збор, односно каде, како и кога би се случило тоа.
Заради сето ова, написот, гледан во целина, е манипулативен и тој многу повеќе дезинформира отколку што информира. Манипулацијата е остварена преку недостиг на контекст во насловот, односно недостиг на минимумот неопходни информации преку кои би дознале повеќе за смислата на прашањето за наводното враќање на Трамп „на местото претседател наместо Бајден.“
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар